КОЛУМНА: Колку вреди да си гласен?

КОЛУМНА: Колку вреди да си гласен?

Подготвил: м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Лектор: Ивана Кузманоска

Извор: Pixabay  

Не, не, не зборувам за гласање, рано е уште. Зборувам за тоа колку вреди да си „гласен“. За некои тоа излезе доста профитабилна професија. За други, пак, краткотрајна (о)позиција. Очигледно е дека треба да знаеш КОГА да бидеш гласен, и НА КОЈ НАЧИН. Ако бидеш премногу гласен, ама си сам во пеењето, солото како такво не се цени баш многу, освен во опера. Ако, пак, си гласен и од тој твој глас извираат и илјадници други гласа, пардон гласови, тогаш итекако твоето пеење се плаќа и е за на бина, или на стадион. Арно ама ако си гласен тектук, ако внимаваш кога пееш, и сакаш да е оправдано, рационализирано, поткрепено, или не дај боже пламнуваш во песна на одредени „фестивали“, е тука е проблемот. Има такви што ќе бидат ѓоа одеднаш изненадени и се прашуваат: „Каде беше досега? Каде беше овие години?“ А има и други, пак, што ќе ти честитаат. Првите ме зачудуваат со тие прашања оти излегува дека они еве со години водат сметка за тоа кој кога пее и оп, баш сега ти им се најде во списокот на пејачи изненадно и може да им попречиш во договорот за фестивалските награди. Но, третите се најдобри, оние што те познаваат како пееш и колку секунди на високи децибели може да издржиш. Е, арно ама не е само да пееш и да бидеш гласен, треба и ДА ЗНАЕШ да пееш. Е сега има и такви што на стари години се учат да пеат, некои пак од школо директно во унија на пејачки сили или клубови. Но, што со тие на средна возраст што не одат ни ваму ни таму и се приучени сами да (си) пеат?!

Не мора да значи, но вообичаено пеат оние што се гневни. А гневот доаѓа од некоја прикриена тага или разочарување. Така барем вели Сенека (грч. филозоф). Но дури и да е таква причината за пеењето, зарем треба да ги осудуваме веднаш што решиле да си ја излеат тагата или гневот? Зарем веднаш треба да се запали публиката и да одговори на гнев со гнев? Проблемот кај нас е што не се гледаат причините, т.е. мотивите за пеењето, туку само содржината на песната. Доколку има добро поткована публика, компетентна да знае објективно да расудува и да ги препознае причините за пеењето, само тогаш ќе може да се суди за песната. Квалитетот на тоновите и содржината на песната се небитни доколку не постои реално оправдана причина за пеење. „Џабе везеш“ би било тоа во превод. Ако е така, тогаш треба да се обучи првин народот, упс, извинете, аудиториумот или пејачот? Оти вака или така пејачи ќе има. И ако, нека ги има, нека се слушаат разни песни, разни тоналитети и жанрови. Та нели сме народ кој не може да биде натпеан?! Во Србија немој да играш, во Босна немој да пееш, но во Македонија немој ни да играш ни да пееш. Ние се изнаигравме игри во изминатиот период, сега ни остана само да пееме.

Е сега, за да бидеш гласан, треба да бидеш гласен, ама тоа не значи дека треба да бидеш и гнасен. Почитувај го „увото“ на оној што те слуша ако сакаш (некогаш) да (за)пее заедно со тебе.

Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.