Македонија се закити со медал на Меѓународната олимпијада по физика во Индонезија

Македонија се закити со медал на Меѓународната олимпијада по физика во Индонезија


Лого на Меѓународната олимпијада по физика во Индонезија

На 48 Меѓународна олимпијада по физика што се одржува од 16 до 24 јули 2017, Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) ја претстави нашата земја со тим од тројца ученици и двајца водачи:

Александар Иванов, ученик во трета година, ПСУ Јахја Кемал - Бутел
Мартин Ристовски, ученик во втора година, ПСУ Јахја Кемал - Бутел
Ѓорѓи Витанов, ученик во трета година, ПСУ Јахја Кемал - Струмица
Доц. д-р Боце Митревски, (ДФРМ)
Доц. д-р Ламбе Барандовски (ДФРМ) На ова

На ова престижно натпреварување (олимпијада) за талентирани ученици од областа физика, ученикот Александар Иванов од Свети Николе освои бронзен медал.

На олимпијадата учествуваа 404 ученици од 88 држави, 168 водачи на националните тимови, 76 набљудувачи и 14 посетители.

Како потсетување, претходната година на 47 Меѓународна олимпијада по физика (Цирих, Швајцарија 2016 година), тимот од Република Македонија освои еден бронзен медал (Дејан Максимовски) и една пофалница (Александар Иванов). Ученикот Дејан Максимовски сега е студент на Универзитетот „Колгејт“ во САД.

Од Друштвото известуваат дека поради сериозни финансиски проблеми, биле приморани да го намалат тимот од пет на тројца ученици, и апелираат за поголем слух од институциите и другите општествени чинители, да им излезат во пресрет на надарените ученици, да можат да ги покажат своите знаења и способности на слични образовни и научни настани ширум светот.

Честитки за огромниот успех и уште многу идни постигнувања по кои ќе нѐ препознава светот!