МОН со известување во врска со случајот во основното училиште „Братство и единство“ во Охрид

МОН со известување во врска со случајот во основното училиште „Братство и единство“ во Охрид

До Министерството за образование и наука се обрати родител на две ученички од Основното училиште “Братство и единство”  во Охрид со барање мислење за случајот со неговите ќерки на кои не им е дозволено следење на настава во основно училиште поради носењето превез.

Министерството за образование и наука во одговорот на писмото укажа дека согласно Законот за основно образование,  основното образование е задолжително. Исто така укажа дека во надлежност на директорот е да ја организира, планира и води работата на основното училиште и е одговорен за остварување на правата и обрските на учениците.

Зачудува погрешното толкување на дописот на МОН дека со него се дава дозвола за било какво однесување на директорот или на родителот на ученичките.  

Напротив, МОН укажа на задолжителноста на основното образование и на надлежноста и одговорноста на директорот на училиштето за остварување на правата и обрските на учениците. При тоа, се подразбира дека сите граѓани се должни да го почитуваат Уставот и законите во Република Македонија, вклучувајќи ги и директорите на училиштата кои својата надлежност треба да ја вршат во рамките на позитивните правни прописи.

Заради заблудите кои се појавија во јавноста по повод на овој случај, МОН во оваа прилика укажува и дека директорите на општинското основно училиште се избираат и разрешуваат од страна на градоначалниците на предлог на училишниот одбор на основното училиште.

Ако постојат сознанија за постапување на директорот со кое по негова вина е нанесена штета на учениците, на нивните родители или на училиштето, училишниот одбор свикува седница на која се донесува заклучок во писмена форма кој се доставува до директорот. Понатаму во законот е регулирано дека во случај на евентуално постоење на прекршување на законите и оневозможување на остварување на правата на учениците, надлежност имаат покрај училишниот одбор, Државниот просветен инспекторат, градоначалникот и на крајот, по спроведена постапка од страна на другите органи, Министерството за образование и наука.