Д-р Татјана Зорчец, психолог на Детска клиника: Детето мора да ја знае вистината и во најтешката борба за неговиот живот

Д-р Татјана Зорчец, психолог на Детска клиника: Детето мора да ја знае вистината и во најтешката борба за неговиот живот

Лектор: Ивана Кузманоска

Таа е психолог кој на Клиниката за детски болести стручно работи со душата и на најтешко болните деца со онколошки заболувања и за која во животот не постои категоријата „немам време“. Д-р Татјана Зорчец, научен соработник на Медицинскиот факултет во Скопје и специјалист по медицинска психологија на клиниката, не верува дека трагедијата на едно човечко битие може да остави рамнодушен психички здрав човек, особено кога страдаат децата. Таа е единствениот психолог на оваа клиника, но и покрај тоа вели дека иако во ваквите професии борбата помеѓу животот и смртта е секогаш присутна, никогаш не посакала да се откаже



Со децата секогаш треба да се биде искрен. Без оглед дали станува збор за добри или лоши работи, тие треба да ја знаат вистината. Дури и кога се работи и за најтешките заболувања, и тие и нивните родители мора да знаат што се случува бидејќи само така детето активно ќе се вклучи во лекувањето, а родителите докрај, без оглед на прогнозите, ќе останат верен сојузник на докторите во борбата за здравјето и животот на нивното дете.
Вистината, пак, мора да се каже соодветно на возраста на детето, да се избере речник разбирлив за него, да се избере вистинскиот пристап, да се изгради искрен однос, да се сочувствува и да се влијае.
Ова е само мал дел од исцрпувачката, посветена и крајно одговорна работа на детските психолози, особено оние што секојдневно се соочуваат со деца кои имаат најтешки заболувања и кај кои, покрај лекувањето на нивното тело, треба да се посвети сериозно внимание и на нивната душа. Секако, тука се и родителите, кои мора да бидат дел од вистината, колку таа и да е болна. Сето ова е макотрпен процес, од тоа како да му се каже на детето дека е болно, преку заедничката борба, па сè до моментите кога мора да се најде начин како да се изговори дека, за жал, доаѓа крајот. И затоа во оваа работа мора да се биде врвен. Зашто ако не е така, цената е преголема, со далекосежни последици врз детето и семејството, па и пошироко.
И додека во поразвиените држави ова е задача на цели стручни тимови, кај нас, честопати, е целосна одговорност, посветеност, ентузијазам и професионалност на само еден доктор, на само еден психолог.

Факултети.мк: Веќе 20 години Вие сте единствениот психолог на Клиниката за детски болести кој работи со малите пациенти и нивните родители за да се соочат со состојбата во која се наоѓаат. Дали може да постигнете за да им излезете во пресрет и да се посветите и да им помогнете на сите на кои им е потребна помош? Како се организирате?


- Во 1996 година проф. д-р Нада Поп-Јорданова го оформи Одделот за психофизиологија при Клиниката за детски болести - Скопје, како резултат на нејзиното повеќедецениско упорно инсистирање дека покрај телото, кај децата што се лекуваат на клиниката треба да се посвети внимание и на нивната душа или психа. Таа година и јас се вработив на одделот. Заедно со проф. Поп-Јорданова постепено ги градевме и развиваме активностите на одделот, кои генерално се насочени кон дијагностика и третман на сите развојни тешкотии и растројства. Сè уште, како и во изминатиот период, воведуваме нови методи за процена, дијагностика и третман, соработуваме со колеги од целиот свет, објавуваме научни трудови, ги следиме најновите сознанија од областа.
Мојата секојдневна работа како детски психолог не е само моја професија, туку е и мое хоби. И кога така ја сфаќате и доживувате својата професија, тогаш сосема добро се чувствувате во неа. Денот е исполнет со многу ангажмани, но со добра организација и соодветна мотивација сè е остварливо. Сметам дека во која било сфера од животот не постои категорија „немам време за...“, туку категорија „немам желба за...“ Кога нешто навистина сакате, ќе најдете и начин и време да го остварите. Навистина се трудам на секој што ми се обратил за помош да му посветам должно внимание бидејќи секој што пристапил на клиниката не е дојден за да се забавува, туку затоа што има мака со своето дете. Да, работата е исцрпувачка, но таа е мој избор. Работата на детски психолог не е лесна, одговорноста е преголема, но кога веќе сте ја одбрале оваа професија, во неа мора да се биде врвен. Ако тоа не е случај, цената е преголема, со далекосежни негативни последици врз детето и семејството, па и пошироко, врз општеството, бидејќи не сте разрешиле или олесниле проблем кој влијае индивидуално, туку и глобално.



