Дајте им власт на младите - тие имаат решение за повеќето светски проблеми

Дајте им власт на младите - тие имаат решение за повеќето светски проблеми

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

млади
Фото: Reuters

Младите луѓе чувствуваат дека нивниот глас не го слушаат глобалните донесувачи на одлуки. Но со повеќе од половина од светското население на возраст под 30 години, нема да помине долго време пред тие да ги земат работите во сопствени раце и да ги натераат лидерите да го слушнат нивниот глас.

Речиси 25.000 луѓе на возраст помеѓу 18 и 35 години од 186 земји и територии учествувале во годишното истражување „Глобал шејперс“ 2017 година. Истражувањето покажа дека 55,9% од испитаниците веруваат дека нивните ставови не се земаат предвид пред да се донесат важни одлуки.

Но влијанието на младите луѓе ќе се зголеми како што тие го заземаат поголемиот дел од глобалната работна сила, базата на избирачи и нивната потрошувачка.

Резултатите од анкетата, составена од Заедницата на светскиот економски форум, нудат интересен увид во тоа како младите луѓе го гледаат светот и неговите предизвици.

Еве што донесува истражувањето, додека целосните резултати можете да ги погледнете ТУКА.

Загрижени се за климатските промени

1
Фото: Global Shapers Annual Survey 2017

Од сите проблеми во светот денес, младите најмногу се загрижени за влијанието на климатските промени и општото уништување на природата. Ова е трета година по ред во која климатските промени се изгласани како најсериозен глобален проблем, што укажува на тоа дека младите луѓе сакаат да се справат со проблемот.

Војните и нееднаквоста беа наведени како втора и трета најголема загриженост. Сиромаштијата, религиозните конфликти и одговорноста и транспарентноста на владата исто така се рангираа на високо ниво.

Не им веруваат на медиумите, големите бизниси и владите

3
Фото: Global Shapers Annual Survey 2017

Подемот на лажните вести за време на неодамнешните избори може на некој начин да објасни зошто недовербата кон медиумите расте меѓу младите луѓе.

Повеќе од 30% од испитаниците одговориле дека им веруваат на медиумите, во споредба со 46% кои изјавиле дека не им веруваат.

Постои слично ниво на недоверба кон големите компании, банките и владите. Ова го одразува фактот што многу млади луѓе (22,7%) се загрижени за корупцијата.

Институциите што ги сметаат за најсигурни се училиштата, меѓународните организации, работодавците и судовите.

Тие не се мрзливи, тие се работохоличари

3
Фото: Global Shapers Annual Survey 2017

Постои заблуда дека милениумците не сакаат да работат. Истражувањето покажува дека младите луѓе всушност се доста ориентирани кон кариерата.

Само околу 16% изјавиле дека се подготвени да ја жртвуваат кариерата и платата за да уживаат во животот.

За да се нагласи поентата дека младите не се мрзливи, истражувањето открива дека најголем дел од испитаниците (81,1%) би сакале да се преселат во странство со цел да ја подобрат својата кариера.

Америка, Канада, Велика Британија, Германија и Австралија се сметаат за најпосакувани земји што нудат одлични можности за вработување.

Тие се оптимисти кога станува збор за технологијата

5
Фото: Global Shapers Annual Survey 2017

Технолошкиот напредок во последниве години предизвика загриженост во поширокото општество, мислејќи дека работодавците ќе ги заменат човечките работници со роботи.

Сепак, повеќето млади луѓе (78,6%) сметаат дека технологијата ќе создаде работни места, наместо да ги уништи. На прашањето кој би бил следниот голем технолошки тренд, 28% од испитаниците одговориле дека вештачката интелигенција ќе направи значајно влијание.

Образованието се смета за сектор кој најверојатно ќе има голема корист од усвојувањето на новите технологии. Сепак, само 3,1% од испитаниците веруваат дека роботите ќе донесуваат одлуки наместо нив.

Кога биле соочени со можноста да им се вградат импланти под кожата, 44,3% од анкетираните ја отфрлиле оваа идеја.

Се грижат за другите

Оваа генерација е сочувствителна, покажува годишната анкета. Ова најдобро го потенцира фактот што речиси три четвртини (73,6%) изјавиле дека би прифатиле бегалци во нивната земја.

На прашањето како владите треба да одговорат на глобалната бегалска криза, повеќе од половина (55,4%) тврделе дека треба да направат повеќе за да ги вклучат бегалците во националната работна сила. Само 3,5% изјавиле дека бегалците треба да бидат депортирани.

5
Фото: Global Shapers Annual Survey 2017

Во време на глобална несигурност и движење кон изолационизмот, огромното мнозинство млади луѓе (86,5%) се гледаат себеси како едноставно „човек“, наспроти тоа да се идентификуваат со одредена земја, религија или етничка припадност.