Како да се снајдете на ФИНКИ

Како да се снајдете на ФИНКИ


Здраво сегашни и идни студенти. Го правам ова за бар малку да ви го олеснам студирањето на ФИНКИ... или бар да ви го направам малку поинтересно. Дека сум од првите генерации, баш и немавме кого да прашаме за совет, некој да ни каже како е студирањето, што да правиме, а што не. Бидејќи сметам дека не треба да поминувате низ истите работи, еве некои работи што треба да ги знаете, а со кои ќе се соочите во текот на вашите студии.

-    Предавања, вежби, лабораториски: Една од одличните работи на ФИНКИ е што предавањата и вежбите не се задолжителни, барем по повеќето предмети. Доколку мислите дека материјалот или професорот „не ви е по ќеф“, не сте присилени да седите тие 2-3 часа во тој кабинет и да слушате, можете да одите на кафе или нешто слично. Но немојте да се излажете дека на тој начин лесно ќе го совладате материјалот сами. Многу е полесно да научите ако одите на предавања и вежби, бидејќи ќе бидете во тек со материјалот, полесно ќе го совладате и не би требало да имате големи тешкотии при полагањето на предметите. Доколку предавањата и вежбите од одредени предмети ви се поклопуваат, можете да побарате промена на терминот кај професорот, да го смените професорот или да го смените предметот. Од друга страна, лабораториските вежби се задолжителни за изработка и присуство по предметите кои имаат лабораториски вежби. Иако е прилично лесно да се ископира веќе познато решение на истите од некој колега, препорачливо е сами да ги изработувате. Суштината од предавањата, задачите решени на аудиториските и лабораториските вежби е она што ќе го имате за полагање на колоквиуми или испит. Лесно ќе препишете од друг колега или ќе пратите туѓо решение, дури и самостојно ќе ја научите лекцијата, но никогаш нема да знаете што потенцирал професорот или, пак, за начинот на кој е решена задачата.

-    Прашувајте, прашувајте, прашувајте: Ако нешто не знаете, не сте сигурни дали е така... прашајте. Една од најголемите грешки што ја прават студентите е што не прашуваат. А што да прашаат? Прашајте за нејасните задачи. Прашајте за дополнителен материјал. Прашајте да ви се дообјасни нешто. Прашајте што ќе има на испит. Прашувајте ги колегите, прашувајте ги професорите. Има ФБ-групи за секоја генерација на ФИНКИ, како и за одредени предмети. Таму се водат дискусии за сите теми и прашања што ги имаат студентите на ФИНКИ. Ако се немате зачленето досега... итно зачленувајте се! Овие групи се особено активни вечерта пред испит, дека нели сите тогаш се спремаат. Сепак би ве советувал да ги прашувате и професорите. Секој професор и асистент е должен да ви ги одговори сите прашања во врска со предметот кој го предава. Во рамките на тој предмет, секоја недела има јавни, однапред закажани термини за консултации, каде може да прашате сè што не сте стигнале да прашате на предавањата или на паузите меѓу часовите. Користете ги овие термини. Користете ги и увидите после полагање за да видите каде сте згрешиле, бидејќи повторно ќе погрешите следната сесија ако не сте свесни дека грешите. И, секако, прашувајте ги постарите колеги. Не ви треба посебна причина за ова, веќе ви е јасно зошто.

-    Колоквиуми, испити, проекти... Секој предмет бара да бидат исполнети посебни побарувања за да биде положен. Бидете свесни уште од првата недела што се очекува од вас како студент, со цел да можете навремено да ги завршите работите. Голема грешка е да не учите континуирано, бидејќи е многу полесно да учите недела за недела. Да не се лажеме, 99,9% од студентите учат 2 дена пред испит (вклучувајќи ме и мене), но полесен е животот кога со време ќе седнете и ќе го соџвакате материјалот. Мислам дека предметите се полесни за полагање на колоквиуми, но сепак тоа зависи од индивидуата. Не навлегувам ни во процесот на подготовка, бидејќи на некои им е полесно да спремаат испити групно, други самостојно итн. Откријте што е тоа што вам најмногу ви одговара. За да паднете предмет, треба да паднете на прв или втор колоквиум, прва испитна сесија, втора испитна сесија и трета испитна сесија. По 4 шанси за секој предмет. Искористете ги мудро. Совет – што повеќе предмети положите на колоквиуми, помалку нервози за испитна, повеќе време за одмарање. Фрустрирачки е фактот што за некои предмети резултати се чекаат со недели, понекогаш месеци, што списоци за полагање се објавуваат вечерта пред испитот, но истото ве очекува и кога ќе се вработите, така што прифатете го тоа како челичење.

