Интервју со проф. д-р Горан Илиќ, Декан на Правниот факултет при Универзитетот „св. Климент Охридски“ – Битола

Интервју со проф. д-р Горан Илиќ, Декан на Правниот факултет при Универзитетот „св. Климент Охридски“ – Битола


 

1.Правниот факултет како дел од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола беше повторно обновен во 2008 година. Која е важноста од неговото постоење за овој дел од Република Македонија, но и како дел од образовниот систем на Р. Македонија воопшто?

Повторното обновување на Правниот факултет при УКЛО Битола во 2008 година, првично значеше исправање на една историска неправда нанесена на нашиот Универзитет и поширокиот регион во минатото, земајќи го во предвид фактот дека тој престана да постои во доцните осумдесетти години од XX век. Важно е да се потенцира дека поранешниот Правен факултет, беше и еден од основачите на нашиот Универзитет “Св. Климент Охридски”, основан во Битола на 29 април 1979 година. Ваквата негова историска улога, претставува уште еден аргумент за неговото значење во формирањето и развојот на високото образование во Р. Македонија.

Неговото повторно обновување и постоење, ја потврдува неговата важност за вториот по старост универзитет во Р. Македонија – Универзитетот “Св. Климент Охридски” во Битола – но и за севкупниот амбиент на високото образование во нашата држава. Со неговото обновување уште еднаш се потврди и значењето на Битола како град со долгогодишна традиција во адвокатурата, правото и дипломатијата, но и се даде едно поголемо значење на југозападниот регион во Р. Македонија, како простор кој заслужува да има Правен факултет. Во моментов, Правниот факултет има свои студии во Кичево, Битола и во Струга. Нашиот Факултет, како во минатото така и денес, има продуцирано респектабилен број на високо – образувани кадри од областа на правото, кои веќе го имаат заземено своето место во севкупниот општествено – политички, економски и правен систем на Р. Македонија.

2.Како нов Декан на Правниот факултет при УКЛО Битола, кои се Вашите приоритети за четиригодишниот мандат за развојот на институцијата?

Предизвикот да се биде прв човек на една ваква институција е навистина голем, дотолку повеќе што станува збор за една исклучително динамична работна средина. Во контекст на тоа, пред моите колеги и пред моите студенти, презедов обврска за подигнување на Факултетот на едно повисоко рамниште, негово јакнење и негово понатамошно развивање, а со намера за креирање на европски услови за работа и студирање, вложување во компетентен и мотивиран наставен кадар, воспоставување на нови форми за континуирана и непосредна комуникација и соработка со студентите,  нивна се поголема инклузија во наставниот и научно – истражувачкиот процес на Факултетот, основање и работа на Центар за научно – истражувачка работа, основање и работа на Правна клиника и Правна лабораторија, издавање на Научно списание со меѓународен програмски комитет индексирано во референтни бази за научни списанија и академски репозиториуми, продолжување со издавањето на Годишникот на Факултетот негово тематизирање и подигнување на меѓународно рамниште, организирање на континуирани научни собири, советувања, тркалезни маси и сл., организирање на годишна меѓународна научна конференција, организирање и одржување на обуки и курсеви за теми кои произлегуваат од делокругот и научниот опус на Факултетот, инвестирање во издавачката дејност на Факултетот и нејзино интензивирање и интернационализирање, посебно во делот на публикување на заеднички монографии со други факултети и универзитети од странство, интензивирање и унапредување на меѓународната соработка како и континуирано воспоставување на различни форми на соработка со сите заинтересирани општествени чинители и еснафски здруженија и организации од земјата и странство, проширување на студиските програми на Факултетот како на прв, така и на втор циклус на студии, креирање на заеднички студии на втор циклус со други факултети и универзитети итн. Накратко, во претстојниот период очекувам интензивна работа и посветеност кон остварувањето на преземените обврски и остварувањето на зацртаните цели. Секако, тоа нема да биде возможно без силниот придонес од страна на членовите на новата деканска управа и сите останати соработници и колеги кои недвосмислено поседуваат компетенции и амбиции да се вложат себеси во развојот на Факултетот.

3.Што е она што Правниот факултет при УКЛО Битола го прави да биде атрактивен за идните студенти? A во однос на студиските програми, што нудат истите за идните студенти и која е нивната предност во однос на некои од останатите општествени науки?


Најпрво, тоа е понудата на студиските програми, кои ги опфаќаат трите темелни правни дисциплини, односно: граѓанското право, казненото право и меѓународното право. А потоа, тоа е и можноста за студентите сопственото високо образование на правни студии, во целост да го заокружат токму на нашиот Факултет. Оттука, нашиот Факултет нуди прв циклус на правни студии со времетраење од три години, по чие завршување студентите се стекнуваат со стручен назив: правник, потоа нудиме втор циклус на стручни / дипломски студии во времетраење од една година, со чие завршување се добива стручен назив: дипломиран правник. Во однос на вториот циклус на студии, Факултетот нуди постдипломски стручни студии по модулите: граѓанско право, казнено право и меѓународно право, со чие завршување постдипломците се стекнуваат со стручен назив: магистер по право, како и постдипломски универзитетски студии по истите модули, со чие завршување постдипломците се стекнуваат со научен степен: магистер по правни науки. Исто така, Факултетот организира и трет циклус на докторски студии на студиската програма по “Меѓународно право и политика”, со чие завршување докторантите се стекнуваат со научен степен: доктор на правни науки.

