Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Што направија 15. министри за образование во 26 години независна Македонија

 
Припаѓале на различни политички партии и националности, а хронологијата вели дека некои од нив имале навистина тешки задачи. Факултети.мк ви го честита 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, со едно мини-истражување



Петнаесет министри за образование во независна Република Македонија одлучувале, донесувале закони, ратификувале документи и ја создавале сликата на образованието што го имаме денес. Припаѓале на различни политички партии и националности, а хронологијата вели дека некои од нив имале навистина тешки задачи. Факултети.мк ви го честита 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, со едно мини-истражување и ви претставуваме што направиле министрите во својот мандат во изминатите 26 години. Напоменуваме дека ова е избор од одлуките, а не темелно истражување, и за првата деценија од постоењето на државата информациите се исклучително оскудни. Се обидовме од повеќемина да земеме изјави, но одговорија само двајца.

Називот на институцијата од 1991 до 1998 година бил Министерство за образование и физичка култура, кога било споено со Министерството за наука и преименувано во Министерство за образование и наука.

Министер за образование и физичка култура Димитар Димитров (20 март 1991 - 19 јануари 1992) – експертска влада



Во негово време повеќе се зборувало за неговата бугарска ориентација отколку за придобивките од неговото министерување. Во недостиг од информации од тој период, ви пренесуваме дел од интервјуто што лани за „Утрински весник“ го дал Димитров, а е претставен како првиот министер за образование во експертската Влада на Република Македонија. Тој ја критикува антиквизацијата нарекувајќи ја „автопортрет на штотуку назначениот профил на политичката елита, попрецизно, на нејзиниот предводник. Антиквизацијата издава, политички и културолошки, несериозен субјект, на кого таа неизбежно ќе му се удри од глава“.

Министер за образование и физичка култура Димитар Бајалџиев (10 јануари 1992 - 4 септември 1992); (4 септември 1992 - 20 декември 1994) - СДСМ



Тој беше долгогодишен професор на Правниот факултет. На пратеничко прашање во ноември 1993 година, во врска со тоа дали издал решение за формирање Педагошка академија на албански јазик, тој изјавил:

- Кадрите во основното, предучилишното и средното образование се регулирани со Уставот, дека наставата се обезбедува на мајчин јазик.

Министерството ги испитува законските можности за обезбедување што побргу воспитување или подготвување на кадри за наставници за предучилишното образование на албански и на турски јазик затоа што таква можност имаме и во рамките на Педагошката академија во Битола и во рамките на Педагошката академија во Штип за подготвување кадри за предучилишното образование на македонски јазик.

Министер за образование и физичка култура Емилија Симоска (20 декември 1994 - 23 февруари 1996) - СДСМ



Таа е првата жена-министер за образование во самостојна Македонија - професорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Како експерт била вклучена во изработката на неколку национални стратегии за образованието во Македонија. На собраниска седница на 13 септември 1995 година таа рекла:

- Прашањето на матурата отвори најголема дебата. Кога зборуваме за матура, не треба да го замислуваме начинот на кој матурата се држи во средните училишта сега, туку ја замислуваме како вид финален испит чија содржина и начин на кој ќе биде изведуван ќе бидат дополнително утврдени со програмите. Матурата дефинитивно е една определба и во многу земји таа претставува не само законска обврска туку и квалификација за натамошниот степен на образование за разлика од приемните во наредниот степен на образование.

Министер за образование и физичка култура Софија Тодорова (23 февруари 1996 - 29 мај 1997); (29 мај 1997 - 30 ноември 1998) - СДСМ



Тодорова се потсетува дека овој ресор бил исклучително сложен и сензитивен. Посебен предизвик било „унапредувањето на образованието на националностите како значајна претпоставка во демократскиот развој на мултиетничка Македонија“. Тодорова за Факултети.мк вели:

- Oбезбедивме зголемен опфат на ученици и студенти, припадници на националностите во системот на образованието. Во соработка со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Макс ван дер Штул, се реализира т.н. Програма за преод за дополнителна подготовка на средношколците за успешен влез на високообразовните институции. Настан што заслужува да биде забележан е донесувањето на Законот за употреба на јазиците на националностите на Педагошкиот факултет во Скопје, со цел да се овозможи успешна реализација на наставата и да се спречат опструкциите што одвреме-навреме го нарушуваа реализирањето на образовниот процес. На почетокот на 1997 година тоа предизвика масовни средношколско-студентски протести, па дури и „штрајк со глад“. Иако протестите се декларираа како неполитички, евидентно беше дека главната улога во нивната организација ја имаа членови на најтесното раководство на партискиот подмладок на ВМРО-ДПМНЕ, а дел од нив набргу добија и значајни политички функции. На протестите доминираа националистички и антиалбански пароли, меѓу другите и „Го продадовте јазикот и идентитетот“, „Албански јазик во Албанија“, „За чиста Македонија“. Добро е што тие млади луѓе го осознаа значењето на образованието на мајчин јазик, кое има големо влијание врз унапредувањето на меѓуетничките односи, во стабилноста на земјата и нејзиниот демократски развој, па дел од нив како пратеници во Собранието учествуваа во донесување закони со кои се формираа неколку универзитети во кои наставата во добар дел се одвива на албански јазик. Се разбира, тој процес го поддржувам и го поздравувам – вели Тодорова.

