Робот подобар од 80% од учениците на приемен испит за факултет

Робот подобар од 80% од учениците на приемен испит за факултет

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Норико Араи
(Фото: Flickr)


Вештачката интелигенција сè уште не може да разбере значење или емоции, но може да пишува прилично добри есеи за поморската трговија.

Експертот за ВИ, Норико Араи, го претстави роботот Тодаи, машина која е програмирана да го положи приемниот испит на најпрестижниот универзитет во Токио.

Роботот бил подобар од 80% од студентите што го полагале испитот, а кој се состоел од седум дела, вклучувајќи и математика, англиски јазик, наука и пишување есеј од 600 карактери.

Меѓутоа, Араи тоа го сфатила како знак за предупредување и рекла дека сите предвидувања дека роботите во иднина ќе ги извршуваат сите професии во производството, а подоцна можеби и некои пософистицирани, се само потсетник на големите недостатоци во образованието.

Наместо да учат со разбирање, Араи смета дека децата се однесуваат повеќе како роботот Тодаи.

„Тие учат факти, а потоа ги пласираат, без да ги разберат. Проблемот е што Тодаи и кој било друг облик на ВИ ќе ги надминат човековата меморија и спознание, а човечкиот мозок никогаш нема да може да се натпреварува со способноста на компјутерот да ги проверува фактите“, рекла Араи.

Луѓето се одликуваат со препознавање обрасци, креативни проекти и решавање проблеми. Ние можеме да читаме и да разбираме, а компјутерите не можат, барем не засега.

И Тодаи понекогаш прави грешки. Со 15 милијарди реченици во својот репертоар, роботот на Араи не успеал да сфати прашање со повеќе избори, а чиј одговор би му бил очигледен дури и на мало дете. Но, со оглед на тоа што во тестовите на Араи една третина од учениците не можеле да одговорат на едноставно прашање за тоа што го разбрале од прочитаното, лесните прашања можат да ги излажат и човечките умови.

„Поради тоа, мораме да размислуваме за нов облик на образование, при што учениците нема да учат само како да ги запаметат фактите, туку и критички да размислуваат за нив. Како ние луѓето ќе коегзистираме со ВИ е нешто за кое мораме добро да размислиме“, рекла Араи.