Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

КОЛУМНА: Кој ви ги скрши белите крилца

 

 
„Кој ви ги скрши белите крилца,
крилца на галаби бели?
Кој ни замати извори бистри,
извори на души чисти?”
Кочо Рацин

...Кој и да ви ги скршил, дали вие би скршиле туѓи за да сте квит со универзумот?

Сакам да го отпочнам овој циклус колумни со еден подолг, но неизбежен текст: лична приказна која истовремено е сцена од нашата колективна меморија, своевиден заплет на архетипски настани кој неизбежно се одигрувал и верувам дека уште некое време ќе се одигрува во животот на илјадници млади луѓе од просечни македонски семејства. Поентата, секако, би можела лесно да му припадне на жанрот preaching to the choir, но понекогаш ми е особено важно да фрлам светлина од уште еден рефлектор врз нашите најдобро познати „ужаси постмодерне“.

Каква што е, на пример, онаа семоќна творилка на успех од секој можен жанр во Македонија и другите земји од типот „едно напред-три назад“: партиската и партиско-роднинско-пријателската врска. Со трети зборови, невидливиот конец од кој е исткаен нашиот социјален, професионален и културен живот. Истиот конец со кој на дел од нас ќе ни бидат исткаени куферите полни горчина кои би ги понеле за спомен од мајковината, барајќи засолниште во печалбарство или миграција за навек.

Заврзламата станува дотолку поголема кога ќе си признаеме, ама без многу патетика од типот „џабе е сѐ, клета ни е семката“, дека овој тренд нема изгледи да сопре во блиско време. Според композицијата на последниве бранови на вработувања, изгледа оти уште долго време ќе играме на музиката на полувидливи структури на моќ кои нè држат заглибени во Hunger Games на партиска лојалност. На крајот на краиштата, ниту една конкретна партија не може пресериозно да се обвини за неспособност ефикасно да се справи со ваквиот феномен, оти навистина треба многу долгорочен труд за истиот да се елиминира - ова е далеку од „плукни-залепи“ очекувањата на револтираното, но површно политички и социолошки образовано мнозинство.

Во земјава не постои некој што немал некакво директно искуство со моќта на врската – некои ја поседувале и искористиле мудро, некои го извлекле подебелиот крај, но будимо реални: мнозинството од нас наизменично ги играат и двете улоги. А притоа се жалат само на втората. Луѓето што неуморно се жалат насекаде на клиентелизам откако некој ќе им одземе нешто од под нос со помош на врски вообичаено не се свесни дека тие се подготвени да му го сторат истото на некој друг. Оти во земјава, барем досега, имавме навика да се буниме само кога нам лично ќе ни се брцне во душата или во џебот, или ќе ни стори потенцијална неправда. „Гледај си сине за тебе, оти никој друг нема да гледа“. Боли да се признае, ама не е страшно.

Јас лично мошне доцна ја доживеав моќта на врската in all her glory, дури во текот на студентските денови. Дотогаш немав доволно учествувано во средини во кои таа е главно оружје на волјата. Како студентка на психологија и подоцна дипломиран психолог, после краткиот флерт со истражувачката кариера, се насочив кон откривање на најблагородните тајни и најотровните замки на нејзиното применување во пракса. Муабетите „1 од 100 психолози е вработен според струка“ ги третирав како некое заднинско зуење, додека жонглирав со студирање од љубов, студентски активизам, АКСЦ, творење и одржување некаков нормален живот. Меѓу другото, мојот примарен импулс кон занимавање со најмизерните точки на студентското постоење набрзо се претвори во мапирање на целокупната неволја на македонското секојдневие, која несомнено се покажа поврзана со клиентелизмот за кој е познато дека ја држи земјава под опсада. Наскоро се посветив на жонглирање со келнерство и пракса, а потоа и стажирање на државен психијатриски оддел, како што предвидува законот за добивање лиценца за вршење психолошка дејност. Во текот на тоа искуство со клиничката психологија, кое се протегна околу две години, сфатив дека доколку одлучам да си ги маргинализирам креативните пориви и се занимавам со психологија, би го работела токму тоа. Се запнав дека работа од соништата во земјава ми е да бидам психолог со некоја мизерна плата во болница, каде што обично поради недостигот на (корисни) вработени, како и поради останатите јавачи на апокалипсата на здравствениот систем, и вработените (корисните) и пациентите често се третирани како добиток на индустриска лента.