Во нејзино време првпат почна обезбедувањето бесплатни учебници за основното образование. Било обрнувано посебно внимание на обуки на наставниците за подигнување на квалитетот на воспитно-образовниот процес. Првпат била издадена концесија за функционирање на приватни училишта за средно образование, како сфера од јавен интерес.

Министер за образование Ненад Новковски (30 ноември 1998 - 27 декември 1999); министер за образование и наукa (30 ноември 2000 - 13 мај 2001); (13 мај 2001 - 1 ноември 2002) – ВМРО-ДПМНЕ



Тој беше министер за образование во најсензитивниот период во самостојна Република Македонија, кога се случуваа воените конфликти, кога беше потпишан Охридскиот рамковен договор. Во негово време се создаде големо незадоволство кај универзитетските професори и студентите, кои се закануваа и со штрајкови поради предложени измени во Законот за високо образование, зашто и тој самиот призна дека имал политички притисоци. Во времето на Новковски, есента 2001 година (веднаш по потпишувањето на Рамковниот договор) е отворен Универзитетот на Југоисточна Европа или познат како Штулов. Во првата учебна година имал 900 студенти, а две години подоцна – 3.700.

Министер за образование Гале Галев (27 декември 1999 - 27 јули 2000); министер за образование и наукa (27 јули 2000- 30 ноември 2000) - ВМРО-ДПМНЕ



Овој министер ви го претставуваме преку дел од стенографските белешки од седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 25 јули 2000 година, каде што се разгледувал тогашниот предлог за донесување на Законот за високо образование. Во амандманската расправа, меѓу другото, тој вели:

- Препорака на Советот на Европа од 1998 година вели: „Владите треба да се ангажираат во давање фундаментална слобода во високото образование и да формираат институции за таа цел. Таквите институции ќе бидат официјално поддржани откако ќе обезбедат задоволителен квалитет во работењето на недискриминаторски и фер основи и откако ќе ги покренуваат вистинските барања. Јазикот не треба да биде критериум за признавање на институциите и квалификациите“.

Министер за образование и наукa Азис Положани (1 ноември 2002 - 2 јуни 2004); (2 јуни 2004 - 17 декември 2004); (17 декември 2004 - 26 август 2006) - ДУИ



Во својот прв мандат се соочи со генерален штрајк во образованието поради неисплатени плати на вработените во образовните институции. Имаше долги преговори со Синдикатот за образование, наука и култура. Во неговиот прв мандат е легализиран Државниот универзитет во Тетово. Во мај 2005 година на министерската конференција во Берген, Норвешка, тој го потпиша коминикето за подобрување на високото образование во согласност со Болоњската декларација. Во документот земјите-потписнички на Болоњската декларација треба да обезбедат квалитет, заокружување на рамката за квалификации и звања на европско ниво, вклучување на поголем дел од општеството во високото образование, мобилност на студентите и признавање на дипломите во Европа.

Министер за образование и наукa Сулејман Рушити (26 август 2006 - 26 јули 2008) - ДПА



Во неговиот мандат е воведена деветолетка, а основан е и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тој обелодени дека поседува копии од 500 фалсификувани дипломи од Државниот универзитет во Тетово. Во неговиот мандат почна и проектот „Компјутер за секое дете“, за кој подоцна имаше многу коментари дека е пропаднат проект. Години подоцна за медиуми има изјавено дека за да се спроведат успешни реформи во образованието, мора да се спроведе департизација и деполитизација на образованието.

Тој за Факултети.мк вели:

-Тоа беше многу интензивен период. Беа подготвени и донесени сите, буквално сите закони и формирани сите агенции за целосната реформа и хармонизација на нашето законодавство. Беа донесени законите за основно, средно и за високо образование. Беа формирани потребните тела за спроведување на истите реформи. Беше имплементирана матурата, беа формирани тела за доживотно учење итн. Сите овие закони беа донесени во нормална процедура, со јавна дебата. Беа вклучени домашни и јавни експерти, а беа земени и мислења од Брисел. Сметам дека остана само да се имплементираат истите, односно да се продолжи со обука и подобрување на условите. За жал, трендот и целта на Владата продолжија во погрешна насока. Наместо стратешка, премина во дневно-политичка насока и многу одлуки што беа донесени беа за таква употреба. Моите наследници, за жал, не можеа да се спротивстават на таквата политика – вели Рушити.

Министер за образование и наукa Перо Стојановски (26 јули 2008 - 10 јули 2009) - ВМРО-ДПМНЕ



- Без модернизација на воспитно-образовниот процес и современа обука на наставниот кадар, сите реформи во образованието и науката се осудени на пропаст – беше еден од неговите ставови.

