Што треба да знаете за конфликтот меѓу Доналд Трамп и Ким Јонг Ун?

Што треба да знаете за конфликтот меѓу Доналд Трамп и Ким Јонг Ун?

Подготвил: Тамара Гроздановски

трамп

Веќе неколку дена, Северна Кореја и американскиот претседател Доналд Трамп меѓусебено си разменуваат закани за нуклеарна војна, веројатно најостра досега. Откако „Вашингтон Пост“ објави текст во кој американските експерти тврдат дека Северна Кореја успеала доволно да ја намали нуклеарната боева глава и да ја смести во една од своите интерконтинентални ракети, американскиот претседател започнал со вербален напад.

Во низата закани упатени до Северна Кореја, Трамп меѓу останатото ѝ се закани на земјата со „оган и бес“ каков што не виделе досега доколку Северна Кореја продолжи да ѝ се заканува на Америка. Тој на Ким Јонг-ун му порача дека американското оружје е подготвено за напад. Опасната реторика на американскиот претседател ја загрижи меѓународната заедница која повикува на смиреност. Целата ситуација сега е тешко да се следи, па затоа ви нудиме хронолошки преглед на најважните случувања од изминативе неколку дена.

1. Како сè започнало?

Во вторникот, на 8 август, „Вашингтон Пост“ објави тајни заклучоци од експертите на американската разузнавачка служба дека Северна Кореја успеала да ја намали нуклеарната боева глава за да ја смести во една од своите интерконтинентални ракети што може да ја стигне Америка. Како што пишува „Вашингтон Пост“, ова би можело да претставува важен напредок на Северна Кореја која би можела да стане нуклеарна сила.

2. Изјавите на Доналд Трамп

После објавата на „Вашингтон Пост“, американскиот претседател порача дека Северна Кореја ќе биде дочекана со „оган и бес“ доколку продолжи да ѝ се заканува на Америка. Подоцна Трамп изјави дека северно-корејскиот лидер поставува закани надвор од нормалата, па и неговата изјава била надвор од нормалата.

3. Што рекоа членовите на администрацијата на Трамп?

Американскиот министер за одбрана, Џим Матис изјави дека можната војна помеѓу Америка и Северна Кореја би била катастрофална. Тој додаде дека е негова одговорност да ги подготви воените операции доколку е потребно, но дека Америка заговара дипломатски пристап кон заканите од Северна Кореја. Тој рече дека Америка ќе го уништи северно-корејскиот режим и држава само ако Северна Кореја нападне. И американскиот државен секретар Рекс Тилерсон се обиде малку да ја смири ситуацијата порачувајќи дека Северна Кореја не претставува опасност и дека Американците можат мирно да спијат.

4. Северна Кореја се закани со ракетен напад

Како одговор на заканите од Трамп, Северна Кореја во средата објави дека внимателно го разгледува планот за напад со балистичка ракета во близина на американската пацифичка територија доколку Трамп продолжи да се заканува. Ракетите ќе летнат над јапонската територија и ќе паднат во море на околу 30 до 40 километри оддалеченост од Гуам.

5. Како Трамп одговори?


Трамп во петокот преку „Твитер“ повторно ѝ се закани на Северна Кореја. Тој напиша дека американското оружје е наполнето и подготвено. Подоцна на неформална конференција Трамп му порача на Ким Јонг дека за брзо време ќе зажали ако се одлучи за било каков напад во Гуам или друга американска територија.

6. Како на сето ова реагираат Кина и Јапонија?

Откако Северна Кореја го најави планот за лансирање на ракета на островот Гуам, Јапонија во саботата својот противракетен систем го премести во Шимана, Хирошима и Кочи, западно од земјата. Јапонската влада претходно изјави дека има намера да ги уништи северно-корејските ракети кои евентуално би биле закана за јапонската територија. Кинескиот претседател Кси Џинпинг разговарал со Трамп и го повикал да се воздржи од изјави и акции што би довеле до ескалација на корејскиот полуостров.

7. Што вели Европа?

Германската канцеларка Ангела Меркел во петокот порача дека конфликтот помеѓу Трамп и Северна Кореја не може да се реши воено, а во саботата реагираа и Франција и Велика Британија кои повикуваат на смирување на напнатоста. Францускиот претседател Емануел Макрон повикува на одговорност и спречување на секаква ескалација на напнатоста. Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон вели дека Ким Јонг Ун ќе сноси одговорност за „кризата“, а порачува дека меѓународната заедница е единствена во барањето Северна Кореја да прекине со своите агресивни операции и да бара дипломатско решение.

8. Какви се предвидувањата на аналитичарите?


Во анализите за потенцијалниот конфликт помеѓу Америка и Северна Кореја, аналитичарите се плашат дека војната во Кореја би била катастрофална. Само во првите неколку часа би имало 100,000 мртви, од кои ниту еден Американец, туку жители од Сеул.