Интервју со Сашо Стојковиќ, дипломирал на ПМФ со просек 10: „Познавам многу хемичари што работат во бутици и супермаркети“

Интервју со Сашо Стојковиќ, дипломирал на ПМФ со просек 10: „Познавам многу хемичари што работат во бутици и супермаркети“

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Лектор: Ивана Кузманоска

Природните и техничките науки бараат голема посветеност за квалитетно изучување и на еден начин жртвување на дел од животот за таа цел. Ова го вели 26-годишниот Сашо Стојковиќ, страстен вљубеник во хемијата. Дипломирал на ПМФ, на Институтот за хемија, во 2014 година со просек 10 и бил прогласен за најдобар студент на ПМФ (заедно со колега од Институтот за физика). Вели дека најглавен фактор за успех во неговата област е љубовта кон она што сакаме да го изучуваме, односно кон она што нè интересира. Тој е добитник и на многубројни награди и признанија, стипендии, а е автор на повеќе научноистражувачки трудови.



- Отсекогаш ја сакав хемијата и можам без двоумење да кажам дека отсекогаш сакав да бидам хемичар. Од мали нозе, по дома, си правев разни експерименти, читав различна стручна литература од областа на хемијата и од останатите природни науки. Едноставно многу сакав да го правам тоа и, се разбира, сѐ уште сакам. Првите посериозни успеси во хемијата ги имав во текот на средното образование со учество на неколку натпревари по хемија организирани од Народна техника на Македонија, како и од Асоцијацијата на средни стручни училишта, каде што освоив неколку први места. Во текот на средното образование најмногу соработував во професорките Ф. Карафиљковска и В. Солакова и воедно доставивме патентно барање за иновација до Државниот завод за индустриска сопственост. Патентното барање опфаќа синтеза на едноставен антипенливец и дизајн на технолошки процес за негово производство. По запишувањето на факултет, мојот престој во зградата на Институтот за хемија понекогаш започнуваше наутро, а завршуваше во доцните часови. Едноставно ми стана втор дом, или прв – вели Стојковиќ.

Добриот просек, во случајов најдобриот, секако носи лично задоволство, но какви бенефити Ви носи од научен аспект, дали отвора врати во научните кругови?
- Добриот просек, се разбира, доколку е заслужен, носи лично задоволство од една страна, но може да носи и големи разочарувања по завршување на студиите во рамките на едно општество, какво што е нашето. Просекот не носи скоро никакви бенефити во нашата земја од аспект на наоѓање работа по завршување на додипломските студии (особено никакви бенефиции при барање работа во рамките на приватниот сектор, но тоа е друга приказна). Според моето мислење, просекот за време на додипломските студии не може и не смее да се толкува како носител на карактеристиките (во однос на знаењето, квалитетот, интелигенцијата, однесувањето и друго) на една личност. Јас познавам луѓе што имале просек околу 8, т.е. биле просечни студенти и не се истакнувале многу за време на додипломските студии, но денес се или на докторски студии или веќе докторирале на реномирани странски универзитети и воедно се експерти во своите области. Воопшто не мора да значи дека ако некој дипломира со просек 10, дека има сигурна иднина и не треба за ништо да се грижи понатаму во животот. Многу е важно да се остане приземјен и разумен... Што се однесува до „отворање врати“, просекот не е тој што ги отвора вратите во научните кругови, туку научноистражувачката област со која некој се занимава, т.е. колку е таа актуелна и колку добиените резултати се значајни за придонесот кон науката воопшто. Но, овде јас би се надоврзал на „отворање врати“ кон подобра иднина за најдобрите дипломирани студенти.



Мислам дека ситуацијата кај нас во врска со ова е повеќе од јасна. Имено, најголем дел од најдобрите дипломирани студенти од областите на природните и техничките науки се или веќе заминати надвор од нашата земја или се во постапка на заминување и сите ние ги знаеме причините за тоа. Едноставно нема државни стипендии за магистерски и докторски студии (а самите докторски студии се прескапи), не се објавуваат конкурси за вработување на најдобрите студенти на матичните факултети, како што тоа се правело некогаш, мали се платите и ред други работи. Би се повикал и на една народна поговорка која вели - поп во свое село не можеш да бидеш! Што се однесува до мене, јас по завршувањето со постдипломските студии не чекав многу пред да започнам со аплицирање на различни универзитети и научни центри низ Европа за да продолжам на докторски студии. Преговарав со многу институции, со некои успешно, а со некои не баш, но можам да кажам дека сега моментално имам рок од неколку дена за да донесам одлука меѓу два универзитета, т.е. кој од нив ќе го изберам да ме стипендира за продолжување на моето образование на докторски студии по хемија.

