Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Јане - единственото прваче со кое се гордее селото Жилче

 
Во тетовското село Жилче, во Основното училиште „Шемшово“, годинава првпат има само едно прваче - Јане Тодоровски. Сè уште има пет години. Шест ќе полни во ноември. Стокмен убаво, со нови патики, фармерки и сино кошулче со подвиткани ракави, тој вчера беше на првиот училиштен час. А Факултети.мк го одбележа овој голем момент во неговиот живот.



Кога учителката ќе реши да го испрашува целото одделение, првоодделенецот Јане никогаш нема да може да се спаси. Кога целото одделение ќе реши да бега од час, одлуката ќе биде само негова. Тој ќе биде единствениот претседател на одделението, благајник и дежурен ученик. Секоја недела... секој ден... цела учебна година. Во тетовското село Жилче, во Основното училиште „Шемшово“, годинава првпат има само едно прваче - Јане Тодоровски. Сè уште има пет години. Шест ќе полни во ноември. Стокмен убаво, со нови патики, фармерки и сино кошулче со подвиткани ракави, тој вчера беше на првиот училиштен час. А Факултети.мк го одбележа овој голем момент во неговиот живот.



Со часовник-Супермен на рачето, а очила со Спајдермен, Јане сè уште не може да одлучи кој му е омилениот јунак, но со големи букви знае да си го напише името.

- Многу сакам да одам во училиште. Да научам да читам и да пишувам! – насмеан до уши ни вели Јане.

Омилени бои му се сина и жолта, сака да јаде месо, да пие сокче и млеко. Многу се израдува на тетратката и моливите што за првиот училиштен ден му ги подари наставничката Марија Јовановска. Јане вчера од неа на рачето ја доби и првата петка бидејќи сам си го напиша името додека седеше во првата клупа во празната училница.


Јане со четвртоодделенците и наставничката Марија


- Иако е единствено прваче, тој никогаш нема да се чувствува осамено, отфрлено. Бидејќи тука имаме комбинирана настава, во истата училница ќе учат и седум деца од четврто одделение. Ова е мало место, сите се знаеме, ги познава сите деца и тоа е голема предност. Недостаток е што нема да има со кого да се натпреварува. Според програмата „Кембриџ“, наставниот материјал се изучува низ игра, а за секоја се потребни барем двајца. На Јане јас ќе му бидам и наставник и соученик. Но ќе му помагаат и учениците од четврто одделение – вели Јовановска.


Мајка му Сашка вели дека ништо нема да му недостига


Мајка му Сашка и татко му Зоран се двоумеле дали да го запишат во друго училиште во Тетово за да не биде сам. Сепак, се решиле да учи во селото каде што живее за да не го мачат да патува секој ден.

- Малечок е. Зошто да патува секој ден половина час до Тетово кога училиштето му е на една минута од дома. Се надевам дека ќе се снајде добро и дека ништо нема да му недостига – вели мајка му Сашка.

Во Жилче првпат има само едно прваче. Лани имале девет, а вгодина ќе има две. Бројот на децата секоја година се намалува. Наставничката објаснува дека затоа и учениците учат во комбинирана настава.


Наставничката Марија му ја напиша првата петка на рачето


- Неколку одделенија се споени во една училница. Најчесто се две. На пример, годинава споени се прво и четврто одделение. Тоа значи дека часот од 40 минути е поделен – по 20 минути за секое одделение. Ова не е лесно да се организира. Прво му делам задачи на едното, а потоа на другото одделение. Тоа е двојна работа. За 20 минути на детето треба да му се пренесе сето она што другите го добиваат за 40. Потребна е поголема подготовка на наставникот. На пример, секој ден се подготвувам за двојно повеќе часови. Јане е едно прваче, но ќе можам целосно да му се посветам – вели Јовановска.



Како и сите други првачиња, Јане ќе има 23 часа поделени во пет дена. Во училиштето денес има девет одделенија. Од прво до петто има вкупно 25 деца кои одат во втора смена. Погорните одделенија одат наутро. Училиштето е реновирано, има одлични услови за работа. Две училници се опремени со компјутери, а има и посебен кабинет за информатика.

Јане нè испрати заедно со учителката и мајка му. Ни вети дека ќе учи, дека ќе биде умен и дека ќе реди петки за да ги направи горди мама и тато.

 
Објавено на 06.09.2017 во категорија Образование
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева и Весна Ивановска-Илиевска / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Образование