Како на друга планета: Прочитајте го искуството на еден Хрват кога ја запишувал ќерка си во шведско училиште

Како на друга планета: Прочитајте го искуството на еден Хрват кога ја запишувал ќерка си во шведско училиште

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Фејсбук статус и лик на еден маж
(Фото: Facebook / Skovde.se)


Хрватите во голем број заминуваат од својата земја во потрага по подобар живот. И хрватскиот новинар Слободан Муфиќ го направил истиот чекор – со своето семејство заминал да живее во Шведска. Тој одлучил да го сподели своето искуство со шведскиот образовен систем кога ја запишувал ќеркичката во училиште.

„Средина на минатиот август, пријатно лето во Шведска. Ние сме Ние, а Тој е директорот на основното училиште „Лунден“, кое се наоѓа на 200 метри од нашиот стан.

Ние: Неодамна се доселивме во Шведска и имаме 11-годишна ќерка која сакаме да ја запишеме.

Тој: Во ред, пополнете го овој образец, ни требаат неколку основни информации за вашата ќерка.

Ние: Знаете, таа не знае шведски.

Тој: Во ред, ќе научи.

Ние: Можеби на почетокот ќе треба да работи по посебна програма?

Тој: Постои и таква можност, но ние сметаме дека најдобро и најбрзо ќе научи шведски во класот со останатите деца. Впрочем, една наставничка по шведски јазик ќе работи по два часа на ден само со неа.

Ние: Што треба Леона да носи во училиште?

Тој: Ништо. Книги, тетратки, моливи, гумички, острилки, линијари, триаголници, боички...сè ќе добие овде. Само ќе треба да води сметка батеријата од ајпадот да не ѝ се испразни.

Ние: Значи, треба да ѝ купиме ајпад?

Тој: Ма не, ајпад ќе добие тука, за полесно да се снаоѓа со преведувањето и учењето, но ќе мора самата да внимава на батеријата.

Ние: Треба ли да ѝ подготвуваме храна за на училиште?

Тој: Нема потреба, појадокот е од 7:30, а ручекот во 12:00. Секој ден имаме по две менија, со месо и вегетаријанско.

Ние: Сметате ли дека дома би требало да зборуваме на шведски јазик со Леона?

Тој: Никако. Дома треба да разговарате на хрватски. И не само тоа, би било добро еднаш неделно Леона да учи хрватски на дополнителна настава.

Ние: Имате некој што предава хрватски јазик?

Тој: Во нашето училиште немаме, но дополнителна настава по хрватски јазик се одржува секој четврток од 16:00 часот во Ериксдалсколан.

Ние: Тоа е на другата страна од градот...

Тој: Нема проблем, ќе ѝ нарачаме такси.

Ние: Такси?

Тој: Да, ќе ја чека на паркингот секој четврток во 15:45 и ќе ја враќа дома веднаш по наставата.

И така Леона секој четврток се возеше со такси на часови по хрватски. Особено важна се чувствуваше кога по неа доаѓаше млада таксистка во лимузина со затемнети стакла. Се разбира, сето тоа на сметка на љубезните и широкогради шведски даночни обврзници“, напиша Муфиќ на својот профил на „Фејсбук“.

Објавата предизвика мноштво коментари. Разбирливо, нели?