Во неговиот мандат Владата донесе решение за отворање нови дисперзирани студии и факултети за студиската 2009 – 2010 година. Тој си поднесе неотповиклива оставка, а како најголем пораз се сметаше неуспешниот обид за воведување веронаука и екстерно тестирање, предлози кои ги отфрли Уставниот суд. Потоа беше назначен за македонски амбасадор во Австралија. Нашето Министерството за надворешни работи против него поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластувања и проневера на пари. Во 2015 година беше осуден на 3,5 години затвор.

Министер за образование и наукa Никола Тодоров (10 јули 2009 - 28 јули 2011) - ВМРО-ДПМНЕ



Кога седна на министерската фотелја на 10 јули 2009 година, амбициозно најави дека од корен ќе го менува македонското образование.

- Наша цел е целосно да ја промениме структурата на образование. Стојам целосно зад оваа изјава - Македонија има исклучително неповолна образовна структура – изјави Тодоров кога го презеде ресорот образование.

Краткиот период додека министеруваше, пред да го преземе здравството, беше навистина турбулентен. Со неговото назначување за министер практично почнаа најголемите реформи во образованието на тогашната партија на власт ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот предлог-закон за високо образование ги натера дел од универзитетските професори да штрајкуваат, а и го обвинија дека им ја руши автономијата на универзитетите. Тој најави надворешно оценување на нивната работа, нови правила за унапредување во звања, систем за проверка на плагијати итн. Тој го најави и воведувањето на екстерното тестирање во основното и во средното образование, нови учебници, електронски дневник. Во негово време почна и распределбата на бесплатните учебници.

Министер за образование и наукa Панче Кралев (28 јули 2011 - 29 мај 2013) - ВМРО-ДПМНЕ



Тој го замени Тодоров на министерската позиција откако тој замина да го води ресорот здравство. Во првите денови од неговото министерување првпат се организира екстерно тестирање за учениците. Во овој период првпат се организира и домашно рангирање на државните универзитети, се формира Одбор за акредитација и евалуација на високообразовни институции. Кралев воведе и посебна програма за советување родители и програма за советување на ученици кои имаат проблеми во училиште. Во време на Кралев се воведоа повеќе новини во образованието кои ги најави неговиот претходник.

Тој сметаше дека секаде во светот министерствата за образование ги создаваат основите на едно општество. Најави реконструкција на студентските домови во земјава и на 200 училишта. Сам си даде оставка од лични и семејни причини.

Министер за образование и наукa Спиро Ристовски (29 мај 2013 - 19 јуни 2014) - ВМРО-ДПМНЕ



Тој во секторот образование дојде од позицијата министер за труд и социјална политика. Тој ја потпиша одлуката за една од најголемите промени во основното образование - воведувањето на Кембриџ-програмата. Новите учебници и новите наставни програми учениците од прво до трето одделение ги добија во учебната 2014/15 година. Во неговиот мандат отворена е Филмската академија, Охрид (ФАМУ). По смената на Владата тој многу го критикуваше укинувањето на екстерното тестирање оценувајќи го како „антиреформа“.

Министер за образование и наукa Абдилаќим Адеми (20 јуни 2014 - 5 април 2016) - ДУИ



Продолжување со реформите во основното образование и воведување на Кембриџ-програмата во погорните одделенија му припаднаа на Абдилаќим Адеми. Во негово време се случија и најголемите и најмасовните протести на студенти и ученици во поновата историја на Македонија. Во декември 2014 година илјадници студенти излегоа на протест против екстерното тестирање и најавените реформи и побараа подобар студентски стандард.

Министер за образование и наукa Пиштар Љутфиу (6 април 2016 - 1 јуни 2017) - ДУИ



Тој беше министер за образование и наука краток период, а во негово време најголем настан беше почнувањето со работа на новиот, шести Државен универзитет „Мајка Тереза“. Во неговиот мандат Државниот завод за ревизија соопшти дека вработени во МОН направиле расходи од 203.000 евра за хотели, ручеци, такси-превоз и слично без да имаат оправдување за што точно ги потрошиле тие пари. Извештајот покажа дека Министерството потрошило вкупно 110.000 евра за плати и хонорари на лица што воопшто не се појавувале на работа, плаќало престој на вработени и лица од странство во хотели со 5 ѕвезди без да се знае за што, како и скапи ручеци во ресторани за кои нема покритие. Ревизорите ја проверувале работата на Министерството за образование во 2015 година, во период кога на чело на оваа институција се наоѓал Абдилаќим Адеми, а подоцна и актуелниот министер Пиштар Љутфиу.

Рената Тренеска-Дескоска е актуелна министерка за образование и наука – СДСМ



Нејзина прва значајна одлука во првата недела од министерувањето е укинувањето на екстерното тестирање во основното и во средното образование. Таа најави дека ќе се преиспитуваат воведените реформи од нејзините претходници, односно од претходната владина коалиција, како Кембриџ-програмата, квалитетот на учебниците, а најави и измени во Законот за високо образование. Таа вети дека нема да ја прави грешката на претходниците и дека ќе ги консултира сите субјекти пред донесување каква било реформа во образованието.
 
Објавено на 08.09.2017 во категорија Образование
Подготвил: тимот на Факултети.мк / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Образование