Притоа, интересно е да се спомене дека дури и за да ме примат како стажант (во слободен превод, тоа е бесценет млад човек во државните институции кој е спремен бесплатно да работи како коњ и благодарно да се клања за пружената шанса во недоглед, или барем додека не најде доволно добри врски за да освои ветување за решение) во една државна клиника, морав да ги фатам на кондиција. А откако завршив со стажирањето и побарав волонтерска позиција со минимален волонтерски надоместок, бидејќи работа имаше со лопата да ринеш, а мене ми одеше добро, излезе дека сега нема место и едноставно не се знае кога пак ќе има. Додека работев таму, ги сфатив главните правила на политичкиот микрокосмос во македонскиот здравствен систем, на кој би можела да му посветам вистински есеј.

Fast forward to present day.

Пред скоро време направив една целодневна екскурзија низ државни болници во Скопје барајќи информации дали имаат потреба од психолози-практиканти или хонорарци и дали би можела да добијам макар минимален (читај минимален) финансиски надоместок за тоа. Во една од болниците, вработените во правната служба толку слатко ми се изнасмеаја на дрскоста воопшто да си замислам дека би можела да добијам пари за тоа, што не можев ни да им замерам. Но кога со сериозен тон им реков: „Дипломирав тоа и тоа, стажирав тоа и тоа, живеам во Скопје седум години, од кои последниве три самостојно плаќам кирија и сметки, па не сметам дека на дваесет и петгодишна возраст е безобразно да почнам да барам барем минимален финансиски надоместок за ангажман со целосно работно време“, тие ја отфрлија зајадливоста и почнаа емпатично да ми раскажуваат за нивните синови, ќерки, зетови и внуци кои кмичат дома невработени со дипломи и магистратури. После тоа многу убаво си покукавме, како што е обичајот во учтивите социјалните интеракции во нашата култура, нели.

На враќање дома се зачитав некои фејсбук-дискусии, низ кои налетав на квалитетни пародии на нечиј неодамнешен извик „Не се боревме за ова!“...

И се сепнав. Бум.

Знаете што? Доста беше од доминацијата на одмерен сарказам од страна на апологетите.

Ако ова се повторува – си земам за право да кажам дека навистина за истото не се боревме! Односно, дел од нас, би рекла суштински дел од тогашното наше „нас“ не се бореше за ова! Оние „децата“, вашите храбри деца, вашата светла надеж, младината во чии протести и пробудување се колнете до ден-денес, не се дрзнаа да се понадеваат во средување на оваа држава со цел да овозможат континуитет на најтрулите механизми на кои почива нашиот модерен идентитет. Ако како властодршци, но и како обични граѓани, продолжите да го овозможувате, поттикнувате, толерирате или игнорирате, знајте оти од ваша рака крилјата ни се скратени.

Во текот на последниве бранови на вработувања неколку добронамерни познајници ми дофрлија коментари во стилот на „Е, будалче, сега можеше и ти да бидеш во Влада“. Дел од нив беа сосема сериозни, алудирајќи на моето противење да бидам сфатена како аспирант за партиски мегафон после еден популарен говор пред Влада, а со тоа и пропуштање на понудени можности за некакваси политикантско-политичарска кариера.

