Погледнете како се конзервира мозаикот во крстилницата од 5 век во Стоби

Погледнете како се конзервира мозаикот во крстилницата од 5 век во Стоби

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Лектор: Ивана Кузманоска

stobi

Како конзерваторите денес ги заштитуваат вредните мозаици што нашите предци ги создале во времето на Римската Империја? Искусните конзерватори веќе пет месеци работат на еден од најубавите мозаици во Македонија - крстилницата во епископската базилика во Стоби, кај Градско. Шестмина конзерватори-советници и помлади конзерватори, под раководство на Владимир Симеонов, овластен конзерватор за мозаик, го заштитуваат мозаичниот под од 5 век на кој е илустриран 41. Псалм на Давид.
Проектот за конзервација и реставрација на познатиот мозаик со пауни во крстилницата е подготвен пред неколку години. Работите на непосредна заштита почнаа пролетва, а е финансиран од амбасадорскиот грант на Соединетите Американски Држави за заштита на културното наследство за 2016 година.

Крстилницата е откриена во 1971 година и станала најпрепознатливиот симбол на археолошкиот локалитет Стоби. Првите конзерваторски работи на мозаикот, набрзо по откривањето, биле во согласност со тогашната практика.

- Оттогаш не се преземени посериозни конзерваторски зафати, освен тековно одржување и превентивна заштита. Во текот на овој долг временски период атмосферските влијанија и влагата предизвикале сериозни оштетувања на подлогата од варов малтер, што резултирало со отпаднати тесери, пропаѓање и девијации на мозаикот. Тесерите, особено оние изработени од црн камен, се исто така прилично оштетени. Затоа, конзерваторските зафати на мозаикот се итни и неопходни со цел да се обнови неговата структурна стабилност и да се зачува – велат од Стоби.

Конзерваторите прво го подготвиле просторот за работа. Набавени се неопходните конзерваторски материјали и алати, па конзерваторските зафати почнале во согласност со  прифатениот метод на конзервација in situ комбиниран со делумно подигање на најоштетените делови. Прво мозаикот е исчистен од прашина и нечистотии. По деталната анализа се означени деловите што треба да се подигнат. Јани Антониев, конзерватор-советник во Националниот конзерваторски центар, е задолжен за т.н. сув ретуш, односно внимателна замена на оштетените темносиви и црни тесери.

 - Останатите членови на тимот работат на замена на цементиот малтер со кој биле пополнети лакуните на мозаикот во текот на конзерваторските зафати во 70-тите години. Лакуните се оштетени делови на мозаикот каде што тесерите сосема недостигаат, состојба во која бил откриен. Лакуните вообичаено се пополнуваат со истиот малтер како и подлогата за мозаикот, но во минатото често бил употребуван цементен малтер. Бидејќи современата практика се залага за употреба на автентични материјали, стариот малтер во лакуните мора да се замени со хидростатен варов малтер. Целиот процес на работа внимателно се документира – објаснуваат од Стоби.


Весна Ивановска-Илиевска
vesna.ivanovska@fakulteti.mk