28-годишната милионерка заминува во пензија

28-годишната милионерка заминува во пензија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

livingston
Фото: Getty Images

Приказната за Џеј Пи Ливингстон од Њујорк го освои светот пред помалку од една година, откако беше објавено дека на само 28 години со паметно инвестирање заработила неколку милиони долари.

Ливингстон сега повторно е во центарот на вниманието поради нејзината најава дека заминува во пензија.

Таа дипломирала на „Харвард“ во 2009 година и успеала да се вработи во инвестициска компанија. Таму ги стекнала потребното знаење и искуство, што ѝ донеле големо богатство по само неколку години работа.

Нејзиниот живот се променил по посетата на еден будистички храм во Тајван, каде што сфатила дека за среќа не е потребно многу, па започнала да применува минималистички пристап на животот. Таа штедела, а подоцна ова штедење ѝ донело големо богатство преку инвестиции.

„Одењето на факултет како ’Хавард‘ понекогаш подразбира дека сакате кариера во корпоративниот свет за да бидете почитувани во општеството. Искуството во Тајван ми помогна. При посетата на еден храм лежев на кревет направен од бамбус. Во 4 часот наутро гледав во таванот, опкружена со основните работи за живот, во целосна тишина. И бев среќна! Посреќна отколку кога бев на факултет, опкружена со можности, лидери и останати фактори за живот на привилегираните“, се потсетува Ливингстон.

Започнала да работи како финансиски експерт, истовремено зголемувајќи го штедењето. По неколку години парите почнала да ги инвестира, па успеала да направи многу пари.

„Ако инвестирате паметно, доаѓа момент кога тие инвестиции започнуваат да се враќаат. Првиот милион го заработив сама кога имав само 26 години. Во текот на оваа година ми повратија 13 отсто од вложените пари. Заработував 130 илјади долари без оглед дали работев“, вели таа.

Денес таа живее мирен живот во мал стан со нејзиниот сопруг, а нејзината необичност е во тоа што е пензионерка и милионерка на само 28 години.