Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Кога бев студент... со Милчо Манчевски: Професорка од средно ми ја даде идејата за режија

 
Се дружев со колегите, постојано бевме заедно ние, студентите на филмската академија. На журки пуштавме материјали од нашите филмови, бевме цимери, некои дури и спиеја на академија. Бев прилично радикален во тоа време



Почнувајќи од денес, „Пивара Скопје“ и Факултети.мк ќе се погрижат да ви ги донесат инспиративните приказни на нашите познати актери, режисери, водители, успешни бизнисмени, јавни личности. Веруваме дека ќе продолжите да ни бидете наши редовни читатели и дека ќе бидете љубопитни да дознаете за почетоците на успешните личности. Тоа може да биде инспиративно, особено за помладите читатели.

А има ли понаградуван филмски режисер од нашата земја од Милчо Манчевски? За денеска ја избравме токму неговата студентска приказна. Мечтаел, сонувал да пишува, да режира и верувал во себе и кога шансите се чинеле минимални за успех.



Манчевски дипломирал во 1982 година на Факултетот за филм и фотографија во Карбондејл, Илиноис, како стипендист. Претходно бил запишан на Факултетот за историја на уметноста и археологија во Скопје, но штом ја добил можноста да замине во САД и да си го оствари сонот, ги прекинал студиите во Македонија. За Факултети.мк се потсетува каков бил патот до американската стипендија и кој сè го препознал неговиот талент.


За време на интервјуто со полската режисерска легенда Анджеј Вајда во Скопје

- Убаво пишував и уште како гимназијалец објавував редовно во ревијални и професионални списанија. Добив и награда на „Политика“ за расказ. Професорката Олга Пешевска, која ми предаваше во гимназија, во еден муабет ме предупреди дека животот како новинар значи постојана контрола од уредници и политичари. „А што друго да работам?“ ја прашав. „Одлично ти оди со театарски претстави“ (режирав во гимназија). „Обиди се со филмска режија“. Нејзина идеја беше. Се обидов да студирам во Лоѓ, во Полска, ама според нивниот критериум морав да имам државна стипендија за воопшто да ме примат. Иако бев првенец на генерација со еден куп дипломи и награди, таа државна стипендија не ја добив. Ја добија деца на луѓе со врски (иако еден од нив беше кецарош). Се запишав на Историја на уметност со археологија и почнав да аплицирам на универзитети во САД. Ме примија на неколку, а во Илиноис ми дадоа и стипендија од универзитетот, поради одличниот успех и тоа што веќе пишував за филм.



Бил одличен студент по филмските предмети.

-Воведните предмети, на почетокот – кое се во суштина полесни – потешко ми одеа оти уште го учев јазикот и бев збунет во новата средина. Редовно одев на предавања, уживав во тоа што работам филмови. Во Илиноис се запознав и се навлеков на авангардниот филм и на експерименталната уметност и тоа се’ уште има влијание врз моите филмови и уметност. И најважно беше што имавме многу пракса во режирањето - вели режисерот на „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“ и редица кратки филмови, видеоспотови...



Вели дека нема да ги заборави часовите на своите омилени професори – Ричард Блуменберг и Мајкл Ковел.

- Ричард ми помогна да дојдам во Илиноис и во првата година кога ми беше особено тешко. Умре од леукемија пред некоја година и сега има награда за сценарио која го носи неговото име. Годинава бев во жирито на наградата. Мајкл беше неконвенционален, директен, и самиот автор на авангардни и експериментални филмови. Сите го обожававме. Се сретнав пак со него пред некоја година кога бев на универзитетот да одржам предавање и ме возеше до аеродром во Сент Луис, се изнаприкажавме. Кога дипломирав требаше да работам игран филм во Македонија под наслов „Мусака“. Мајкл се согласи да ми биде директор на фотографија. Ама, филмот никогаш не се сними, затоа што постарите колеги и културно-политичкиот естаблишмент во Македонија, разни Данчовци и Столевци, го задушија додека бевме во подготовки.



Добитникот на „Златен лав“ за култниот „Пред дождот“ споделува и каков студентски живот имал.

- Се дружев, постојано бевме заедно, студентите на филмската академија. На журки пуштавме материјали од нашите филмови, бевме цимери, некои и спиеја на академија. Бев прилично радикален во тоа време – се потсетува Манчевски.



Го прашавме дали е важно за време на студиите да се работи нешто, а тој ни одговори:

-Сметам дека е важно да се работи додека се студира, да се биде во контакт со вистинскиот свет. Јас пишував и објавував во „Синеаст“, „Здраво“, „Политикин забавник“...


Милчо како актер во филмот на Бранко Гапо од 1980 година

Веројатно малкумина знаат дека Милчо Манчевски има и едно актерско искуство. Имено, тој игра во филмот „Време, води“ на Бранко Гапо, снимен во 1980 година. На прашањето, пак, дали му било тешко да застане на другата страна од катедрата, тој признава дека немал проблем со тоа затоа што многу сакал да пренесува знаење. Манчевски има предавано на неколку филмски академии во САД, а редовно одржува предавања на филмски академии и факултети низ цел свет.

- Ги гледам студентите како помлади колеги. Има и од нив многу да се научи. Непосреден сум и ништо не кријам. Инсистирам да работат вежби цело време, да снимаат, да го развиваат уметничкиот мускул – категоричен е Манчевски.
 
Објавено на 30.08.2017 во категорија Образование
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Образование