Мал е бројот на студенти што се запишуваат на хемија. Ова е проблем со кој се соочува ПМФ веќе подолго време. Кои се причините за тоа и како може да се променат нештата кон подобро?
- За жал, во нашата земја, не само хемијата туку и останатите природни науки не се многу атрактивни и најголем број од матурантите се одлучуваат своето образование да го продолжат на факултетите по општествено-хуманистички науки, политички науки, бизнис, менаџмент и слично. Ова не е проблем само на ПМФ, туку и на факултетите од областите на техничките науки. Природните и техничките науки бараат голема посветеност за квалитетно изучување и на еден начин жртвување на дел од животот за таа цел. Не велам дека општествено-хуманистичките и сличните науки се лесни и едноставни за изучување, но сепак реалност е дека се далеку полесни во споредба со природните и техничките. Дополнително, постоењето на голем број приватни универзитети (генерално профитно-ориентирани организации), каде што, според мене, квалитетот на настава и реалното оценување се од сомнителен карактер (се разбира има и исклучоци), претставува едноставен начин за стекнување академска диплома. Неатрактивноста на природните науки произлегува и од тешкотиите при наоѓање соодветна работа (според завршеното образование) по завршување на студиите. Јас познавам многу хемичари што, за жал, работат по бутици за облека, супермаркети и слично, особено во помалите градови. Познавам и такви што се преквалификувале во други, понекогаш и сродни, области (на пр. екологија, заштита на животна средина, безбедност и здравје при работа и слично). Јас не ги деградирам луѓето што си го заработуваат лебот работејќи на споменатите работни места (продавници, бутици...), туку сакам да кажам дека навистина не е лесно да се најде соодветна работа во земја во која скоро и да нема хемиска индустрија. Воопшто не е за пофалба ни тоа дека кај нас постои едно општо размислување, особено кај сопствениците од приватниот сектор, според кое: „да се работи нешто значи или да се извршува некоја физичка работа или, пак, цело работно време да се кисне на компјутер“. Вака излегува дека кај нас постојат само два типа работни позиции во приватниот сектор.



Посебен проблем, во нашето општество, е и големата недоверба во младите луѓе, односно размислување од типот: „Има работа, ама младите не сакаат да работат“. Тоа апсолутно не е точно! Промената на нештата кон подобро не може да се случи преку ноќ бидејќи, барем според мене, ситуацијата е премногу сложена. Проблемите се наталожуваат со години наназад. Подобрувањето на нештата треба да се одвива во неколку фази и за тоа е потребен многу голем ентузијазам од страна на самата држава со цел нивно спроведување. Треба да започне со зголемување на финансиските средства за факултетите по природни и технички науки, со цел темелно реновирање на факултетските објекти и набавка на нов инвентар, реновирање на студентските домови, купување повеќе опрема за поголем фонд на часови со лабораториски вежби/практична настава, обновување на опремата од областа на информатичката технологија, овозможување пристап кон стручната литература во електронска форма преку претплатување на интернет-пребарувачите на примарни извори на научни информации (Scopus, Web of Science, ScienceDirect и многу други). Финансирање на најдобрите студенти од областите на природните и техничките науки со значителни средства во облик на стипендии, особено за магистерски и докторски студии, вработување на најдобрите студенти на факултетите по нивното дипломирање и многу други мерки. Во некоја наредна фаза и намалување на квотите за запишување на факултетите по општествено-хуманистички и слични науки и стимулирање на учениците уште од рана возраст кон природните и техничките науки. Понатаму, заживување на индустријата и отворање истражувачки центри од разни актуелни области и слично. Доколку ова почне да се спроведува на квалитетен начин, а не само про форма, јас мислам дека за неколку години најголем дел од проблемите со малиот број студенти, особено по природни науки, ќе станат минато.