Инспирирана од тоа, како млада невработена личност сакам гласно да кажам: ако некој од оние што таму некаде во иднината ќе фрлат бегол поглед врз моето CV и моите препораки, случајно ме препознае како политички подобна за вработување поради поранешни или актуелни ангажмани со политички набој, го/ја замолувам да им даде нула тежина при оценувањето на моите способности наспроти другите кандидати. Очекувам истото и да го видам како стандард скроен за сите. Оти вредностите и идеалите испишани на транспарентите зад кои си го криеме вистинското лице на протести не можат да бидат оживеани преку бледа имитација. „Do or do not. There is no try“, што би рекол Јода.

Ако сакаме вистински напредок, треба да работиме на тоа да има изобилство на квалитет и да ја разводнуваме моќта на врската. Сите заедно. Да не премолчуваме непотизам и корупција, ама и да се откажеме од идејата за „фаќање врска“ оти така правеле другите. Секаде. Во образованието, во здравството, во судовите, во администрацијата, во партиските тела, во комисиите, во коморите, во културните институции. Оние што ја разбираат работата, ќе работат на тоа да го достигнат стандардот. Па тогаш нема да имаме студенти кои плачат пред строги, но правични професори оти некој некогаш ги убедил дека секој мора да студира, и тоа е нешто што се прави ко од шала, и тоа пред сè во областа на општествените науки, ама нема ни да имаме професори кои ќе се појават еднаш во годината на предавање или ќе тероризираат со каприциозно однесување. Нема да имаме декани кои одлучуваат кој добива асистентска позиција согласно повикот од партијата и можеби нема да имаме неписмени доктори и криминалци за директори. Нема да ја имаме појавата на burn out кај реткиот вработен квалитетен кадар, кој после децении тортура и немоќност пред ветриштата на политиката се претвора во армија од исфрустрирани, огорчени циници.

Кон сегашните „централи“ за „врски“ и слични комуникации: ако има макар трошка искреност во вашите заложби, ќе ги спречите продажбите на достоинство за мизерни вработувања. Макотрпно ќе биде, оти како граѓани на оваа земја имаме тежок и уникатен случај на Стокхолмски синдром.

Ама не убивајте ни ја и оваа слаба, но сѐ уште жива љубов да придонесуваме, твориме, градиме, дишеме воздух, во оваа земја во чие тло ни се всадени корењата. Не принудувајте нѐ да ги минуваме деновите фантазирајќи од каде би позајмиле пари за бугарски пасош и не принудувајте нѐ да работиме на црно насекаде по белиот свет само за шанса. Не мотивирајте нѐ да си ги тераме родителите да се молат кај стари пријатели на пријатели за децата да им се вработат. Не понижувајте нѐ да бидеме нечии послушници само за да обезбедиме егзистенција или да добиеме шанса да ја работиме работата за која макотрпно сме се квалификувале. И не оставајте да бидеме топовско месо, задоволно со корка леб и нула права и бенефиции во домашни и интернационални мршојадни компании. Од друга страна, ние, младите работници, имаме обврска да го прифатиме својот нов статус со сите негови потенцијали, притоа навистина трудејќи се да го подобриме животот и за себе и за сите други како нас, наместо да мизеруваме чекајќи го Годо, т.е. врската што ќе ни го промени животот.

Притоа, како нови властодршци, немате право да ни трошите време во осудување на критики, сугестии и јавни испрашувања, оти тие, прво, доаѓаат од луѓе кои веќе сосема оправдано се склони параноично да дуваат и на матеница, и второ, се одраз на идеалот за будно граѓанство за кое и самите тврдевте и тврдите дека се залагате.

Оти едно е сигурно: ако пак се задоволиме со шминка-промени и потоа се вратиме назад во длабокиот некритичен сон, чекајќи подоброто утре и правдата да паднат од небо...

“...засекогаш ќе нè болат устите.“

Автор: Марија Грубор

Марија Грубор е дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка и фотографка. Дипломирала на Институтот за психологија во Скопје, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки со намера да ги продлабочува знаењата и искуствата од критичките теории. Има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, а учествувала на две фотографски изложби во Скопје и една во Белград.
 
Објавено на 06.09.2017 во категорија Култура
Подготвил: Марија Грубор / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook