Новата банкнота со ликот на Џејн Остин има чуден избор на цитат

Новата банкнота со ликот на Џејн Остин има чуден избор на цитат

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Новата банкнота од 10 фунти со ликот на Џејн Остин
(Фото: AP)

Банката на Англија ја пушти во оптек новата банкнота од 10 фунти, на која е испишан цитат за читањето книги што го кажал лик кој инаку не сакал да чита.

Новата банкнота од 10 фунти со ликот на Џејн Остин беше пуштена во употреба на 200-годишнината од смртта на познатата авторка, на која е испишан цитат за читањето, изречен од еден нејзин лик што не се интересира за книги.

Остин стана првата писателка (по стапките на Шекспир и Дикенс) што се појави на банкнота.

Банкнотата, која ја пушти во употреба Банката на Англија од почивалиштето на Остин, катедралата Винчестер, содржи лик од писателката и од нејзиниот омилен лик – Елизабет Банет.

На неа има и илустрации од нејзиното писателско биро и од домот на нејзиниот брат, Едвард Остин Најт, во Кент, место што го сметала за извор на инспирација.

Но, цитатот испишан на банкнотата ќе изненади многумина од почитувачите на делото на Остин. На прв поглед извадокот од „Гордост и предрасуди“, После сѐ, изјавувам дека не постои поголемо уживање од читањето!, се чини добар избор. Меѓутоа, овие се зборови на еден од најголемите измамници во нејзините дела, Керолајн Бингли, која не се интересира за книги и за читање и ги користи овие зборови за да му се приближи на господинот Дарси, кој го посакува за сопруг. Тој чита книга, таа му приоѓа, седнува до него и се преправа дека чита заедно со него.

Во обраќањето во катедралата Винчестер, гувернерот на банката, Марк Карни, објаснил зошто ја избрале токму Остин и зборувал за некои технички аспекти на банкнотата.

„Нашите банкноти служат како складишта на колективната меморија на нашата земја, промовирајќи ја свеста за славната историја на Обединетото Кралство и истакнувајќи ги придонесите на нашите најзначајни граѓани.“

„Романите на Остин имаат универзална вредност и моќ силна колку и при првото појавување.“

Во врска со практичните аспекти на банкнотата, тој изјавил: „Новата банкнота од 10 фунти ќе биде испечатена на полимер што ја прави побезбедна, посилна и почиста. Таа исто така добива нова тактилна карактеристика што ќе им биде од помош на лицата со оштетен вид, правејќи ги националните пари колку што е можно поинклузивни“.

Банкнотата од 10 фунти има и безбедносни карактеристики благодарение на кои тешко може да се фалсификува. Се очекува да трае два и пол пати подолго од хартиената банкнота од 10 фунти, или речиси пет години во целост. 

Фановите на Остин ќе мора да почекаат до средината на септември за да можат да ја користат новата банкнота.