Какви можности за истражување имавте додека студиравте и секако за време на магистерските?
- Согласно фактот дека во Македонија (барем во последниве години) нема национални научноистражувачки проекти со значителен фонд на средства и финансирани од државата (освен некои билатерални и слични проекти, од кои во два имам учествувано, но со релативно мал фонд на финансиски средства), ресурсите за истражување се навистина оскудни. Сепак, желбата за наука, соработката со истражувачи од различни области, реализацијата на своите идеи, доведуваат до тоа секој истражувач, што навистина сака да направи нешто во својата област, да вложи сè и да даде сè од себе со цел да оствари некоја цел, без разлика на тоа дали ќе има некој бенефит и без притоа да го изгуби ентузијазмот за творештво. Може да се каже дека ова важи општо за сите што се занимаваат со научноистражувачка работа во Македонија, бидејќи покрај незавидните услови, недостигот на опрема и недостигот на финансии, науката кај нас е плодна доколку се земе предвид бројот и значајноста на научните публикации на годишно ниво. Во ова особено се истакнува Институтот за хемија. За среќа, голем број од луѓето што се занимаваат со научноистражувачка дејност во нашата земја соработуваат со многу научници, факултети, универзитети и институции во странство. Иста е приказната и во мојот случај, секако и при изработката на мојата дипломска и магистерска работа, ама успеваме да се снајдеме како знаеме и умееме, понекогаш со импровизирање на конструкции на различни видови апаратури и слично. Мислам дека, поради ова, студентите дипломирани во нашата земја, за разлика од студентите од универзитетите надвор од неа, се некако поснаодливи во различни услови за работа и во недостиг на ресурси и, секако, многу се ценети поради тоа. Ова ми беше дадено до знаење од страна на еден професор на реномиран универзитет во Германија...

Што треба општо да се промени во образовниот систем за хемијата да им стане поблиска и поинтересна на учениците?
- Во последно време, барем на Институтот за хемија при ПМФ - Скопје, се прават напори за зголемување на атрактивноста на хемијата кај учениците од основното и средното образование. Имено, се организираат натпревари по хемија за ученици што потоа земаат учество и на Меѓународната олимпијада по хемија, се организираат хемиски спектакли кои се одржуваат неколку пати годишно, семинари за наставниците од основните и од средните училишта и слично. Нашата држава може да се гордее со фактот дека оваа година ученик од Македонија освои бронзен медал на 49. Меѓународна олимпијата по хемија, која се одржа во Тајланд. Но сето тоа, во најголем дел, не се базира на некоја државна стратегија, туку повеќе се базира на ентузијазмот на поединци кои земаат активно учество во организирањето на тие настани, и воедно треба повеќе да се стимулираат и наградуваат учесниците и нивните ментори од страна на државата. Сметам дека е потребно да се зголеми фондот на часови од областите на природните науки, особено во текот на основното образование, и тоа со повеќе практична настава преку изведување експерименти, симулации и друго. Што се однесува до средните училишта, мислам дека е потребно да се зголеми бројот на средни стручни училишта (како во минатото) каде што повеќе ќе се изучуваат природните и техничките науки. Во секој случај, потребно е самата држава да преземе посериозни мерки и да одвои поголеми финансиски средства.

Во моментов работите како хемиски инженер. Колку сте задоволни од работата?
- Работам во Друштвото за техничко испитување, контрола на квалитет и на квантитет и консалтинг „Еуромак-Контрол“ ДОО Скопје, на работно место хемиски аналитичар и инспектор за контрола на квалитет и квантитет на нафта и нафтени деривати. Работната позиција во оваа фирма не е моето прво работно место, односно сум работел и во други компании од приватниот сектор на слична работна позиција. Сметам дека хемиските инженери, т.е. инженерските професии генерално, се мошне деградирани денес, во споредба со некои минати времиња. Според мене, хемичарите треба да имаат бенефициран стаж, согласно одговорноста и опасностите што ги носи самата професија. Но, во секој случај, не би навлегувал во голема дискусија околу ова прашање.