Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Триптих посветен на моќта и слободата

 
Колумна на Марија Грубор

Си биле еднаш тројца преживеани бродоломници што пловеле со чамец во кој имало дупка. Копно нигде. Едниот земал лажица и неуморно ја црпи водата. Вториот седел со рацете под глава и му рекол на првиот: „И што фајде од тоа, будало? Секако ќе потонеме“. Третиот, сал се акал лево-десно низ чамецот и одвреме-навреме прицркувал во паника, повремено пцуејќи му мајка на капетанот, повремено упатувајќи доста сликовити закани за живот кон директорите на бродската компанија која му го уништила животот. Првиот, откажан од убедување на претходниве двајца да се позанимаваат со обид за спасување, молчел и црпел. Ко блесав. Не оти бил глуп и не сфаќал колку е очајна ситуацијата, туку оти не знаел поинаку. Чамецот потонал и сите тројца се удавиле.


Фото (Извор

Не, не знам дали приказнава немало да заврши вака дури и ако сите тројца поработеле на изнаоѓање и спроведување решение. Ама и тие нема никогаш да дознаат, нели.

*

Велат дека пред осамнувањето и проширувањето на имиџот на револуционер со +30 селфиња од протести на фејсбук, пред #бунтот да стане општествено пожелна појава и пред релативно независната интелектуално-културна сцена да стане пазарче од кое партиите ги купуваат најзрелите плодови, постоело некое време во кое постоеле некои луѓе кои сонувале за ослободување на нивната земја од глупоста, бедата, малограѓанштината, племенскиот ривализам и моќта на бизнис-интересите над добросостојбата на граѓаните.

Всушност, велат дека имало повеќе такви времиња, и повеќе генерации такви луѓе, кои се склопувале во различни точки во колективното време за да одржуваат жарчиња од солидарност и потреба за слобода. Кај се денес? Некои се престориле во огорчени циници. Некои биднале сомлени под лавината стресови на секојдневието и немале време за понатамошно гласно градење ставови. Некои се отселеле што подалеку. Некои длабоко навлегле во невладиниот сектор, некои се вдомиле во партии. Некои ѝ се познати на јавноста, некои никогаш нема да бидат откриени. Но на повеќето им било јасно кажано „И што фајде од тоа, будали? Сите се исти, нема спас“ од страна на силуети со скрстени раце. А овие, будаливе, црпеле та црпеле со години.

Бродот, кoј како и секогаш, бил закотвен сред непловна река... ај за тоа нареден пат.

*


Постои докажано значајна корелација меѓу она што го чувствуваме и она што го мислиме. Ова навистина не е астрофизика. Во суштина, многу од она што мошне самоуверено го сметаме за чист логички производ на сопствените когнитивни апарати е мутант од дисторзии создадени од вкрстувањето на емотивен жар и научени мисловни обрасци. Овој тип заблуди, споделени од човештвото како целина, се викаат когнитивни дисторзии. Накратко кажано, тоа се механизми преку кои удобно утапканиот ум се обидува да навезе „логика“ за своите инаку можеби бесмислени искуства, т.е. вистинската диференцијација на креативната свест каква што ја познаваме.

Ниту едно познато суштество не може да ја восприеми сета комплексност на реалноста во целост. А во најодзумираната bigger picture, ова значи дека во секој можен миг, когнитивните дисторзии, пред сѐ претставени преку логичките грешки, се вткаени во секоја секунда од периодот додека сме живи. Мнозинството од нас никогаш нема да станат свесни ниту за половина од тие ситуации.

Но во однос на досега познатите граници на човечкото резонирање и искуство, некои од овие когнитивни дисторзии можат со право да се наречат екстремни. Во заднината на екстремното когнитивно дисторзирање на реалноста вообичаено се наоѓа негативен маѓепсан круг составен од емоции (заедно со нивните физиолошки придружници), мисли и однесувањa. Истиот е поткрепен од веќе постојните перцепции и потребата од зачувување на самодовербата.

Ваквите ги има можеби на стотици, но да се биде свесен за постоењето на главните, произлезени од трудовите на Арон Бек и Дејвид Бернс, може на сите ептен да ни се најде во животот. Финтата е во тоа што аргументите базирани на когнитивни дисторзии можат за неистренираното уво да звучат ем сосема разумно ем 116% точно (ова е инаку главниот симптом по кој можете да ги препознаете). Иако, всушност, тие не се ништо повеќе од релативно плитко и еднодимензионално промислување на одреден проблем.

Мене ова ми е многу интересно и од индивидуално-психолошки (З’ш сме вакви?) и од колективно-психолошки (Што значи тоа на ниво на заедница?) и од политички аспект (Како ова може да се искористи во политичката пропагандна машинерија?), па затоа сакам да го споделам со вас.

Во текстот подолу ќе разгледаме десетина нималку забавни смејем-се-а-плакао-бих патолошки босови, а за понатаму ви оставам сами да си истражувате во случај на љубопитност.

1. Филтрирање

Вака се означува неуспехот да се изгради зрело, повеќеслојно, zoom-out мислење за нешто и притоа небидување свесен за тоа. Филтрирање на искуството преку издвојување на негативните или позитивните парчиња од контекстната целина и силно фокусирање само на нив. Преку ваквото селектирање се гради посакуваниот позитивен/негативен светоглед.

