Познат експерт ги објаснува погрешните толкувања за Северна Кореја

Познат експерт ги објаснува погрешните толкувања за Северна Кореја

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Постојано се поставува прашањето дали ќе има војна со оглед на растот на тензиите помеѓу Северна Кореја и САД.


Доналд Трамп изјави дека Северна Кореја ќе се соочи со оган и бес каков што светот не видел ако продолжи да им се заканува на САД и на нивните сојузници. Северна Кореја, пак, продолжува да се заканува со напад на воените сили на САД кај Гуам.

За да ја разјасни ситуацијата, Ана Фифилд, уредник на дописништвото од Токио за  „Вашингтон пост“, објаснува низа прашања, сите поврзани со погрешните толкувања за Северна Кореја, а и потврдува некои теории. Ова се неколку од нив:

1. Идејата дека војната помеѓу САД и Северна Кореја е неизбежна:

Таа вели дека иако тензијата меѓу двете земји е голема, ниедна од нив нема корист од војна. Северна Кореја бидејќи ќе биде уништена од супероружјето на САД, а САД, пак, бидејќи немаат потреба од нова војна, особено не со некој што тврди дека има нуклеарно оружје.

2. Идејата дека моменталната тензија помеѓу САД и Северна Кореја е исклучителна:

Многу слична ситуација со онаа видена порано. На некој начин се чувствува помала тензија од онаа во април 2013. Тогаш Северна Кореја ги советуваше странските дипломати да го остават Пјонгјанг за сопствена безбедност, можеби како индикација дека е можен конфликт.

3. Идејата дека единственото нешто што Северна Кореја го има е нуклеарно оружје:

Северна Кореја може да предизвика огромна штета за кратко време. Има ракети што можат да достигнат до Сеул и неговиот регион, што е дом на 25 милиони луѓе.

4. Зошто во Северна Кореја немало државен удар или востание?

Режимот е толку силен што кај луѓето владее страв дури и да постават прашање или да дадат некаква критика, освен ако не е упатена кон член на нивното семејство, а понекогаш дури ни кон нив. Ако тоа се случи, граѓанинот може да биде истеран од земјата или погубен. Понекогаш цели семејства се казнувани поради делата на едно лице.

5. Идејата дека на популацијата во Северна Кореја ѝ е „испран мозокот“:

Пропагандата се одвива уште од градинките кога децата пеат песни во кои се зборува против САД. Луѓето се плашат да се запрашаат дали функционира системот, но сите знаат дека системот е лага, но не и нивната земја, која е всушност „социјалистички рај“.

6. Идејата дека граѓаните на Северна Кореја гладуваат

По поделбата со Јужна Кореја, северниот дел бил составен повеќе од индустриски зони, додека пак лебот се произведувал најмногу во јужниот дел. Земјата се снаоѓа најмногу од своите политички сојузници, најмногу од Советскиот сојуз и Кина. Што значи дека Северна Кореја постојано има проблем со недоволно храна.

7. Идејата дека санкциите на ОН се ефективни

Можеби влијаат, но не го сменија однесувањето на Северна Кореја. Не направија земјата да престане со тестирање нуклеарно оружје. Па, ако целта на санкциите беше да се натера Северна Кореја да ја прекине програмата за нуклеарно оружје, тогаш санкциите очигледно не се ефективни.