Контроверзен план за спречување на климатските промени

Контроверзен план за спречување на климатските промени

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Секојдневно луѓето испуштаат стакленички гасови во атмосферата кои постепено ја загреваат планетата и се закана за нашата иднина. Што би се случило кога би можеле да се бориме со глобалното затоплување на ист начин? Тоа се обидуваат да го решат многу научници. Концептот е наречен геоинженеринг, па можеби тоа е решението на нашите климатски проблеми.


Геоинженерингот, според дефиницијата од Универзитетот „Оксфорд“, е намерна, голема интервенција на Земјините природни системи за борба против климатските промени. Предложените техники се поделени во две категории.

Првата вклучува отстранување на јаглеродниот диоксид од атмосферата. Голем дел од плановите поврзани со ова се однесуваат на океаните – ѓубрење со железо за раст на планктони, со што може да се отстрани јаглеродот од атмосферата и на дното на морето кога умираат, или да се растворат алкалните карпи за да се намали закиселувањето на океаните. Или, пак, може едноставно да се засадуваат повеќе дрвја. Втората категорија подразбира менаџирање со Сончевата енергија за да не дојде до раст на температурите. Тоа може да значи рефлектирање на Сончевата светлина назад во вселената преку стратосферска инјекција, преку која балони на висока надморска височина ќе распрскуваат магла од добри честички или сулфурни гасови во стратосферата каде што ќе се рефлектираат и ќе ја насочуваат Сончевата топлина надвор од нашата планета. Истиот начин може да се примени и при користење дронови за распрскување на добри честички во тропосферата за да се креираат потенки облаци.

Сепак, овие начини се ставени под знак прашалник поради сериозноста на нивната реализација и „играње“ со природата. Сето тоа може да доведе до непознати последици, иако можеби ќе помогне во справувањето со климатските промени. Но, доколку климата продолжи да се влошува, несаканите последици би биле мала цена за плаќање.