Надежта за СВП

Надежта за СВП

Подготвил: Стефан Марковски




Околу Струшките вечери... се радувам на изборот на новиот Управен.

Познавајќи ја професорката Шелева од студентските денови, немам ниту трунка сомнеж дека таа како претседател и Лидија Димковска и Димитрие Дурацовски како членови ќе внесат свежина во оваа, врти-сучи многу точно опишана како сувопарна, еднолична, досадна (во негативна смисла, иако „досадата“ во поетски контекст знае да биде носител и на позитивни карактеристики) и во минатите години деградирана и, за најголема жал, исполитизирана манифестација како што можеа да осетат на свој грб и дел од членовите на актуелното раководство.

Решив да не се вклучам во дебатата a posteriori назначувањето на Дарко Лешоски за претседател на УО од проста причина што бев убеден, од едни и од други показатели, дека тоа нема да се случи. И знам дека неговото откажување беше единственото решение.
Колку и да не се согласувам со неговиот избор за Претседател на УО, Лешоски имаше доблест, многу поголема од онаа која некогаш би можеле да ја имаат дел од оние –книжевници и „обични“ смртници- кои го гаѓаа со дрва и со камења, што од фрустрации, што од бес заради губењето привилегии уживани заради досегашниот Управен, што од полуписменост, да ја донесе одлуката што овие луѓе не би ја ни сонувале. Но добро, патрдијата заврши како што заврши и сум задоволен што излезе така.
Кога сум кај мене... во изминативе 7 години објавив 4 поетски книги во однос на кои, се разбира, нема да коментирам, но ќе споменам дека критики, коментари и осврти беа пишувани од етаблирани критичари и професори. Две од овие дела ми излегоа во последниве 365 дена: збирката „In Nomine“ во издание на „Македонска Реч“ и збирката „Сиво сјаат вселените“ со која ја добив наградата „Бели мугри“ за најдобар поетски ракопис од автор до 35-годишна возраст, во издание на ДК „Кочо Рацин“ од Скопје. Но и покрај двете објавени дела, и покрај „Бели мугри“, ниту годинава, како и во последниве 7 години, заедно со голем број активни помлади и постари поети, не сум ниту поканет на „најголемата поетска манифестација кај нас“. Мојот единствен настап на овој фестивал беше во 2011-та година по претходна заложба на еден од вработените, кој не беше ниту на раководна, ниту на одговорна позиција за оваа задача. Истиот тој доцен август, ја напуштив Полска во која имав прекрасен престој на летна школа за која, заедно со уште неколкумина од Филолошкиот факултет добив стипендија, иако ми преостануваше уште од периодот предвиден за престој. Знаејќи дека ќе настапам на „најголемата поетска манифестација кај нас“. Имав 20 години и неодоливоста на возбудата од самата помисла не ми дозволи да не се вратам и да го искусам фестивалот.

И да, „не беше лошо“. Но, „било и подобро“.
Иако Чарлс Симиќ, добитникот на награди именувани по некои од моите ол тајм најинтересни автори – „Едгар Алан По“ и медалот „Роберт Фрост“, како и Пулицерова награда за една од  најхибридните и иновативни прозно-поетски збирки кои сум имал прилика да ги читам – The world doesn’t end („Светот не завршува“), инаку првпат објавен на македонски во превод на Мето Јовановски во „Современост“ (списание во кое, по некоја игра на случајностите сум уредник и самиот) во севкупната модерна литература ми е извонредно интересен лик, а добитникот на годинешната меѓународна награда „Мостови на Струга“, младиот хрватски поет Горан Чолакхоџиќ ми е познаник со кого би сакал уште еднаш да склопам муабет, не би сакал, а веројатно не би имал ниту време да присуствувам на годинешното издание на фестивалот од проста причина што ниту еден Управен Одбор именуван непосредно пред неговото оддржување не би имал време да промени било што.

Очигледно, за фестивалот имало и подобри времиња. А тоа во добар дел, покрај од менаџментот и тимот, зависи од сѐ друго: финансии, техника, контакти, критериуми, страст за работа и пред сѐ, упорност и организациски способности.
Во програмите од последниве години забележувам дека редовно се застапени анонимни и сомнителни имиња, луѓе без позадина врзана за поезијата, луѓе кои со години не објавиле поетско дело, луѓе по една или друга линија блиски до овој и оној. За традиционалната и најетаблирана (нема да речам и „најзначајна“  од проста причина што не сум поклоник на хиерархизирање на неколкуте постоечки книжевни награди во земјава според степен на значајност) поетска награда „Браќа Миладиновци“ кандидатите се исфрлаат врз база на политичка или друга неподобност на авторот, антагонизам/лично непријателство со членови на жири, наслов на збирка, корици и тн.

Но, наместо да навлегувам во интимата на управувањето со СВП во изминатиов период, со најдобра намера би сакал да му порачам на новото раководство, за среќа, овојпат со причина верувајќи во неговите капацитети, да ги избегне грешките на претходното, оформувајќи способен тим со кој своите програмски активности ќе ги базира на максимално објективна, книжевно-критичка и аполитичка евалуација на влогот кој македонските и светските поети го дале за литературата, соодветно наградувајќи ги.

А верувајте ми, не е мал ниту „безначаен“ бројот на поети од помладите, но и постарите генерации кои би ми се придружиле во овој апел со надеж и очекување за промена која би ѝ го вратила заслуженото место под светското поетско и литературно небо.

Пишува: Стефан Марковски

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.