Разговор со Андреј Станковски, дипломиран електроинженер: Оваа професија е ценета секаде

Разговор со Андреј Станковски, дипломиран електроинженер: Оваа професија е ценета секаде

На Факултетот за електротехника и информациски технологии е познат како еден од најдобрите студенти. Вели дека посветеноста, напорната работа и желбата за знаење сочинуваат голем дел од  неговиот „рецепт“ за успех. Андреј Станковски е дипломиран електроинженер, кој вели дека и ФЕИТ има големо влијание на неговиот успех.



- Природата на материјалот кој го изучував на студиската програма електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија (ЕАОИЕ) беше исклучително интересна, а наставниот кадар секогаш беше професионален и лесно пристаплив. Професорите, доцентите, асистентите и демонстраторите со кои имав контактсекогаш беа пријателски настроени кон студентите, се трудеа да го пренесат знаењето на најразбирлив начин и ја даваа потребната поддршка. Можноста да учествувам во неколку студентски проекти значително го зголемија мојот интерес и познавања од конкретни проблематики. Сите овие работи играа многу важна улога во моето дефинирање како електроинженер и се заслужни за мојот успех за време на студиите.

* Факултети мк:  Ќе го примените ли овој рецепт и за последипломските студии? Ќе вроди ли со плод или неопходно е да се направи ре-дефинирање?

- За пост-дипломските студии, првично би го применил истиот „рецепт“, претежно затоа што образовните принципи по кои се водеше наставата на ФЕИТ е на многу високо ниво и очекувам слични принципи да се користат и на универзитетот каде што ќе ги продолжам студиите, иако станува збор за високо рангиран универзитет во светски рамки. Верувам дека досегашното знаење од ФЕИТ е доволно да ме подготви за предизвиците што ме очекуваат на последипломските студии. Секако, доколку овој „рецепт“ не вроди со плод, како втор план е можноста за ре-дефинирање и приспособување на новите принципи на студирање.

* Факултети мк: Бевте и демонстратор на ФЕИТ по различни предмети. Што ги советувате Вашите помлади колеги во однос на совладување на материјалот?

-Како демонстратор на ФЕИТ по повеќе предмети, во минатата учебна година, може да ги советувам помладите колеги секогаш да им пријдат на професорите, асистентите и демонстраторите кои го водат предметот за сите проблеми кои ги имаат околу совладување на материјалот. Наставниот кадар е на факултетот токму и за таа причина и студентот треба слободно да побара помош за секакви потешкотии. Од лично искуство тврдам дека секогаш наставниот кадар ќе одвои време за разгледување на проблемите кои ги имаат студентите. Освен тоа, би сакал и да ги советувам младите колеги даучат темелно, навремено и внимателно да ги следат аудиториските и лабораториските вежби, бидејќи вежбите се исклучително важни за брзо совладување на материјалот.

Факултети мк: Како студент сте извршувале и практична настава во две различни компании во земајва. Кое е Вашето искуство?


- Практичната настава е многу важна за развојот на еден електроинженер, бидејќи тоа е првото соочување на студентот со проблемите кои се јавуваат во реалноста. Тогаш студентот треба да ја направи паралелата помеѓу теоријата која се учи за време на студиите и како таа се применува во реалните услови. Посетата на практична настава за време на студиите беше многу позитивно искуство, бидејќи значително ми помогна да добијам добар приказ за проблематиката и за тоа како функционираат одредени уреди и системи во реалноста. Тоа придонесе до големо проширување на знаењата и за полесно совладување на материјалот на одредени предмети за време на студирањето.

* Факултети мк: Имате висок просек, сте биле демонстратор, практична настава сте извршувале во компании. На сето ова плус сте биле дел од многу проекти, натпревари, а Вашата биографија е збогатена и со трудови. Како успевавте сето ова да го постигнете, притоа да не го „загрозите“ Вашиот приватен и социјален живот?

- Верувам дека нашето време секогаш може да го организираме така што може да ги завршиме сите обврски кои ги имаме. Секогаш се трудев навремено да ги положувам предметите, а доколку имав слободно време, го исполнував со други обврски кои ми беа од интерес. Што се однесува до проектите и натпреварите, тимовите во кои бев вклучен беа се составени од генијални студенти со кои работата секогаш се завршува навремено и ефикасно. Голема помош имав и од професорите и асистентите на факултетот, кои секогаш излегуваа во пресрет за секакви проблеми со кои бев соочен, дури и доколку не се од интерес за предметот кој го држат. На овој начин успевав да постигнам и да ги завршам обврските кои ги имав, секако со неколку непреспиени ноќи.

* Факултети мк:  Што значи да сте електроинженер во Македонија, а што би значело оваа професија во странство. Има ли разлика?


-Професијата електроинженер секаде во светот е многу ценета и вреднувана. Така и во нашата држава, електроинженерите се ценети, имаат стабилнаработа и добар социјален статус. Но, во споредба со други држави во светот, мислам дека кај нас оваа професија не е соодветно валоризирана поради понискиот стандард на живот и поради помалиот избор на работни места. Имено, во Македонија постојат релативно мал број компании кои имаат потреба од вработување на електроинженери, што придонесува до заситување на пазарот на трудот и ја намалува вредноста на нивната работна сила. Во државите од Западна Европа и Северна Америка, оваа професија е значително повеќе ценета и вреднувана и големиот избор на работни места доведува до појава на дефицит на кадри, што неминовно ја зголемува нивната вредност.