-    Изборот на предмети: Знаете ли зошто некои предмети се викаат изборни? Самите избирате дали и кои предмети ќе ги слушате. Да, звучи просто, но големи грешки се прават во овој избор, најчесто од неинформираност. Иако имате време од 2-3 недели да се одлучите кои предмети ќе ги запишете во следниот семестар, ретко кој посветува внимание на материјалот што се изучува или за тежината на предметите. Секој смер има по два професори кои може да ви помогнат во изборот, или да ви дадат совет што да одберете. Мудриот избор на предмети ќе ви го олесни семестарот. Не комплицирајте го тоа што е веќе доволно искомплицирано.

-    Паѓањето предмети: Ништо страшно ако паднете предмет. Секогаш можете да запишете 6 предмети во еден семестар и да ги надоместите загубените кредити. Не очајувајте ни дури ако треба да запишете дополнителен семестар на крајот на вашето студирање, бидејќи тоа е сосема нормална работа.

-    What makes you special? На ова прашање мора да имате одговор бидејќи ќе го чуете на кое интервју и да отидете. Тоа што ќе дипломирате после 4, 5, 10 години нема да биде доволно за да ве одвои од другите. Мора да најдете нешто што вам ќе ви биде интересно и да се посветите на тоа, да бидете најдобар во тоа што го правите. Теоретското знаење е важно и ќе го стекнете во текот на студиите, но за практичното знаење треба самите да поработите. Имате многу туторијали на YouTube, курсеви и книги. Постојат многу начини да стекнете искуство, а најдобриот е преку студентските пракси. Голем број компании во земјава и странство нудат студентски пракси со различни времетраења, каде што ќе научите многу и ќе сфатите како е да се биде вработен, бар на неколку месеци.

-    Студентски организации: Бидете член на некоја студентска организација. Тоа не се „секти“ со луѓе кои безделничат, туку ќе ви бидат од голема помош при вашето студирање, верувајте. Како претставник од ФИНКИ, ја имате Студентски парламент ФИНКИ, од УКИМ ја имате Студентски пленум. ИАЕСТЕ е онаа што нуди платени стручни пракси во странство, БЕСТ организира курсеви и настани низ Европа и многу други. Одете на неколку состаноци, информирајте се за активностите што ги прават and keep an open mind. Ништо не се споредува со тримесечна работа во некоја софтверска компанија во Германија или посета на некој курс во Шпанија. Прошетајте до Барака 5, распрашајте се, топло препорачувам.

-    Алтернативно високо образование: Веќе сигурно сте чуле дека постојат и други начини да се стекнете со потребното образование за одредено работно место. Станува збор за збир на курсеви кои може да ги следите и да стекнете знаење од одредена лимитирана област. Велам лимитирана бидејќи нема да го стекнете поопширното знаење што ви го нуди ФИНКИ, но од друга страна се одличен начин да се специјализирате во одредена област или технологија. Во развиените земји се преферира алтернативното образование, како начин на кој за брзо време се стекнува добро оспособен кадар, но за специфична работа. Според мене, идеално би било доколку ги поседуваш двете.

-    Изборот е твој, направи го мудро: Овие зборови ги кажав неколку пати во текстот. Знам дека е долг, но тешко е 4 години да се вклопат во неколку страници. Во текот на студирањето имаш четириесетина предмети, така што ќе дознаеш различни работи од барем дваесет области на ИТ-светот. Прави го она што те интересира и труди се да бидеш уште подобар. Треба да имаш среќа, но и знаење. И не грижи се, си го направил вистинскиот избор.

Авторот сака да е анонимен