Интервју со Матеја Дамчевски: Сакам добри резултати и да се запишам на колеџ во Америка, каде што пливањето има сериозен третман

Интервју со Матеја Дамчевски: Сакам добри резултати и да се запишам на колеџ во Америка, каде што пливањето има сериозен третман

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Признание за кое сум емотивно најповрзан е мојот прв златен медал на мојот прв настап на натпревар во Битола. И самиот не знаев што се случува кога ме прочитаа да си ја земам наградата. Пресреќен бев и мислам дека тоа беше пресуден момент за мојата кариера, тоа ми даде поттик да му се посветам на пливањето.

Негов последен голем успех е првото место што го освои на Летното државно првенство, во техниката грбно. Матеја Дамчевски од Скопје има само 15 години и стотина медали и дипломи во својата соба. Водата е неговата природна средина, а базените – омилената дестинација. Тој е ученик во прва година во гимназијата „Ѓорѓи Димитров“.




Факултети.мк: Задоволен ли си од твојот последен успех и може ли да се каже дека грбно е твојата најдобра техника, со оглед на тоа дека лани на меѓународен митинг во Словенија исто така забележа одличен успех?

- Во Македонија се одржуваат две официјални државни првенства, зимско и летно, кои се потврда за тоа каква е домашната конкуренција и се проверка на достигнатите резултати во тековната година. Тие се можност да видиш до каде си со личните времиња и како котираш во однос на пливачите, прво во однос на својата категорија, која се определува според возраста, но и колку се приближуваш до времињата во апсолутна категорија. На годинашното Летно државно првенство задоволен сум од тоа како сум рангиран, посебно во мојата основна дисциплина, грбното пливање, каде што освоив две први места, во 100 и 200 метри грбно, и бев прв и втор и во апсолутна категорија, и освоив второ место во 50 метри грбно, а за истата трка - трето во апсолутна категорија која ги вклучува сите пливачи што настапиле на натпреварот. Во таа смисла, можам да кажам дека тоа се добри резултати, иако сѐ уште треба да работам на подобрување на личните времиња, со што би можел уште подобро да се претставам на регионалните и меѓународните натпревари. Што се однесува до пливачките дисциплини, засега најуспешен сум во техниката грбно, која некако најдобро ми легна уште од самиот почеток, а со текот на времето почнав да ја подобрувам и да ги постигнувам резултатите што ги имам сега. Но, исто така имам и добри резултати во краул, која се учи како прва техника во пливањето и која сите пливачи ја практикуваат. Потоа тие одбираат една од останатите три техники, грбно, делфин и градно, во која најдобро се пронаоѓаат. Грбното е поспецифична техника од останатите бидејќи е единствена во која главата ти е надвор од водата, свртена нагоре, така што бара и дополнителна ориентација во патеката и концентрација да не се застрани правецот на пливање, што може да ја забави целата трка. Исто така, не можеш да ги видиш своите конкуренти.



Факултети.мк: Од кога пливањето е твоја голема љубов?

-Мислам дека пливам отсекогаш, моите ми раскажувале дека уште пред да проодам лазејќи сум влегувал во вода кога сме оделе на летен одмор. Морале да стојат цело време покрај мене од страв незабележително да не влезам во морето. Подоцна, откако се сеќавам знам дека многу сакав да нуркам, уште пред да научам да се одржувам над вода. Буквално цело време бев под вода, а на сите фотографии од летните одмори очите ми се потечени и црвени од нуркање. Инаку, без никаква амбиција моите родители на петгодишна возраст ме запишаа да научам да пливам, со првична идеја да бидат посигурни за мојата безбедност кога сум во близина на вода. На почеток одев по три пати неделно на часови по пливање и од прв момент ми се допадна спортот. Претходно имаше обид да играм тенис, но беше комплетно неуспешен. Се сеќавам дека на секој тренинг само трчав по топчињата, не можев да погодам топче. Така, на сите ни стана јасно дека тоа не е спорт за мене. Додека базенот некако од прва го засакав, тоа беше средина во која чувствував дека припаѓам. Никогаш не пропуштав да не отидам на тренинг или барем како мал тоа многу ретко ми се случуваше. Играњето надвор беше на второ место. И денес, излегувањето со друштвото ми зависи од тренинзите. Буквално сѐ е подредено на пливањето, но тоа не го сметам за пречка, зашто ако добро се организираш, може да се постигне сѐ, дури и со поголема енергија и мотивација.



