Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Што ги создава разорните урагани?

 

Метеоролошка карта со урагани
(Фото: Wikimedia Commons)


Огромни и ненадоместливи штети во човечки животи се случуваат преку Атлантикот, кој е на удар на разорни урагани, а последниот со име „Ирма“ е најлошиот во модерната историја. Таквите урагани се во состојба да го подигнат нивото на морето за шест метри, да поттикнат бранови повисоки од 15 метри. Сето тоа е резултат на климатските промени поради индустриското загадување на атмосферата. Ураганите и торнадата стануваат сè почеста појава и во Европа, па затоа прашање на општа култура и егзистенцијална нужност е да се знае абецедата на овие силни природни појави. 

Содржат многу мраз и снег

Ураганите се хранат со топлина, но нивните облаци на висина од неколку километри, сè до тропосферата, се ладат до температури од околу -50 Целзиусови степени. Дождот што паѓа на земјата е последица на километри топол воздух низ кој поминуваат тој мраз и снег. Истражувањата покажаа дека во ураганите воздухот кружи, циркулира и вертикално, поради што големи количини снег и мраз се топат, потоа се подигнува и тие се враќаат во првобитна состојба.

Ураганите дишат, нивното око „трепка“


Ураганот настанува на површината на океанот, а кружењето на воздухот е последица на Кориолисовиот ефект во текот на вртењето на Земјата. Затоа, ураганите на северната хемисфера кружат спротивно од движењето на стрелките на часовникот, додека на јужната ја следат правилната насока на движење. Во текот на кружењето на воздухот во ураганот настанува и „око“, а со подигнувањето на воздухот, сушејќи се и ладејќи се, и со забавувањето, воздухот во него секогаш изгледа како ураганот да дише. Подрачјето во „окото“ на ураганот е мирно и со свеж воздух. Тоа подрачје, со постојаното мешање на воздухот во ураганот, се собира, па се шири, особено кај најголемите урагани и затоа фантазијата ни дозволува да веруваме дека „окото“ на ураганот трепка.

Ги регистрираат сеизмографи

Оваа појава лесно се објаснува, иако е воочена дури на почетокот на 20 век. Водата има голема специфична тежина. Ураганите, пак, знаат да го разбрануваат морето толку силно, што ќе покренат водена маса до десетици метри во длабочина. Кога толку голема маса ќе почне да удира во брегот или дури и во дното на некои места, се разбира дека почвата почнува да трепери. На почетокот се сметало дека регистрирањето на сеизмографите е последица на бучава, но денес нема сомнеж за што станува збор.

Не е сигурно што ги поттикнува

Благодарение на храбри луѓе кои со метеоролошки авиони се залетувале во ураганите, денес знаеме дека ураганите настануваат со подигнување на влажен, топол воздух над океанот, кога настануваат џебови на подрачјата со низок притисок и кога тој, доволно силен, ќе почне да ротира. Познато е дека брзината и насоката на ветрот, исто така влијаат, а познат е и целиот тој механизам... Единствен проблем е што утврдениот механизам понекогаш воопшто не предизвикува ураган.

Да не постоеше Сахара, ќе имаше многу помалку урагани

Огромен процент од ураганите настануваат така што врелиот и сув воздух од Сахара ќе почне да дува кон морето, каде што е постудено и повлажно. Сахара се наоѓа на совршено место за тоа, токму над екваторот, што значи дека настанува идеално ротирање на многу силна воздушна струја. А може да се случи и сувиот воздух во Сахара да ја впие влагата од циклоните во настанување од своето соседство и на тој начин да ги згасне ураганите што се појавуваат.

Имаат огромна енергија

Силните ветрови, на пример, во „Ирма“, достигнуваат и до 360 километри на час, жесток дожд, неверојатна влага. Сè заедно значи дека станува збор за таква енергија што е смешно да се споредува со енергијата од атомските бомби. Еден просечен ураган ослободува 200 пати поголема количина енергија од производството на електрична енергија на целото човештво.  

Ураганите имаат остри граници

Ни ураганите не се семоќни и подлежат на законите на физиката. Поради Кориолисовиот ефект, нема теоретски шанси ураганот да го премине екваторот. Понатаму, два циклони не можат да се здружат, туку само да кружат еден околу друг. Во една таква ситуација, ураганот „Сенди“ наместо да оди накај морето, се врати и удри во источниот брег на САД. А дури и да се изразено силни, самите ќе ја намалат силината така што во еден момент од длабоките океански слоеви ќе ги повлече студената вода на површината и на тој начин ќе им ја „скрати“ силата што ги придвижува. Затоа што, тие се хранат со топлина. „Ирма“ е толку силна исклучиво поради тоа што морето во тој дел од Атлантикот е особено топло, околу 1 Целзиусов степен повеќе од просекот за оваа доба, згора на тоа и до многу подлабоки нивоа од вообичаено.

Ураганите не беснеат залудно низ светот. Тие ги следат главните топли морски струи и затоа луѓето знаат каде со голема веројатност би се појавиле. Тоа е причината зошто на север настануваат околу екваторот, оттаму продолжуваат до Карибите, па кон копното на САД, а ако не удрат и преживеат, патот ги води на север и североисток. Така е и на југ. Единствено околу Австралија, од непознати причини, ураганите се движат по патишта кои за метеоролозите се ноќен кошмар.

Предизвикуваат торнада

Во торнадо ветрот може да дивее и до 600 километри на час. Само што, тие се релативно мали, неспоредливо помали од ураганите, со неспоредливо помала енергија и затоа генерално се минорен проблем во однос на ураган од петта категорија. И тогаш ураганот долетува директно на копното, ги нарушува струењето на воздухот и температурите на различни висини и настануваат совршени услови за малку послаби торнада.

Тропски циклони, урагани, тајфуни... сето тоа е иста појава. Само што поинаку се именуваат кога се појавуваат на Атлантикот, односно на Пацификот. Околу половина од ураганите и третина од тајфуните успеваат толку да се засилат што кратко време, пред да се истрошат, не им е повеќе потребна топлина за да патуваат и да пустошат. Но, и натаму се огромни, ротираат, уништуваат и патуваат. Тоа се нарекува „екстратропски циклон“. На тој начин, во 1991 година се случи еден таков да ја опустоши Новоанглиската област (New England).


 
Објавено на 09.09.2017 во категорија Наука
Подготвил: Б.Б.
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook