Прв поглед на серијата „На терапија“

Прв поглед на серијата „На терапија“

„Да знаат пациентите што све ми поминува низ глава, веројатно ниту еден не би се вратил кај мене никогаш“, е скокотливата реплика на Никола Ристановски и неговиот карактер Д-р Терзиев со која почнува долгоочекуваниот трејлер за новата македонска серија „На терапија“.



Двеминутниот трејлер дефинитивно зборува многу за четириесет и петте епизоди кои следуваат. Широкиот дијапазон на емоции, напнатоста и „заразната“ тензија без дилема ќе го разбудат секое чувство освен рамнодушноста. Се чини дека во меланхоличната соба во која се одвиваат сесиите на Д-р Терзиев и неговите пациенти, најсветлата точка е неговата лава лампа, а најмирно пливаат рибите во аквариумот.

Низ кадрите може да се вкуси изведбата на низа комплексни карактери и уште покомплексни животни приказни. Расплаканата Јелена Јованова во улогата на Милена ги соголува своите чувства и буквално и фигуративно. Висар Вишка во улогата на Гент и Драгана Костадиновска во улогата на неговата сопруга Зана моќно ја доловуваат тензијата во нивниот брак и се слика и прилика на тоа дека после смеење доаѓа плачење.

Ангела Димитрова во улогата на тинејџерката и пливачка Ивана ги скока сите барања за дозволи. Тони Наумовски во улогата на војникот Владо плаче исто толку силно колку што провоцира. Во солзи е и Амернис Нокшиќи во улога на Ана Терзиева, сопругата на Д-р Терзиев. А во сето тоа, единствениот глас на разумот е Бедија Беговска во улогата на психотерапевтот Д-р Вера Арсиќ.

„На терапија“ започнува со емитување на 18-ти септември на „ТВ Сител“. Ако треба да донесеме еден заклучок од овој трејлер, тоа е дека со нетрпение треба да ја очекуваме премиерата.

Повеќе детали за серијата се достапни на официјалната веб страна: www.NaTerapija.mk