Факултети.мк: Си имал ли моменти на слабост, да сакаш да се откажеш?

- Да, веројатно секој што професионално се занимава со спорт го има искусено тоа. Затоа што не е нималку лесна секојдневната одговорност кон спортот, мислам особено во индивидуалните спортови како пливањето, тоа е уште понагласено. Пливањето е специфично затоа што по два часа на тренинг си само ти и водата, нема комуникација со надворешниот свет, нема зборување, физички контакти, немаш допир со тоа што се случува надвор од базенот. Единствената комуникација е со тренерот и со пливачите од тимот, но тоа се сведува главно на премолчено разбирање под вода. Поради тоа, пливањето со себе носи и извесна монотонија, за време на тренинзите, која треба да се издржи, а и физички е доста напорно, затоа што нема паузи, како на пример седење на клупа во кошарка или фудбал. Цело време си активен, телото е постојано изложено на напор, па оттука и почесто доаѓа до кризи за разлика од некои други тимски спортови. Но, досега никогаш сериозно не сум помислил да се откажам, главно тоа биле краткотрајни искушенија, мислам дека пливањето ме определува како личност, тоа сум јас и не би можел да замислам каков би бил мојот живот без пливањето.

 

Факултети.мк:  Како изгледа еден твој ден за време на учебната година? Колку часа дневно пливаш?


- За време на учебната година морам добро да се организирам за да можам да постигнам сѐ што вклучува, посета на наставата, учењето и тренинзите, бидејќи тренирам секој ден, дури и за викенди. Имам попладневни тренинзи секој ден и плус три пати неделно тренинзи со фитнес-тренер. Тоа одзема најмалку по 3 часа дневно, но и времето пред и после тренинг треба да се користи за одмор, правилна исхрана, повремени масажи и сѐ што треба да практикува еден сериозен спортист. Така што, останува малку слободно време за некорисни работи, како седење со часови на компјутер, нешто што на повеќето мои врсници им е главна занимација. За ова моите родители се особено среќни, а мене понекогаш ми фали. Сепак, чувството дека правиш нешто важно, дека добиваш признание за тоа, е незаменливо.

 

Факултети.мк: Кој е твој најголем предизвик, односно цел што сакаш да ја постигнеш во пливањето?


- Прво, тоа е подобрување на личните резултати, постојано намалување на бројот на секунди и стотинки во секоја наредна трка. Но, мислам дека сон на секој спортист е да постигне не само добри резултати во својата средина туку и во пошироки рамки, како што се европските и светските натпревари, и се разбира, најпрестижниот спортски настан, Олимпијадата. Колку и да звучи тешко остварливо, тоа е нешто што секој спортист го посакува и кон што се стреми. Да се настапи на ваков натпревар е доказ дека целиот труд не бил залуден и дека веќе си се вброил меѓу врвните спортисти во светот. Тоа, секако, е и мој сон, а почеток на негово остварување би можело да биде продолжување на кариерата надвор од земјава, оти кај нас искрено нема многу услови за тоа. Би сакал да имам добри резултати и да ми се даде шанса да се запишам на некој колеџ во Америка, каде што има сериозен третман на спортот, а особено на пливањето. Се надевам дека во наредниве години тоа ќе ми се оствари.



Факултети.мк: Имаш ли најдраг медал?

- Пливам веќе десет години, од кои барем седум натпреварувачки. Сум учествувал на најмалку пет домашни првенства и уште понекое надвор, во зависност од можностите. На секое од нив освоив по неколку дипломи и медали, па навистина има многу, не сум ги избројал, но се сигурно стотина. Признание за кое сум емотивно најповрзан е мојот прв златен медал на мојот прв настап на натпревар во Битола. И самиот не знаев што се случува кога ме прочитаа да си ја земам наградата. Тогаш не знаев ни да си мерам времиња, ниту следев како пливаат останатите учесници. Пресреќен бев и мислам дека тоа беше пресуден момент за мојата кариера, тоа ми даде поттик и мотивација да му се посветам на пливањето. Посебно ми се важни и медалите од Словенија, која ја споменавте погоре. Тоа беше голем натпревар во Радовљица, на кој настапуваат врвни пливачи во светски рамки кои таму главно бркаат норми за поголеми пливачки турнири. Успеав да земам две сребра и една бронза и да пливам во три Б-финалиња, што го сметам за голем успех во однос на тоа за каков натпревар се работи.