Свечен почеток на академската година на УКЛО на Факултетот за безбедност - Скопје

Свечен почеток на академската година на УКЛО на Факултетот за безбедност - Скопје

1

Почетокот на новата академска година на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола започна на Факултетот за безбедност – Скопје, кој одбележува значаен јубилеј, четири децениско постоење. Првиот академски час и свеченоста што се одржа во амфитеатарот на оваа вискообразовна институција, на 18 септември 2017 година, беа во знакот на срдечно добредојде на новите студентите, оние кои прв пат зачекоруваат и се вклучуваат во академското семејство на УКЛО, заедно со нивните колеги, повеќе од 7000 студенти во сите три циклуси, на 12-те високообразовни единици.

Од името на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски на студентите и професорите им посака успешна академска година и упати порака до студентите  дека започнуваат еден нов степен на едукација низ којшто ќе ги градат специфичните знаења, ќе се изградуваат како личности и ќе стекнуваат нови, интересни искуства, пријателства и контакти  што многу ќе им значат во животот. Тој се осврна и на спецификата на УКЛО, со близу 400 наставно-научни кадри, со хетерогена високобразовна понуда, коишто го позиционираат Универзитетот во водечка високообразовна установа во Југозападниот регион на Република Македонија. Во прилог на кохезијата на УКЛО е токму и свеченоста што се одржа на Факултетот за безбедност, како значајна и многу специфична единица којашто оваа година го одбележува своето четиридецениско постоење.

На централната свеченост по повод почетокот на новата академска година од името на Факултетот за безбедност, новата генерација студенти ја поздрави деканот, проф. д-р Никола Дујовски којшто истакна дека Факултетот за безбедност е формиран во 1977 година, како единствена институција од областа на безбедноста во поширокиот контекст и дека дипломираните студенти биле и се уште се столбот на безбедносните системи и демократските вредности. Тој потсети дека во четиридеценискиот развој, факултетот оставил силен белег во развојот на науката за безбедноста, преку организирање на додипломски, последипломски и докторски студии.

2

Покрај комплетното раководство на УКЛО, управата и вработените од Факултетот за безбедност, на свеченоста во чест на новата генерација студенти,  присуствуваа и двајца министри во Владата на Република Македонија, за одбрана и за внатрешни работи, Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски.И двајцата министри ја потенцираа важноста и местото на Факултетот за безбедност – Скопје, и искажаа уверување дека професионалните и квалитетни кадри се особено значајни во унапредувањето и развивањето на безбедносниот систем на Република Македонија и изразија подготвеност за разгледување на можностите за ангажирање на најдобрите профили во областите на одбраната и безбедноста во безбедносните институции во државата.

На првиот академски час на Факултетот за безбедност – Скопје, доделени се благодарници на поранешни декани на Факултетот кои оставиле добро наследство во насока на развивање на науките од областа на безбедноста. Благодарници беа доделени и на институции и поединци, меѓу кои и на ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски.

Во завршниот дел на свеченоста на најдоброзапишаните студенти на петте постојни студиски програми на факултетот доделени им се индексите, а најдобро рангораниот студент Моника Тодорова е ослободена од трошоците за студирање. На овој начин, УКЛО ја продолжува политиката за стимулирање на најдобрите студенти и презема активности за перманентна поддршка на студентскиот активизам и иницијативност.