Avec l`Аmour освои трето место од публиката во Сараево, „Земјата на медот“ – 30.000 евра!

Avec l`Аmour освои трето место од публиката во Сараево, „Земјата на медот“ – 30.000 евра!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Документарниот филм кој е особено актуелен кај нас во последните десетина дена Avec l’Аmour, во режија на Илија Цветковски, ја освои третата награда од публиката на 23.Сараевски филмски фестивал. Филмот во продукција на Атанас Георгиев од „Трис филмс“, за приказната за професорот од Неготино, љубител на олдтајмери токму вечерва е на програмата на „Македокс“ во Куршумли-ан, од 21.10 часот. Организаторите ни најавија дека четири дена однапред се продадени влезниците за филмот. Реприза е најавена за во четврток.



Ова не е единствената награда за филм од Македонија на најголемиот фестивал на Балканот. „Honeyland“ („Земја на медот“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“ ја освои наградата за дело во развој или work in progress и „заработи“ 30.000 евра.

Специјално признание од жирито доби актерскиот ансамбл на филмот „Правци“ во режија на големиот бугарски режисер Стефан Командарев, во кој Македонија се јавува како еден од копордуцентите заедно со Бугарија и Германија. Македонски продуцент на филмот е Владимир Анастасов од „Сектор филм“.

Наградата „Срце на Сараево“ ја доби филмот „Страшна мајка“ од Грузија и Естонија, во режија на Ана Урушадѕе. Фестивалот заврши синоќа.