Факултети.мк: Дали децата со онколошки заболувања и нивните семејства треба да имаат посебен онко-психолог, кој ќе работи само со нив? Како може да се реши ова отворено прашање?

- Секако дека треба да имаат. Со години наназад, од повеќе менаџерски структури на клиниката се бара зголемување на бројот на психолози на нашиот оддел, но досега не сме добиле позитивен одговор. Тој недостиг треба да го реши државата, колку побрзо, толку подобро. Во мојата работа, онколошките пациенти секогаш имаат предност и без оглед на договорените термини или дневните активности, кога ќе се јави потреба за психолошка консултација на онколошкиот оддел, истата ја реализирам веднаш.  

Факултети.мк: Се сеќавате ли на првото соочување со дете со тешко заболување? Посакавте ли да се откажете од работата?

- Да, добро се сеќавам, иако беше пред повеќе од 15 години. Се работеше за девојче во пубертетска возраст, со леукемија, за кое ме повикаа бидејќи одбиваше да му ја скратат убавата, долга коса, за која се очекуваше да почне да паѓа поради цитостатската терапија што веќе ја примаше. Како и секое друго дете на таа возраст, надворешниот изглед му беше особено битен. Косата ја потскративме, но, за жал, ова девојче не успеа да се избори со болеста и подоцна почина. Јас не верувам дека трагедија на едно човечко битие може да остави рамнодушен психички здрав човек, а особено кога страдаат децата. Знаете, во ваквите професии, борбата помеѓу животот и смртта е секогаш присутна, но никогаш не сум посакала да се откажам од неа, колку и да имало тешки ситуации.

Факултети.мк: По што овие дечиња се разликуваат од другите?

- Тие се деца како и сите други, со истите желби, потреби, интереси и активности како и нивните врсници. Кога ќе се соочат со најстрашната дијагноза, многу често родителите ги менуваат воспитните обрасци и вообичаениот начин на кој се однесувале со детето пред дијагнозата. Секогаш советот е дека таквата промена може негативно да се одрази врз севкупното поведение на детето што, од друга страна, може да го загрози и терапевтскиот процес. Знаете, децата не се раѓаат со став кон болест, ние сме тие што им кажуваме и, што е уште поважно, им покажуваме како треба да се однесуваат кога се случува нешто неубаво. Доколку останеме со истиот начин на однесување како и дотогаш и продолжиме со воспитниот процес, ако сме оптимистични, се бориме со сите сили, и кај децата ќе ги покренеме истите механизми. Децата го слушаат она што им го зборуваме, но многу повеќе учат од тоа како се однесуваме, затоа зборот и поведението мора да бидат едно.

Факултети.мк: Како работите со овие пациенти, како им се приближувате, што правите за да Ве засакаат? Родителите велат дека децата Ве сакаат.

- Во работата со децата со какви било проблеми во соматското и психичкото здравје, најпрвин треба до детали да ја познавате развојната психологија, па потоа и развојната психопатологија. Треба многу да читате и да ги следите најновите научни сознанија. Исто така, искуството од работата си носи дополнителни и мошне битни знаења и вештини, но лично сметам дека за оваа работа човек треба да има и посебни способности, особено комуникациски. Иако многумина ги потценуваат способностите на децата, особено на помалите, верувајте дека секое дете може да насети каков е неговиот соговорник, дали да му верува или не, дали може да му се препушти или не. Со некои деца треба да настапите другарски, со други од позиција на авторитет, но секогаш со јасни правила, конзистентно поведение што истрајува и однос што се темели на меѓусебна почит. Играта и хуморот се мошне битни елементи во работата со децата и јас многу често ги применувам.  

Факултети.мк: Колку искрени можете да бидете со децата, како им ја претставувате болеста?

- Со децата секогаш треба да се биде искрен, да се соопштуваат и добрите и лошите работи со речник соодветен за возраста и со голема поддршка од страна на возрасните и врсниците. Зависно од возраста на детето, информациите за болеста треба да се соопштат соодветно, децата треба активно да се вклучат во терапевтските процедури, со цел и самите да преземат одговорност за сопственото здравје. Особено кај хроничните болести, од најмала возраст треба да се практикува активната улога на детето во целиот процес. Кај поголемите деца, доколку се обидете да ја скриете вистина, во оваа ера на интернетот и социјалните мрежи, информациите што ќе ги пребараат за својата болест може да бидат неточни, непрочистени, честопати и застрашувачки, што кај нив може да предизвика негативни чувства и поведенија. Затоа, медицинскиот персонал заедно со родителите треба да пласира искрени и точни информации, соодветни за возраста, кои ќе бидат во служба на подобрување на здравствената состојба и преземање активна улога од сите.    

