Успехот на хитчето „Деспасито“ не е неважен; тоа е одраз на веселата Америка во подем, Америка која не е на Трамп

Успехот на хитчето „Деспасито“ не е неважен; тоа е одраз на веселата Америка во подем, Америка која не е на Трамп

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Инсерт од видеозаписот на песната „Деспасито“
(Фото: Youtube screenshot)

Зошто „Деспасито“ е толку успешен хит?

Иако е убедливо најуспешната „каша-попара“ на различни народи и раси од светот, Њујорк и натаму има неколку чисти етнички квартови; еден од најистакнатите е и Спениш Харлем, дел од градот што граничи со Централ парк и со елитниот Апер Ист Сајд. Во Спениш Харлем главно живеат Порториканци и имигранти од Доминиканската Република, најголемото етничко малцинство во државата Њујорк. Така што, воопшто не е чудно, напротив, очекувано е таму некој да си ја потпевнува „Деспасито“. Но, сепак, оваа песна на шпански јазик се проби на врвот на топ-листите и во квартовите каде што не се зборува шпански јазик. Последен таков хит беше „Макарена“ пред 20 години. Па, зошто „Деспасито“ е толку успешен хит?

Америка која ги изгуби изборите


Кога се зборува за музиката, особено за летните поп-хитови, треба да се биде внимателен и од нивниот успех да не се извлекуваат повеќе заклучоци отколку што заслужуваат. Но, „Деспасито“ заслужи за него да се каже повеќе отколку за просечен летен хит, затоа што неговиот успех е одраз на една нова Америка која е во подем и која ќе ја одреди иднината на оваа земја и ќе влијае врз остатокот од светот. Таа Америка е значително поинаква од онаа на која сме навикнати, која ја познаваме од педесеттите до денес. Таа не е Америка на WASP-овците (бели, англосаксонски протестанти), туку Америка која е мултикултурна, католичка (и атеистичка) исто колку и протестантска, која е двојазична, Америка во која кога ќе повикате банка или водовод, ќе морате на телефонот да внесете 1 за англиски јазик или 2 за шпански, Америка која економски просперира од демографскиот раст, а единствена демографска група што расте е онаа што зборува шпански јазик.

Тоа е Америка која е повеќе мултикултурна од Германија под Ангела Меркел, која прифаќа стотици различни идентитети и успева да ги вткае во еден заеднички, американски идентитет. Во таа Америка се зборуваат сите јазици, но на крајот сите се расправаат и се разбираат на англиски. Америка која „падна“ на песната „Деспасито“ е Америка која не се плаши од своите различности, туку знае дека е посилна токму поради нив. И таа идеална Америка која ја обожава песната „Деспасито“ и верува во сите овие идеали, таа Америка ги изгуби изборите. Доналд Трамп е олицетворение на сѐ што не е таквата Америка. Тој е жив пример на сѐ сосема спротивно на таквите идеали на Америка.

Групата опортунисти на Трамп

Републиканската партија на Трамп, која настанала според благородните идеи на Абрахам Линколн дека ропството треба да се укине, бидејќи сите луѓе се еднакво добри или лоши, без разлика на бојата на кожа, престана да биде сила во американската држава која оди напред. Всушност, стана главна сила која влече назад. Републиканските претседатели своевремено биле предводници на „прогресивната доба“ – на американското општество не му ги наметнувале само светските трендови, туку самите поставувале нови, повисоки стандарди и за Америка и за остатокот од светот.  Уште во времето на Роналд Реган и Џорџ Буш постариот, републиканците сѐ уште верувале во нешто.

Но, на тоа му дошло крајот. Партијата што ја предводи Доналд Трамп е клиентелистичка група опортунисти чија филозофија може да се сведе на националистичка идеја за бела доминација со цел да им служи на интересите на најбогатите на штета на оние што имаат најмалку. Иронично, најголема поддршка на ваквото зло и мрачна политика доаѓа од помалку образованите бели гласачи на кои Трамп им го „продаде“ стравот од различните. Тие гласаа за него надевајќи се дека така ќе го запрат времето и можеби ќе го вратат назад кога Америка била „бела“. Тоа е и смислата на слоганот на Трамп, „Make America Great again“.

