Ѕирнавме во студентските мензи, а разговаравме и со нутриционист

Ѕирнавме во студентските мензи, а разговаравме и со нутриционист

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Лектор: Ивана Кузманоска


Оброци од последната студентска година во студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“ 

Менијата во студентските домови не се менуваат со години, единствено сезонски ротираат. Надлежните треба да покажат поголем интерес за потребите и желбите на студентите поврзани со храната што се предлага, понекогаш е доволно да се промени начинот на приготвување на оброкот или комбинацијата на намирници за оброкот да биде прифатлив – вели нутриционистот Надица Илиевска од Скопје

Навиките за правилен начин на исхрана се стекнуваат во кругот на семејството. Добрите полесно се задржуваат отколку што се стекнуваат – нагласува нутриционистот Надица Илиевска од Скопје. Таа истакнува дека родителите стануваат загрижени за своите деца во периодот кога децата почнуваат сами да ги креираат своите прехранбени избори, па велат, „додека беа мали јадеа сѐ, кога пораснаа, сакаат само брза храна!“

Ова, за жал, е особено нагласено кај студентите. Причините за тоа се различни, но најчесто настануваат под влијание на погрешен маркетинг поврзан со храната и пијалаците. Затоа, освен семејството, влијание врз начинот на исхрана имаат и општеството, стилот на живеењето, медиумите и во последно време, социјалните мрежи, како место каде што младите поминуваат најмногу време. Токму преку овие канали и треба да допреме до нив, но со издржана и осмислена едукација, смета Илиевска.

Денот да почне со квалитетен појадок

-Човечкиот организам ја добива енергијата исклучиво преку храната што ја консумира. Од видот на храна што се консумира зависи дали ќе имаме енергија или ќе бидеме уморни, дали ќе памтиме добро или материјалот што треба да го научиме „тешко ќе влезе во глава“. За сите е важно, но посебно за студентите, денот да го започнат со квалитетен појадок, богат со нутриенти, бидејќи недостигот на хранливи материи потешко се надоместува во втората половина на денот и чувството на умор и исцрпеност ќе биде нагласено. Квалитетен појадок мора да содржи, на пример, житарки, овошје или зеленчук и јогурт или кисело млеко. Пробиотските намирници се посебно важни, поради тоа што придонесуваат за намалување на стресот, кој е посебно нагласен кај студентите. Свежите намирници, како зеленчукот и овошјето, се полни со антиоксиданси и го намалуваат штетното влијание на слободните радикали, што е многу важно имајќи предвид дека повеќето студенти учат со компјутер покрај себе, понекогаш и повеќе од неколку часа, што претставува дополнителен стрес. Директно влијание врз когнитивните способности имаат незаситените масни киселини, како омега-3, затоа треба да имаме повеќе риба и јаткасти плодови во исхраната. Истражување докажа дека редовното консумирање на ваков вид масти ги зголемува интелигенцијата и моќта на памтењето кај младите – вели Илиевска.

Сите групи намирници се важни, јаглехидратите даваат енергија, но не простите шеќери, тие ја одземаат. Кога се јавува потреба од слатко, може да се консумира темно чоколадо или мед. Наместо кафе, да се пие вода, какао или зелен чај. Да се консумираат доволно квалитетни протеини, како што се рибата, посните меса и ферментираните млечни производи. Добрите масти се неопходни во исхраната, но не прженици и масни сосови. Важноста на витамините и минералите веќе е општо пoзната, да нагласам само дека тие се добиваат од свежа, термички необработена храна, значи што повеќе свежи овошни и зеленчукови салати. За поуспешна сесија, оброците треба да бидат разновидни, повеќе на број, а помали во количина, зашто по обилен и тежок оброк не може квалитетно да се учи. Неопходен е и внес на доволно течности – вели Илиевска.

Таа додава дека студентите мора да внимаваат и на физичката активност, особено во текот на испитна сесија мора да се најде време за движење.

Исхрана во студентски домови

Менијата во студентските домови не се менуваат со години, единствено сезонски ротираат. Надлежните институции треба да покажат поголем интерес за потребите и желбите на студентите поврзани со храната што се предлага, понекогаш е доволно да се промени начинот на приготвување на оброкот или комбинацијата на намирници за оброкот да биде прифатлив. Бидејќи храната што редовно се подготвува, а не се консумира е најскапа – смета Илиевска.






Традиционалните македонски манџи, бел леб, минимални шеќерни десерти, тоа е најчесто сликата на студентските послужавници. Студентските менија се вечна тема за идните академски граѓани, кои најчесто се жалат на количината, но и на начинот на сервирање на храната.






-Подобрувања секогаш се можни и потребни, во тој правец некои намирници треба да се исфрлат од понудата. Ако сакаме младите да имаат добри прехранбени навики, во мензите не треба да се нуди високопроцесирана храна богата со конзерванси, шеќери и калории. На пример, готовите сокови лесно може да се заменат со парче свежо овошје, само една ваква мала промена драстично го менува квалитетот на оброкот. Ако се има предвид дека целта на колективната исхрана во студентските домови е студентите да добијат свеж, топол, квалитетен и здрав оброк, тогаш навистина сите релевантни институции и стручниот кадар кој е инволвиран во овој процес треба го дадат својот максимум за целта и да се оствари – вели Илиевска.






Вообичаено студентите, освен на видот на храната, често негодуваат и на хигиенските услови, кои зависат најмногу од човечкиот фактор во синџирот на исхраната. Прописите се јасни и недвосмислени, потребно е само доследно да се почитуваат, додава нутриционистката.