Факултети.мк: Мора ли да се биде искрен докрај и со родителите?

- Да, секако. Родителите поставуваат многу прашања, а исто така, пребаруваат и информации на интернет, кои можат дополнително да ги вознемират или да ги одведат во алтернативни начини на лекување на одредени болести, кои можат да ја влошат општата состојба. Родителите се партнери во борбата и доколку не ги имаат вистинските информации и начини на справување, губиме значаен сојузник во процесот. Секако, покрај вистината, треба да им се даде надеж дека ќе се направи максимумот и дека борбата ќе биде навистина жестока до последниот момент.

Факултети.мк: Многумина од нив долго престојуваат во установата. Кога им е најтешко?

- Тоа зависи од повеќе фактори, како: возраста на детето, дијагнозата, супортивниот систем, копинг механизмите на детето и семејството, терапевтскиот протокол, општата здравствена состојба, менаџирањето на болеста, коморбидните состојби, должината и честотата на хоспитализациите... Најчесто, при повеќемесечните и чести хоспитализации и влошената здравствена состојба, имаме развој и на психолошки компликации, што е и за очекување.  

Факултети.мк: Како на родителите им кажувате „за жал, готово е“?


- Кога се работи за најтешките болести и кога здравствената состојба се влошува до таа мера што се насетува фаталниот исход, најчесто родителите се свесни за ситуацијата. И кај ваквите случаи не престанува борбата кај целиот медицински персонал за спас на детето, сè до исцрпувањето на сите можности. Знаете, родителот не треба да го надживее своето дете, и јасно е дека нема поголема болка од загубата на дете. Но, и сите соучесници во борбата да се спаси животот на едно дете, која вообичаено трае повеќе месеци, па и години, имаат чувство на загуба и тагуваат. Како што сме биле соборци во битката за спас, така сме соборци и во загубата.


Татјана Зорочец и Нина Костовска

Факултети.мк: Кој е најубавиот комплимент што сте го добиле од децата?

- На секого му годи убав збор, а од децата тој е обично и најискрен. Знаат децата и тоа како убаво да вербализираат и да делат комплименти, но ако ние ги научиме на тоа. Секако дека пофалби и комплименти на своите пациенти и јас им давам, и на најмал постигнат прогрес. Комплименти од нивна страна секако дека имало, но не би издвоила ниеден посебно.  

Факултети.мк: Како „се случи“ да работите како психолог на Клиниката за детски болести?


Уште во текот на студиите по психологија јас и неколку мои колешки бевме ангажирани да работиме на СОС-телефонот за деца и млади. Во 1994 година проф. д-р Нада Поп-Јорданова дојде во нашите простории и побара млади психолози кои би сакале да волонтираат на Клиниката за детски болести. Јас отсекогаш имав желба да им помагам на децата со тешкотии и оваа идеја ми се виде мошне примамлива. Дополнително на тоа, лично сметам дека професијата психолог е и занает кој треба да се гради и усовршува со години, како теоретски така и емпириски, потпирајќи се на искуството на постарите и поискусните колеги, и си помислив дека немам што да загубам, напротив, можам само да добијам. Започнав да волонтирам на клиниката, без никакви ветувања за вработување, но по две години секојдневна работа, се отвори работно место за психолог и јас се вработив. И оттогаш, веќе 20 години работам како детски психолог. Во меѓувреме завршив специјализација, магистерски и докторски студии и во моментов сум избрана во звање научен соработник при Медицинскиот факултет во Скопје.   

Факултети.мк: Како работите на себе? Што ве „бутка“, како „станувате“, а што ве турка напред?

- Како што јас не би можела никогаш да бидат хирург поради инвазивноста на процедурите, така и некој друг не би можел да работи со болни деца. И најчесто тоа е прашањето на луѓето од немедицинските професии - како се справуваш со сето тоа страдање? Работата е тешка, сведок сте на многу тешки и трагични човечки судбини, но пак ќе кажам, никогаш не сум помислила да се откажам од работата како детски психолог. Мислам дека големиот број успешни и среќни приказни ја држат противтежата за да можете да продолжите понатаму. Од друга страна, доколку сте психички здрава личност, не можете да се навикнете или да отапите на човечка несреќа. Вашите доживувања не престануваат во 16 часот, па честопати ве следат и во вашиот личен живот. Со текот на годините и искуството што го стекнувате некако научувате да живеете со сето тоа што секојдневно го доживувате на работа. Помага кога ги споделувате тие емоции, кога на свој начин ги вадите од себе, кога се релаксирате со добри луѓе, музика, филм, книга... Ако ја имате вистинската мотивација, ќе најдете начин секое утро да станете и да продолжите понатаму.