Македонскиот јазик една деценија се изучува во Загреб: За некои тешкотија е акцентот, а за помалите - кирилицата

Македонскиот јазик една деценија се изучува во Загреб: За некои тешкотија е акцентот, а за помалите - кирилицата

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Наставата се одржува во две основни училишта во Загреб и во нив ги имаме сите услови за квалитетна настава. Нашето училиште се разликува од училиштата за македонски јазик во Словенија, Швајцарија, Германија, кои ги финансира Министерството за образование на Р. Македонија – вели професорката по македонски јазик Деспина Велинска.



Речиси ист број хрватски и македонски деца ја следат наставата на македонски јазик во две основни училишта во Загреб. Како изборен предмет, македонскиот јазик се изучува од учебната 2006/2007 година, односно веќе 11 учебни години, ни посочи Деспина Велинска, професорка по македонски јазик во Загреб.

- Можам да кажам дека интересот за изучување на македонскиот јазик е на ниво кое ја задоволува нормата на своето постоење, односно е натпросечен.

Министерството за образование на Република Хрватска, според Законот за националните малцинства, овозможува образование на ученици во основното образование кои се припадници на националните малцинства. Значи, училиштето почна со работа за Македонците што живеат во Загреб. Но, веќе втората, третата учебна година станавме интересна група која ја разбуди детската љубопитност – вели Велинска.

Според Законот за образование на националните малцинства, учениците имаат право да изучуваат изборен предмет од 2 до 5 часа неделно. За изучување на македонскиот јазик се одобрени четири часа неделно, вели професорката.

-За позитивната атмосфера бескрајно сум им благодарна и на директорот и на прекрасните колеги кои ме примија во наставничкиот совет како една од нив. Ги поттикнуваа учениците кои покажуваа интерес за македонскиот јазик да дојдат на настава и така почна да расте бројот на „хрватски“ ученици што сакаат да го изучуваат македонскиот јазик. Така дојдовме до број од половина хрватски ученици, половина македонски ученици, односно на некој начин петоците се резервирани за хрватските, а саботите - за македонските ученици – вели нашата соговорничка, која признава дека наставата била динамична и разновидна, со оглед на тоа дека доаѓале ученици со различни предзнаења, интереси и возраст.



Изучувањето на македонскиот јазик во Загреб е целосно финансирано од Министерството за образование на Република Хрватска.

-Наставата се одржува во две основни училишта („Никола Тесла“ и „Аугуст Харамбашиќ“) во Загреб и во нив ги имаме сите услови за квалитетна настава.

Училниците се опремени со компјутери, со што значително се обогатуваат наставните содржини. Нашето училиште се разликува од училиштата за македонски јазик во Словенија, Швајцарија, Германија, кои ги финансира Министерството за образование на Р. Македонија – категорична е Велинска.

На прашањето што им е најинтересно, а што најтешко да изучуваат од македонскиот јазик, професорката ни пренесе:

-Најголемо задоволство ми е кога ќе дојде некој ученик и ќе рече дека сака да учи македонски јазик. Кога нешто се сака, ништо не е тешко. Сличноста на јазиците ја руши онаа прва бариера. Учениците се мотивирани зашто делумно го разбираат јазикот и тоа им е доволен поттик за да продолжат понатаму. Тешкотијата за секој ученик е индивидуална, некои имаат проблем со акцентот, други со дијалектот, додека на малите им е потешко да го совладаат кирилското писмо.

Загреб бил пионерски град за изучувањето на македонскиот јазик во Хрватска. Од пред две години било отворено и училиште за средно образование. После Загреб, биле отворени училишта во Пула, Риека, Осиек, Сплит, така што се покриени сите поголеми градови.

-Тоа значи дека имаме добра мала војска љубители и познавачи на македонскиот јазик и култура – вели професорката Велинска.