Чарлс Симиќ: Во САД сите се занимаваат со прашањето што треба да прават поетите во времето на Трамп
Паркот на поезијата во Струга e побогат за уште едно дрвце - засадено од годинашниот добитник на „Златниот венец“, големиот американски и светски поет Чарлс Симиќ. Лауреатот Симиќ на средбата со новинарите и почитувачите на поетската реч говореше за своите почетоци во пишувањето, за поттикот да ги преведува поетите од некогашна Југославија, сакајќи да им покаже на американските пријатели дека и од овде доаѓа добра поезија.
Добитникот на Пулицеровата награда, поетот-лауреат на САД и носител на многу престижни признанија е препознатлив по својата едноставност во пишувањето, специфичниот хумор и опевањето на едноставните нешта. На прашањето:„Која е пораката што од Струга им ја испраќате на поетите?“, тој одговори: „Немам порака. Поезијата е најиндивидуалната работа на светот, посебно лирската. Поетите треба да го прават она што го прават - да пишуваат песни. Деновиве сите во САД се занимаваат со прашањето - што треба да прават поетите во времето на Трамп? Јас го мислам истото што и за социјално-ангажираните поети и поезијата од 30-ите години на минатиот век или од времето на Големата депресија. Многу од тие стихови се одамна заборавани, а причината е едноставна - не биле добри“.
По средбата со венцоносецот, во холот на хотелот „Дрим“ беше отворена изложба на фотографии „Кратки приказни“ од Драги Неделчевски.
Свеченото отворање на 56-те Струшки вечери на поезијата е вечерва во 20.30 часот пред Домот на поезијата, по што следува традиционалното меѓународно поетско читање „Меридијани“ на кое ќе настапат 28 поети од повеќе земји.