Србите го нарекуваат новиот Тесла, а ние ви откриваме зошто

Србите го нарекуваат новиот Тесла, а ние ви откриваме зошто

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

криптовалута
Фото: Thinkstock

Ѕвезда во сајбер-светот овие дена е инженерот за организациски науки Радован Бајиќ, еден од креаторите на новата крипто-валута, клаудкоин.

Овој млад белграѓанец го разработил делот од системската архитектура за проверка на нејзината автентичност.

Стручниот тим од компанијата во Калифорнија е воодушевен од придонесот на српскиот експерт, чија работа не само што му донела слава во светот на информатиката туку и пари. Сепак, тој вели дека парите не се главниот двигател, туку самиот ентузијазам, но и фактот дека учествува во нешто што полека го менува светот.

„По размената на стоки, благородни метали и парите какви што ги познаваме денес, луѓето одбиваа да прифатат платежни картички - а сега тие ни се основното средство за плаќање. Крипто-валутите имаат иднина, само ни е потребно време да го сфатиме тоа“, вели тој.

„Кога со татко ми одев во маркет во времето кога започнаа да се користат платежните картички, продавачката му го даваше апаратот тој да го искористи бидејќи се плашеше да не направи грешка. Денес сите ги користиме. Сега пристигнаа крипто-валутите, светот се врти околу интернетот, штом се пробудиме сите проверуваме „Фејсбук“, „Месинџер“, гледаме што се случува, читаме вести. Печатените весници наскоро ќе изумрат. Дојде и до потреба од нова валута, за да се намали влијанието на банките во монетарниот свет“, објаснува Бајиќ.

Во времето на претседателската кампања во Америка, кога станало јасно дека Доналд Трамп има шанси за победа, на Вол Стрит се зголемила продажбата на крипто-валутите. Тоа укажува дека се појави сомнеж во вредноста на доларот.

„Во Америка владее различна култура и различен начин на размислување. Тие живеат во промени, го живеат американскиот сон, го работат она што го сакаат и она во кое веруваат. Сите останати, а особено Европејците, се конзервативни и потешко прифаќаат промени. Ако во Европа се случи поголема промена, луѓето буквално не можат да се снајдат“, вели Бајиќ.

Во развивањето на клаудкоин се применува револуционерна технологија за заштита, која го заменува досегашниот блок-синџир кој инаку се користи во крипто-валутите. Новата технологија се нарекува RAIDA - станува збор за независна низа на администратори кои ја одржуваат. Во светот постојат 24 сервери кои не знаат еден за друг, нивната локација, ниту технологија на која се засноваат, што е исклучително важно за безбедноста на системот. Корисниците само треба да ја запомнат својата шифра и клауд-коинот можат и преку телефон да го конвертираат во друга валута или со него да купуваат на интернет.

Најголемиот конкурент на клаудкоин во моментот е битокин, кој се размножува со различни операции на мрежите. Но, и валутата во чие усовршување учествува Бајиќ ќе се најде на берзата - ќе можеме да ја купуваме или продаваме и така да заработуваме, а вредноста ќе ѝ биде утврдена според понудата и побарувачката.

„Моментално три големи конкуренти на пазарот се клаудкоин, етернеус и биткоин - а која валута ќе стане највредна, ќе каже пазарот. Навиваме за нашата технологија, која е меѓу првите во светот. 'Пејпал' е во преговори со нашиот основач, професорот Шон Вордингтон, за клаудкоинот да го признае како средство за плаќање. Сега можете да купите нешто на интернет и да го платите со клаудкоин. Тоа е голем чекор напред. Сепак, сè зависи од институции како што е Светската банка. Таа моментално не ги признава крипто-валутите затоа што тие би го намалиле влијанието на сите банки во светот. Нема да постои повеќе потреба за конверзија и банките нема да заработуваат“, вели Бајиќ.