Оваа држава е „нова најопасна европска зона“ за туристи

Оваа држава е „нова најопасна европска зона“ за туристи

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Туристичко место во Шпанија
(Фото: Pixabay)

Идилични плажи, величествена архитектура, богат ноќен живот и живописна култура се само некои од адутите со кои Шпанија секоја година привлекува милиони посетители. Меѓутоа, зад овој рајски приказ се кријат големи немири.

Шпанија никогаш не била попопуларна. Веќе четири години со ред се наоѓа на трето место на листата со земји со најголема туристичка посетеност. Во 2014 година ја посетиле 65 милиони туристи, во 2015 биле забележани 68 милиони посети, а минатата година во Шпанија дошле 75,3 милиони туристи. Овој број го надминува бројот на жители на оваа земја, чија популација изнесува 46 милиони.

Летото е веќе во екот, а анксиозноста меѓу населението го достигнала врвот.

Минатата година Барселона го ограничила бројот на туристи што можат да го посетат познатиот пазар Ла Бокерија, сведувајќи ја бројноста на туристичките групи на максимум 15 члена во време на „шпицот“, а граѓаните исто така гласно изразиле незадоволство од недоличното однесување на туристите.

Во Палма, на чии улици може да се видат натписите „Туристи, вратете се дома“ и „Туристи, вие сте терористи“, граѓаните, поради огромните метежи, сè почесто избегнуваат да поминуваат низ центарот на градот.

Борбата за места за паркирање на Балеарските Острови довела до предлог на туристите да им се забрани возење на нивните автомобили низ градот, а многу жители почнале да ги напуштаат местата во кои живеат.

„Сакаат да нè претворат во еден огромен тематски парк, кој навечер ќе ја затвора вратата, бидејќи наскоро овде веќе никој нема да сака да живее“, изјавил Луис Клар од Палма за „Ројтерс“.

„Ресурсите што ги имаме се ограничени, што значи дека е логично и бројот на луѓе што доаѓаат да биде ограничен. Ако целата економија ја концентрираме на туризам, ќе бидеме доведени во безизлезна ситуација ако еден ден не се промени. Ваквото сценарио не е одржливо на подолги патеки“, додал работникот Гаспар Аломар.

Резервите на вода на Ибица веќе со години се прилично „танки“, а во руралната Менорка навалата на туристи би можела да ги загрози природните знаменитости. На Магалуф масовниот туризам одамна зема замав, а истото важи и за Балеарските Острови, каде што во 2016 година е воведена такса според која туристите плаќаат дополнителни две евра за секоја помината ноќ.

Непријателството кон туристите почнало да зема размери на агресија.

Четири маскирани мажи минатата недела во Барселона во близина на стадионот „Камп Ноу“ ги издупчиле гумите на еден отворен автобус и врз него испишале „Туризмот го убива нашиот град“. Туристите помислиле дека станува збор за терористички напад.

Неколку дена подоцна во еден локал биле издупчени гумите на велосипед за изнајмување, со пораката дека на извршителите им е „повеќе мака од окупирањето на јавниот простор од страна на туристичките компании“.

Во средината на проблемот се наоѓа уверувањето дека масовниот туризам ја засилува економската разлика помеѓу општествените класи, бидејќи припадниците на работничката класа, поради „надуените“ цени на недвижностите, повеќе не се во состојба да изнајмуваат станови.

Вандализмот во Барселона се опишува како „чин на самоодбрана“.

Лаура Флорес од младото крило на радикалната партија CUP (Candidatura de Unidad Popular) рекла дека вандализмот е само одговор на насилството со кое секојдневно се соочуваат граѓаните.

„Мора да им се дозволи на граѓаните да зборуваат; улиците се единствено место на кое можеме да се грижиме“, изјавила Флорес за „Гардијан“.