Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Македонките треба да работат 7 часа и 4 минути

 
Жените во Европа се пообразовани, а помалку платени од мажите. Каква е состојбата во Македонија?



Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки во 2016 година изнесува 58,9 отсто. Бројот на жените што одбраниле докторска дисертација во текот на 2016 година изнесува 111 кандидати, односно 56,3 отсто од вкупниот број лица што докторирале, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Жените во Европа се пообразовани од мажите, иако посилниот пол сѐ уште заработува повеќе, покажува статистиката. Дека Македонија и Балканот не заостануваат зад Европа потврдува и нашиот Државен завод за статистика. Таква е состојбата и во Србија. Разликите во образованието кај двата пола наспроти нерамномерните плати, поточно кај вработените во медиумскиот магнат Би-би-си, изминатите денови беше главна тема во британските медиуми.

Анализите покажуваат дека во Европската Унија мажите земаат просечно за 16 отсто повисоки плати од жените, иако скоро во сите земји од Унијата жените се пообразовани од мажите. Српска „Политика“ ги пренесува податоците од Европското статистичко биро (Евростат) според кои на универзитетите во ЕУ во 2015 година дипломирале околу 5 милиони студенти, а поголем дел од нив биле жени. Естонија има најголем процент на жени меѓу дипломираните студенти, но и најголема разлика во платите меѓу мажите и жените – дури 27 отсто. Анализа на Евростат покажува и дека жените сочинуваат поголем дел од работната сила во повеќето професии, меѓу кои образованието и здравството, додека мажите доминираат во информатичката технологија и инженерските професии.

Побројни дури и на Факултетот за безбедност – Скопје

И во Македонија состојбите се слични. Според Државниот завод за статистика, лани на нашите универзитети дипломирале повеќе жени од мажи. Процентот на дипломирани жени изнесува 58 отсто. Од вкупно 8.247 студенти, 4.787 се од понежниот пол. Драстична е состојбата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде што традиционално има најмногу дипломци. Од 3.580 студенти дури 2.284 се жени.

Интересни резултати даваат поединечните анализи. И кај нас мажите доминираат на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Факултетот за информациски науки и компјутерско инженерство, на Машински и на Градежен факултет. Но жените доминираат на Природно-математичкиот, Архитектонскиот, Медицинскиот, Стоматолошкиот, Економскиот, Правниот, Филозофскиот, Филолошкиот, Падагошкиот факултет. Побројни се мажите кои лани дипломирале на факултетите за физичка култура, за драмски уметности, за музичка уметност. Но, на Факултетот за безбедност – Скопје лани дипломирале повеќе жени – 43 од вкупно 81 дипломец.

И на Државниот универзитет во Тетово лани дипломирале повеќе жени – од 1.169 дипломци 702 биле од понежниот пол.

- Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки во 2016 година изнесува 58,9 отсто. Бројот на жените што одбраниле докторска дисертација во текот на 2016 година изнесува 111 кандидати, односно 56,3 отсто од вкупниот број на лица што докторирале. Од вкупниот број докторирани лица, најголем процент, 32,5 отсто својата професија ја вршат во образовната дејност – велат од ДЗС.

Македонките треба да работат 7 часа и 4 минути

Обемното истражување на „Фајнанс тинк“ во 2015 година покажало дека во Македонија жените земаат за 12 отсто помала плата од мажите. Пресметано во работни часови, за да се изедначи овој јаз, мажите треба да работат 8 часа, а жените - 7 часа и 4 минути.

Според податоците на Евростат, половата застапеност во високообразованото население меѓу мажите и жените била изедначена единствено во Германија. Во Естонија, Словачка, Шведска, Чешка Република, Унгарија, Словенија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Италија, Грција, Романија, Велика Британија, Франција, Холандија, Австрија и Шпанија побројни се жените.
 
Објавено на 07.08.2017 во категорија Образование
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Образование