2. Поларизирано размислување

Подобро познато како црно-бело или се-или-ништо размислување. Нештата можат да бидат или добри или лоши и никако поинаку. Даден проблем може да биде решен овака или онака и никако поинаку. Краен производ? Ригидни и штетни правила базирани на несвесно примитивизирање на резонирањето.

3. Претерана генерализација

Ова сите знаеме како оди, нели. „Сите _____ (по желба) се ______ (по желба) затоа што дури три пати имам видено таков човек како ______ (по желба, ама да е шокантно). Оттука, кога пречесто користиме „секогаш“ и „никогаш“... ова е нивото на кое сме заглавиле.

4. Читање мисли

Го знаете она чувство на сигурност дека знаете точно што чувствува/мисли другиот? Плус сте необјасниво способни постојано да ја предвидувате иднината? Е па не можете.
Е, а сте чуле за самоисполнувачки пророштва?

5. Катастрофизирање

Кога. постојано. сме. во. исчекување. на. следната. катастрофа. во. нашите. мали. патетични. животи.

6. Еготрип

Сѐ се врти околу нас и скоро секое можно однесување на другите е директна или прекомплицирана индиректна реакција на нешто наше. За ова нема шанси ниту од специфично психолошки, ниту од логички аспект. Велат дека доаѓа од чувство на намалена вредност, при што отсуството на самодоверба се компензира со помош на постојано споредување со другите и обид да се задоволат нивните стандарди по секоја цена. Don’t shoot the messenger.

7. Привид на секонтрола

Постојат две можни дисторзии на твојот „осет“ за сопствената контрола и моќ над себе и сè што ти се случува: да се набљудуваш и искусуваш себеси како беспомошна жртва на сили кои се појаки од тебе: Бог, судбина, универзумот, мајка ти. Ergo, самиот немаш одговорност за ништо од сето тоа. Другата, пак, те храни со информации дека ти и само ти самцат имаш одговорност, а со тоа и контрола врз сè што се случува во твојот внатрешен и надворешен свет. Според моето скромно познавање, но богато искусување на темата, обете се налудничави.

8. Привид на сеправичност

Тајна ментална онанија од типот „Ех, само да постоеја повеќе правични/паметни/... луѓе како мене, друг ќе беше светот!“

8.2. Привидот наречен „ете, како што ти објаснив, сите освен мене страдаат од когнитивни дисторзии и затоа уствари не е можен комунизмот“

9. Сите се леви, само јас десен

Ова стапува на сцена кога сите почнуваат да ни бидат криви, и тоа 100%. Секоја втора реченица ни почнува со „Ти/таа/тој...“ Ние немаме вина, не сме можеле ништо да промениме; ние сме кутри жртви или, пак, светци оставени на немилоста на другите. Ако си стигнал дотука, честитки и жалам: си добил удобна позиција на моќ, но скоро сосема си ја изгасил сета своја страст за слобода и потенцијал за автентичност.

10. „Ама требаше...“

Дисторзија која се случува кога в камен ќе си впишеме правила и планови за животот. И тоа не само за својот, туку и за сите туѓи животи околу нас. Во ваквиот тесен и задушлив универзум, сѐ е подредено и осмислено, и ако нешто измрда од распоред, настапува осудување, и потоа можеби и насилство.

11. Емоционално резонирање

Почувствувано = вистинито. Звучи прилично страшно вака јарко осветлено, но во суштина во различна мера им се случува на сите и на некој начин може да се нарече дел од уникатното искуство наречено „да се биде жив“, да се изразам хипички. Притоа, добрата вест е што емоциите се навистина валиден и значаен инпут. Лошата вест е што ако се потпираш исклучиво на нив при носење заклучоци, емоциите неизбежно ќе влијаат врз процесот на мисловно расудување, предизвикувајќи... ментален верижен судир?

12. Се разбира дека сум во право

Кул е да се имаат страсни убедувања и цврсти ставови, ама ако истиве нѐ тераат да ги претвораме дискусиите во бојни полиња мотивирани од цел да победиме и да бидеме прифатени, тогаш сме станале само уште едни претерано самоважни штетници во општеството.

13. А за мене споменик камо?

Ова е многу зезната ситуација. Нешто како концептот на условна vs безусловна љубов: ова може да се сфати како плод на замислата за условна vs безусловна солидарност. Правиме добри и пожртвувани дела само оти се чувствуваме принудени на тоа од средината, но притоа повеќе или помалку тајно постојано очекуваме да добиеме награда/специјално признание/реципрочност. Кога замислената награда нема да пристигне, настапува токсична горчина и презир кон бившите приматели на нашата „несебична, самоодрекувачка добрина“. Доста откачено, ама почесто од што мислите.

...Ок, само што забележав дека веќе се 13 и морам да сопрам овде.
А имам и вода за црпење.

Имајте убав ден!

Автор: Марија Грубор

Марија Грубор е дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка и фотографка. Дипломирала на Институтот за психологија во Скопје, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки со намера да ги продлабочува знаењата и искуствата од критичките теории. Има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, а учествувала на две фотографски изложби во Скопје и една во Белград.
 
Објавено на 13.09.2017 во категорија Култура
Подготвил: Марија Грубор / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook