Откриена тајната што ја криеше јадрото на Сонцето

Откриена тајната што ја криеше јадрото на Сонцето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

сонце
Фото: NASA

Највнатрешниот регион на Сонцето е сокриен од нашите очи и се чини дека токму тој му овозможува на јадрото да скрие голема тајна.

Првпат научниците успеале точно да ја измерат ротацијата на Сончевото јадро, откривајќи дека не се врти со иста брзина како и површината, туку ротира четирипати побрзо.

Истражувачите ја имале разгледано можноста ротацијата на Сонцето да не е во чекор со неговото внатрешно „лице“, и досега немало начин да знаат сигурно - па многумина претпоставувале дека целото Сонце се врти како целина, како интегрирана вртелешка.

Но најновите податоци што доаѓаат од Сончевата и хелиосферна опсерваторија на НАСА ги даваат првите докази за еден вид нискофреквентен гравитациски бран ширејќи се низ Сонцето, што се покажало како клуч за „фаќање“ на ротацијата на јадрото.

„Ги баравме овие г-бранови во нашето Сонце повеќе од 40 години. Иако претходно имаше обиди кои навестуваа детекција, сепак ниту еден не беше конечен. Сега конечно имаме доказ за она што го претпоставуваме“, вели Ерик Фосат од Опсерваторијата на Азурниот Брег во Франција.

Досега научниците успеале да измерат повисоки фреквенциски бранови, наречени притисок или примарни бранови (п-бранови) што поминуваат низ горните слоеви на Сонцето и лесно се детектираат на Сончевата површина.

Спротивно на тоа, г-брановите осцилираат длабоко во Сончевата внатрешност, и додека тие можат да ни кажат за однесувањето на јадрото, немаат јасен „потпис“ на површината.

„Сончевите осцилации што се изучуваа досега се звучни бранови, но треба да постојат и гравитациски бранови во Сонцето“, објаснува Фосат.

Користејќи податоци собирани скоро 16 години, истражувачите успеале да изолираат еден вид г-бран наречен г-мод, анализирајќи колку време е потребно звучниот бран да патува низ Сонцето и назад на површината: патување кое трае 4 часа и 7 минути.

Сонце
Фото: ESA

Разгледувајќи ги податоците, тие откриле серија модулации - движење на подводни бранови, што покажало како г-брановите го треселе јадрото на Сонцето.

Резултатите укажуваат дека јадрото на Сонцето ротира целосно еднаш неделно, што е речиси четирипати побрзо од соларната површина и средните слоеви, што варираат: ротираат за 25 дена на екваторот и 35 дена на половите.

„Ова е најголемиот резултат во изминатава деценија и едно од најголемите наши откритија“, вели Бернхард Флек, проект научник во „SOHO“.

„Ротацијата на јадрото останала од периодот кога се формирало Сонцето, пред околу 4,6 милијарди години. Откривме остаток од тоа како изгледало Сонцето кога било формирано првпат“, додава тој.

Сè на сè, ова е огромно откритие за астрономите. Сега кога конечно е потврдено присуството на г-модот во Сонцето, истражувачите велат дека ова е само почеток.

„Навистина е посебно да се ѕирне во суштината на Сонцето за да се добие првото индиректно мерење на неговата брзина на ротација“, вели Фосат.

„Иако децениското пребарување заврши, почнува ново истражување поврзано со соларната физика“.