Во периодот што претстои, нашиот Факултет ќе започне и процес на изработка и акредитација и на други студиски програми од прв и втор циклус на студии, од области блиски и сродни со правото и правната наука, а се со цел проширување на понудата пред потенцијалните студенти, но и воведување на поголема интердисциплинарност во студиите кои ќе ги организира Факултетот.

Дотолку повеќе, атрактивноста и предноста на нашиот Факултет во однос на другите факултети од областа на општествените науки, произлегува и од самите резултати кои тој ги продуцира, односно големата вработливост на нашите студенти во институциите, стопанството и цивилното општество. Секако, земајќи го во предвид фактот дека со завршувањето на Правниот факултет, нашите студенти се стекнуваат со знаење и со автентични вештини, кои се неопходни за непречено функционирање на правниот, политичкиот и економскиот систем на Р. Македонија, како и професионална основа за индивидуално пробивање во кариерата, преку избор на различни професии како на пример: адвокати, нотари, извршители и сл. Со еден збор, со завршувањето на правните студии, студентите се стекнуваат со она што популарно го нарекуваме “занает”, и тие се оспособуваат самите индивидуално или организирано да го пронајдат своето работно место и практично да го употребат своето знаење и вештини стекнати за време на студиите.

4.Покрај редовната настава, колку Правниот факултет при УКЛО Битола, дава можности за практична обука или настава на своите студенти и како Вие би го подобриле овој важен сегмент од целокупното градење на еден правник?


Практичната обука и практичната настава се составни делови од функционирањето на нашиот Правен факултет. Во текот на академската година, Факултетот настојува да ги приближи студентите до она што значи практикување на правото, односно да им укаже реална можност, студентите да видат како се практицира правото и со тоа да ја спознаат неговата апликативна димензија, а воедно и да учествуваат во тој сложен процес на примена на правото. За таа цел, Факултетот директно соработува со основните и апелационите судови и другите институции на поширокото подрачје на кое тој се протега (Кичево, Битола и Струга), единиците на локалната самоуправа, адвокатските канцеларии, нотарите, извршителите, компаниите и сл.



Во блиска иднина, планираме и отворање на Правна клиника и Правна лабораторија како дополнителни медиуми за организирано спроведување на практичната настава и обука, со сета своја интердисциплинарност и апликативност. Покрај продлабочувaњето и интензивирањето на соработката со практичари и експерти кои имаат своевидно искуство од правната струка, Факултетот ќе настојува да организира и разновидни симулации на судење и други активности од неговиот делокруг, во кои директно ќе учествуваат самите студенти и нивните колеги од други правни факултети. Конечно, во однос на последното можеме да го истакнеме и освојувањето на I место од страна нашите студенти на Натпреварот за симулирано судење од областа на кривичното процесно право одржан во Штип минатата година, како и учеството на 6-тиот по ред Регионален Moot Court натпревар FUTURA за предмети пред Европскиот Суд за човекови права, кој годинава се одржа во Ниш, Србија. На овој натпревар нашите студенти настапуваа преку клубот “Titus Flavius Orestes” кој дејствува во рамки на нашиот Правен факултет и кој претставува одличен медиум за работа и подготовка за овој тип на натпревари.

5.Во однос на научно – истражувачката дејност, факултетите од правните науки играат клучна улога во градењето на општествените системи. Каде се наоѓа Правниот факултет во оваа област и кои се Вашите идни планови за подобрување на неговото место и важност?

Правните факултети се едни од стожерните факултети од областа на општествените науки на секој универзитет. Дотолку повеќе што нивната основна мисија и задача е да продуцираат високо – образуван кадар кој директно зазема учество во институциите на политичкиот систем на секоја држава, па така и во Р. Македонија. Во однос на нашиот Факултет, можам со сигурност да кажам дека во претстојниот период силно ќе се насочиме кон дополнително афирмирање и промовирање на нашиот Факултет како извор на знаење и кадар, секогаш способен и обучен да заземе соодветно место во процесот на градењето на севкупниот општествен систем во Р. Македонија,но и пошироко, во меѓународни рамки. Секако, тоа е можно само преку активно вклучување и активирање на наставничкиот и соработничкиот кадар во разновидни академски и стручни активности од една страна, но и вклучување на студентите во бројни редовни и воншколски активности на Факултетот.

Досега, научно – истражувачката работа на Факултетот во голема мера е индивидуализирана, па според тоа, една од целите на новата деканска управа е да понуди организациона рамка за нејзино оптимизирање, како во корист на Факултетот, така и во корист на секој поединечен чинител. Наскоро планираме и отворање на Центар за научно – истражувачка работа во рамки на Факултетот. Целта на неговото постоење треба да овозможи проектно активирање на Факултетот како еден од начините за развој на неговата научно – истражувачка компонента и проширување на неговата дејност во таа сфера. Во рамките на Центарот ќе бидат формирани проектни тимови составени од наставници, соработници и студенти. Тој е замислен да прерасне во своевиден медиум преку кој студентите ќе можат дополнително да бидат ангажирани со активности кои би резултирале со стекнување на дополнителни знаења и истражувачки искуства, преку што ќе се овозможи и нивно практично, но и научно – истражувачко инволвирање во содржините кои се предмет на изучување за време на студиите.

6.Меѓународната соработка и можностите за мобилност претставуваат атрактивна основа која ги привлекува младите студенти. Колку Факултетот обрнува внимание на овие програми и како Вие со Вашиот тим би ги мотивирале своите студенти почесто да ги користат бенефитите од програмите за мобилност? И во која насока би ја воделе меѓународната соработка на Факултетот и можностите за соработка со факултетите од регионот и пошироко?

Меѓународната соработка е една од клучните компоненти на нашето дејствување. Нашиот Факултет во претходниот период во голема мера се насочи кон отворање на нови можности за меѓународно ангажирање на нашите студенти и на нашиот наставнички и соработнички кадар. Секако, и во иднина ќе вложуваме големи напори во уште поголема меѓународна афирмација на нашиот Факултет. Сето тоа, директно се рефлектира врз атрактивноста на Факултетот и неговата национална, но и меѓународна препознатливост. Претежно, Факултетот ги ползува институционалните релации кои веќе ги има воспоставено Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола, но исто така, гради и свои релации преку склучување на билатералани спогодби со други академски субјекти. Во оваа насока, важно е да ја споменам и одличната соработка со “Центарот за Европа” при Универзитетот од Варшава (Полска), а на повидок е билатералната соработка со Правниот факултет при Универзитетот во Бања Лука, Р. Српска (БиХ) и Правниот факултет при Универзитетот во Анкара (Турција). Покрај тоа, Факултетот активно партиципира и во мултилатералните мрежи и програми за соработка како ЕРАЗМУС+ и CEEPUS. Во рамките на ЕРАЗМУС+ програмата, нашиот Факултет има воспоставено соработка со Правниот факултет при Универзитетот во Марибор (Словенија), Факултетот за администрација при Универзитетот во Љубљана (Словенија), Правниот факултет при Западниот универзитет од Темишвар (Романија), Факултетот за политички науки и меѓународни студии при Универзитетот во Варшава (Полска), Правниот факултет при Универзитетот од Фоџа (Италија) и Правниот факултет при Универзитетот во Пловдив (Бугарија). Додека, преку CEEPUS програмата, нашиот Факултет е дел од мрежата “Ethics and Politics in the European Context” во која е активен партнер заедно со уште 16 реномирани факултети и универзитети ширум Европа. Секако, тука не застануваме, туку напротив, сите чинители во новата деканска управа, заеднички ќе продолжиме да инвестираме во меѓународната активност на Факултетот, а со тоа и во неговата национална и меѓународна атрактивност.

7.Бидејќи во август следи првиот уписен рок на факултетите, каде може да аплицираат идните студенти и колкав е бројот на слободни места на Правниот факултет при УКЛО Битола?

Секој заинтересиран кандидат за пријавување и запишување на Правниот факултет треба да се најави на www.upisi.uklo.edu.mk и да ја пополни комплетната пријава. Потоа на денот на уписите се доставуваат документите заедно со бројот од електронската апликација. Уписот се прави со регистрирање на системот за електронско спроведување уписи на Правниот факултет, кој е поставен на неговата веб страна (pfk.uklo.edu.mk).Во согласност со Конкурсот за запишување на студенти во прва година на прв циклус студии на нашиот Правен факултет за академската 2017/2018 година се предвидува запишување на 160 студенти во Битола, 80 студенти во Кичево и 80 студенти во Струга.

8.Што Вие како Декан, заедно со Вашата деканска управа би им порачале на идните студенти? Зошто Правниот факултет при УКЛО Битола, треба да биде нивниот избор?

Со запишувањето на нашиот Правен факултет, студентите уште еднаш ќе го потврдат значењето, препознатливоста и квалитетот на нашата институција. Со тоа, тие ќе се определат своето високо образование да го продолжат на една реномирана високо – образовна институција, која е секогаш подготвена да им излезе во пресрет во процесот на нивното студирање, која преку своите перформанси и потенцијали им го гарантира квалитетот на студиите и тежината на стекнатото знаење. Бидејќи само преку инвестирањето во квалитетот на студиите, и инвестирањето во студентите, ние веруваме дека можеме да бидеме идентификувани во пошироката средина како уникатна институција која недвосмислено вложува во сопственото подобрување, растење и развивање. Со една единствена цел – квалитетно образование за нашите студенти! Преку инвестирањето во нив, ние всушност инвестираме и во нас, во нашиот Правен факултет. Со запишувањето на нашиот Факултет, студентите ја потврдуваат нивната определба да студираат во една добро организирана академска средина, карактеристична по својата динамичност, креативност и секако инклузивност и непосредност. Ние сме Факултет  што сакаме да им го обезбедиме најдоброто на нашите студенти и тоа ќе го правиме за нив и во иднина.