Здраво воспитување создава здрави деца

Здраво воспитување создава здрави деца

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Девојче
(Фото: Pixabay)


Популарната психологија секојдневно нè опсипува со резултати од различни истражувања кои често не се совпаѓаат со традиционалните учења и постапки што се пренесуваат од колено на колено. Како правилно да се поставиме кон детето во одредена ситуација? Можеби најдобро е да се чуе искуството од друг родител, а особено ако станува збор за мајка со шест деца која истовремено е и магистер по психологија и повеќе од две децении научно ја истражува областа на родителството, односно кога станува збор за Сара Чејн Редклиф, меѓу другото и авторка на книгата „Воспитувајте ги децата без повишен глас“.

Филозофијата на родителството

Како долгогодишна соработничка на Клиниката за лекување нарушувања во учењето во Торонто и како истражувач во областа на развојната психологија, Сара Чејн Редклиф советува за работата на родителот да размислуваме како за „поддршка во развојот на човечко суштество“. Таков „опис на работата“ може да нè одржи на вистинскиот пат, помагајќи ни да поставиме цели кои реално можат да се постигнат и да го правиме тоа што е во наша моќ за да можеме да им помогнеме на децата да го остварат својот потенцијал.

Доколку не сакате да го ограничувате развојот на своите деца, од есенцијална важност е да знаете како да ги воспитувате без да го повишувате гласот!

Како децата да нè слушаат?

Прв позитивен метод е коментирањето, бидејќи со коментирање на позитивното однесување на детето го поттикнувате одново да направи нешто добро, па поради тоа, секогаш треба да им придавате помало значење на негативните нешта. Потврдувањето, пофалбата и признанието се потврда за вниманието, почитта и благодарноста кон детето.  

Друг позитивен метод е етикетата. Позитивните етикети се користат за позитивно програмирање. Детето треба да формира слика за себе врз основа на своите успешни етикети и позитивни коментари. Независно кои зборови ќе ги употребите, знајте дека ќе ги користите дваесет години – секојпат кога ќе изговорите некоја пофалба придружете ја со позитивна етикета: „Прекрасен цртеж. Толку многу си талентиран!“

Промена на негативното во позитивно

Ова правило е многу едноставно – употребете чиста спротивност на етикетата што најдобро го опишува лошото однесување на детето. Наместо „не биди безобразен“, речете му „биди пристоен“, наместо „не биди неуреден“ – „биди уреден“, себичен прераснува во несебичен, невнимателен во внимателен...

Трет позитивен ефект претставуваат наградите: особено се пожелни кога сакате децата да развијат нов вид однесување. Правилото на наградата е содржано во два вида однесување, преку методот на позитивна дисциплина и како дел од табелата со награди. Во практиката тоа изгледа вака:

К – мајката коментира – „Гледам дека мирно седиш и чекаш.“
Е – мајката етикетира – „Навистина си многу трпелив/а.“
Н – мајката наградува – „Мислам дека тоа заслужува чоколатче, игра (или сл.).“

Наградата и подмитувањето многу се разликуваат бидејќи наградата следува после направено добро дело и со неа детето не се условува!

Табелата со награди можете да ја користите еднаш или двапати годишно. Смислете низа задачи и на крајот оставете ја најтешката, за која следува и награда. Важно е задачите да имаат еден фокус, на пр., детето да научи само да си ја средува собата или поубаво да си игра со другарчињата.

Стратегиите на родителството, според Редклиф, се претставени како низа помалку стресни можности. Доколку тоа што го правите помага да имате добар однос со детето, тогаш не менувајте ништо.

Родителската сила потекнува од здравиот однос родител-дете. Детето кое ве сака, сака да ве задоволува и до некаде да биде како вас. Детето кое ве мрази ќе сака да се дистанцира од вас и од сè што е поврзано со вас. Не му е грижа да ве импресионира и сигурно нема да ве имитира. Нема да можете да му пренесете ништо важно! Затоа родителството е насочено кон зајакнување на нежните чувства помеѓу родителите и децата. Таа цел треба да се има на ум во секој момент, а особено кога детето треба да се предупреди и да се казни.