Научниците на чекор до трансплантација на свински органи за човекот

Научниците на чекор до трансплантација на свински органи за човекот

Подготвил: Тамара Гроздановски

organi
Фото: Shutterstock

Меѓународен тим на научници направи чекор напред во ксенотрансплантацијата или пресадување органи меѓу различни видови, создавајќи генетски модифицирани свињи чии органи се погодни за трансплантација на луѓе.

Овој потег би можел да претставува револуција во трансплантацијата на органите, бидејќи генетски модифицираните свињи, во кои се вметнати човечки гени, би можеле да бидат погодни за трансплантација на луѓето, наместо луѓето да чекаат органи донирани од други луѓе.

Поради сличноста и компатибилноста на свинските органи со човечките, овие животни долго време се сметаат за соодветни донатори за ксенотрансплантација. За да се спречи отфрлање на животинските органи, научниците уште од почетокот на 90-тите години на минатиот век дошле до идеја на свињите да им вметнат човечки гени.

Досега проблем во пресадувањето свински органи претставувале вирусите.

Група научници предводени од двајца генетичари од „Харвард“, Џорџ Ларч и Луан Јанг, успешно ја примениле методата на клонирање за да ги отстранат гените одговорни за постоење вирус во свинската ДНК пред да пристапат до создавање на 37 свински ембриони.

Тие се надеваат дека на овој начин ќе надминат една од најголемите пречки за овој вид трансплантација.

Приватната компанија „Генесис“ создадена од Јанг и Ларч успеала да создаде 37 прасиња чии органи ќе бидат потенцијално добри за ксенотрансплантација.