Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Зошто секој родител би сакал неговото дете да учи во Финска?

 
дете

Финските ученици се меѓу најуспешните во светот. Поминуваат помалку време на училиште отколку децата во другите земји, а на домашните задачи не трошат повеќе од половина час. Еве по што финскиот образовен систем се разликува од другите.

1. Сè е бесплатно


Школувањето не се плаќа. Бесплатни се и учебниците, училишниот прибор, екскурзиите и училишната менза. Ако децата живеат на повеќе од два километра од училиштето, посебен автобус секој ден ќе ги носи на училиште и ќе ги враќа дома. Сите овие трошоци ги покрива државата, па на образование одат повеќе од 12,2% од буџетот на Финска.

2. На секој ученик му се приоѓа на посебен начин

Секое дете може да завршува задачи со различни барања, според своите способности. Ако на детето му оди нешто повеќе, тогаш наставниците организираат индивидуални часови за него. Се верува дека ученикот е способен да избере активност за себе, па ако не го интересира лекцијата што се предава, може да се насочи на читање или шиење.

3. Оценките не се јавни

Системот на оценување во Финска има 10 поени, но до трето одделение нема оценки. Од трето до седмо одделение постојат само усни оценки, од „може подобро“ до „совршено“. Оценките не се објавуваат пред другите и не се причина за критикување, туку служат за мотивирање на децата да ги усовршат своите знаења или да го променат начинот на учење.

4. На часовите децата може да присуствуваат по пижами

Во финските училишта нема униформи, туку децата одат облечени како што сакаат.

5. За време на часовите детето може да седи на кауч или да лежи на тепих

1
Фото: Facebook


Децата не мора да седат на клупа, туку можат да седат во фотелја или на под. Кога е топло, наставата може да се одржува во тревата покрај училиштето.

6. Малку домашни задачи

Наставниците во Финска сметаат дека после училиштето децата треба да се одмараат и да поминуваат време со семејството, а не пишувајќи на маса. Поради тоа, имаат сосема малку домашни задачи, а наставниците се трудат домашните да бидат интересни. На пример, домашната од историја може да вклучува интервју со сопствената баба за животот во 50-тите и разликите во однос на современиот свет.

7. Нема тестови

Финските наставници имаат една изрека: „Или се подготвуваш за животот или за тестовите. Ние го избираме првото“. Поради тоа, нема тестови, туку наставниците сами одлучуваат дали на децата ќе им дадат тест. Постои само еден стандардизиран тест што се полага на 16 години, на крајот од средното училиште.

8. Во некои фински училишта се укинати сите предмети

Еден од новите правци во финскиот образовен систем е учење засновано на појави. Наместо лекции, постојат честонеделни периоди кога учениците проучуваат една тема од различни агли. На пример, темата за мигрантите се проучува од перспектива на географија (од каде доаѓаат), историја (што се случило пред тоа) и култура (какви традиции имаат). Децата сами измислуваат прашања и сами пронаоѓаат одговори.

9. Имаат најдолги одмори во светот

2
Фото: eastnews


Без оглед на тоа колку е интересна лекцијата, за децата одморот секогаш е поинтересен. После секој час од 45 минути имаат одмор од 15 минути.

10. Финските наставници се извонредни

Конкуренцијата за упис на Педагошкиот факултет во Хелсинки е толку голема, што за секое место се пријавуваат по 20 кандидати. Бројот на оние што сакаат да се занимаваат со подучување е десет пати поголем од бројот на работни места.

Просечната месечна плата на наставниците во Финска е 3.500 евра. Во Финска да се биде наставник е доста престижна професија, па децата учат најдобро од најдобрите.

Не постои строго регулиран наставен план. Секој наставник сам одлучува кои книги и програми ќе ги користи. Освен наставникот, на секој час е присутен и асистент кој ги надгледува децата и им помага во работата.

11. Децата го учат само она што ќе им биде потребно во животот

На часовите по пливање учат како да препознаат ако некој се дави. На часовите по домаќинство децата учат да готват, шијат и да плетат. Многу внимание се посветува на чувањето на природата. Исто така, финските деца лесно умеат да направат веб-страница или портфолио. Најважно е да знаат да учат и да се приспособуваат во светот полн со промени. Нема потреба од „бубање“ бидејќи интернетот секогаш е на дофат на раката.

12. Сите училишта се еднакво добри

3
Фото: Facebook


Нема потреба родителите да избираат училиште бидејќи сите се исти и не постојат „елитни“ училишта. Во секое училиште децата имаат пристап до врвни наставници, материјал за работа и одлична исхрана.

13. Децата сами избираат што ќе јадат за ручек

Храната е бесплатна и разновидна. Менито се објавува на веб-страницата на училиштето еден месец однапред, па децата можат навреме да изберат и да го резервираат својот оброк. Меѓу понудените опции постои и вегетаријанска.

14. Во училиштата се одржуваат ноќни журки

Понекогаш децата во училиште си земаат вреќи за спиење и остануваат да преноќат. Со наставниците гледаат филмови, а спијат во салата за физичко. Наутро се служи појадок и сладолед. Кој не би сакал вакво училиште?

15.  Кучиња за читање

5
Фото: eastnews


Постојат специјално тренирани кучиња за „читање“ во библиотеките во Финска кои ја поттикнуваат љубовта кон читањето кај учениците. Овие кучиња ги слушаат децата како им читаат книги и им раскажуваат приказни.
 
Објавено на 06.09.2017 во категорија Образование
Подготвил: Тамара Гроздановски / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Образование