Назадниот план на американскиот претседател

Клучниот збор во слоганот не е ни „Америка“, ни „great“, туку „again“. Ветувањата дека ќе ја направи Америка „повторно“ голема е второто име на планот според кој Америка повторно би станала „бела“, во која не би имало други раси ни вероисповеди, освен белите протестанти, кога жените повторно би имале онолку права колку што имаат во серијата „Mad Men“, слугинките и секретарките на кои лесно им се затнува муцката, каде што гејевите и лезбијките немаат право на јавен настап, нити човекови права. Таа Америка која би била „great again“ би исклучила стотици илјади луѓе што вистински ја направиле Америка голема и успешна во секој аспект на човековото дејствување. Тој е планот на Трамп и поради него сите слободоумни луѓе треба сериозно да се загрижат. 

Таквата Америка на Тамп на минатите избори победи и затоа популарноста на „Деспасито“ е важна. Иако е само поп-хит, тоа е сигнал на виталноста на поинаквата Америка што ги отфрла Трамповите вредности и промовира Америка која е инклузивна, која живее во 21, а не во 19 век, која зборува шпански исто колку и англиски, која не сака десетиците милиони имигранти масовно да ги депортира, туку да ги вклучи во општеството, која не забранува влез во земјата врз основа на вероисповедта на луѓето, која им го нуди „американскиот сон“ на сите што сакаат да го остварат, а не само на трета генерација имигранти од Германија, на која им припаѓа Доналд Трамп.

Вчудовидувачки размери на дискриминација

Независно дали легално во Америка или како државјани, или недокументирани имигранти, Латиноамериканците се сѐ поголема и пресудна група во американското општество. На минатите избори сочинуваа 11 проценти од избирачкото тело и својата поддршка масовно ѝ ја дадоа на Хилари Клинтон. Две третини од Хиспаноамериканците гласаа за Клинтон, што не е за чудење со оглед на тоа што Доналд Трамп ја почна својата кампања со расистичка изјава дека Мексиканците се убијци и силувачи, а својата омраза и предрасудите продолжи да ги шири до изборниот ден.

Грда приказна која, сепак, ветува

Оваа грда приказна за американското општество, сепак, е ветувачка за иднината. Америка е заслужна речиси за сите прогресивни идеи и политики што зеле замав во делови од светот и не треба да се сомневаме дека и оваа епизода ќе заврши со сличен исход. Право на глас на жените, претставничка демократија, контрацептивни таблети, поделба на власта на законодавна, извршна и судска, прифаќање на ЛГБТ-луѓето како рамноправни чинители во заедницата, антиколонијализам, независни медиуми, слобода на вероисповед, антифашизам – сето тоа потекнува од Америка. И Америка била најангажирана во одбрана на тие идеали.

Што можеме да научиме за Америка од „Деспасито“? За почеток, дека Трамповата идеја за уништување на трговските договори и слободната трговија е целосно промашена. Хитот на порториканскиот пејач и сонародникот рапер никогаш не би собрал две и пол милијарди кликови на „Јутјуб“ ако пролетва Џастин Бибер не снимеше ремикс на нивната песна. Тоа беше историски момент бидејќи Бибер првпат запеа на шпански јазик. Но тоа беше историски момент и на симболично ниво. Додека во Вашингтон, Доналд Трамп се заканува дека ќе го раскине НАФТА, северноамериканскиот договор за слободна трговија помеѓу Канада, САД и Мексико, се случи музичка соработка на песна која руши рекорди. Канадскиот пејач Џастин Бибер сними преработка на порториканскиот хит, пеејќи првпат на шпански за американскиот пазар. Зарем има поубедлив аргумент за НАФТА од „Деспасито“?

Доказ дека борбата продолжува

Авторот на песната, Луис Фонси, доаѓа од Порторико, американски остров кој нема статус на сојузна држава каков што имаат Њујорк или Хаваите. Иако Порторико на неодамнешниот референдум побара да му се додели статус на 51 американска држава, тоа речиси со сигурност нема да се случи. Порторико по правило гласа за демократите, па неговите две потенцијални места во Сенатот републиканците не сакаат да му ги препуштат на спротивниот табор.

Дали е тоа чесно? Се разбира дека не е. Дали има врска со тоа што во Порторико живеат луѓе кои не се бели протестанти? Секако дека има. Но дали тоа ќе се промени? Сигурно нема. Америка е држава која најмногу направила за да им помогне на другите да создадат поправедно општество. Но во тој процес не направила од себе поправедна земја. Сепак, битката не е изгубена, а „Деспасито“ е доказ дека борбата продолжува.

Колумна на Џиво Џуровиќ, преземена од telegram.hr.