Тамара Ристоска, актерка во новата серија „Фамилијата Марковски“: Научив многу од моите поискусни колеги

Тамара Ристоска, актерка во новата серија „Фамилијата Марковски“: Научив многу од моите поискусни колеги

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Новата ТВ-серија „Фамилијата Марковски“ ќе се емитува на телевизија „Канал 5“ од 23 октомври, секоја сабота и недела со почеток во 19.30 часот. Тазе дипломираната актерка Тамара Ристоска вели дека имала чест да работи со врвни актери и одлична екипа.



Иван, Лиле, Јана, Виктор и Бојан Марковски се типично македонско семејство кое секојдневно се соочува со многу предизвици. Во новата ТВ-серија „Фамилијата Марковски“, која од 23 септември ќе почне да се емитува на „Канал 5“, младата актерка Тамара Ристоска ја игра Јана, најстарото дете во семејството. Таа работи како асистент на Архитектонскиот факултет и во архитектонското студио што го води нејзиното момче. За сите предизвици со кои се соочувала за време на снимањето и подготовките за улогата, Тамара вели:

- Имав чест да соработувам со актери кои се големи токму поради човечноста и отворениот, пријателски пристап. Беа одлични партнери и во ниту еден момент не беа себични за да ми излезат во пресрет кога имав сомнежи или дилеми околу некоја сцена – вели таа во интервјуто за Факултети.мк.



„Фамилија Марковски“ е твој последен предизвик, прв поголем на малите екрани. Откриј ни како ти се случи овој проект и малку за твојата улога?
- Додека траеше кастингот за серијата „Фамилијата Марковски“, работев и на дипломската претстава на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Премногу важни работи ми се случуваа во исто време и мислам дека целата таа еуфорија ми помогна да ја поминам аудицијата без голема трема. Искрено, немав големи очекувања и поради тоа бев изненадена кога ми кажаа дека сум ја добила улогата. Го толкувам ликот на Јана, која е најстарото дете во фамилијата Марковски. Таа работи како асистент на Архитектонскиот факултет и во архитектонското студио што го води нејзиното момче. Главниот фокус е моралната дилема со која се соочува Јана во текот на серијата, но најдобро е да не ги откривам сите детали пред време.

Кастингот на серијата е одличен. Каква беше соработката и дали ти беше „сладок проблем“ да играш покрај веќе докажани актерски имиња кај нас, како Микиќ, Стојановска, Ајрула?
- Нешто што би го издвоила како најдраго искуство од снимањето е можноста да работам со поискусни и познати актери и на тој начин да учам и да се надградувам себеси. Имав чест да соработувам со актери кои се големи токму поради човечноста и отворениот, пријателски пристап. Беа одлични партнери и во ниту еден момент не беа себични за да ми излезат во пресрет кога имав сомнежи или дилеми околу некоја сцена. Повеќе од еден месец додека траеше снимањето изградивме одличен однос и благодарна сум што имав можност да научам многу работи.

Се чини дека и македонските медиуми и продукции се осоколија да снимаат повеќе ТВ-серии, па народот наместо турски, да гледа свои серии, со свои актери и приказни. Го поздравуваш ли овој тренд?
- Апсолутно, се радувам и навивам да продолжи ваквиот тренд. Со самиот факт дека се создаваат наши, македонски серии значи дека се креираат продукти во кои македонскиот народ полесно ќе се препознае. Се надевам дека ќе почнеме да гледаме телевизија иако „Фамилијата Марковски“ ќе оди и онлајн, така што верувам дека голем број луѓе ќе ја гледаат и на интернет. Сепак, целиот овој тренд значи многу и за пласирањето на домашните продукти надвор од Македонија.

Годинава дипломира актерска игра на ФДУ. Кој е твојот актерски предизвик? Сонуваш ли за голема театарска улога, соработки со познати режисери и со поискусни колеги со кои ја делите страста за оваа уметност?
- Се надевам дека во иднина ќе имам повеќе можности да работам на филм и во театар. Искуството во серијата ми помогна да се вљубам во оваа форма на изразување, а театарот го доживувам како вистински предизвик. Секако дека имам желба да работам со големи професионалци и уметници. Не би издвоила одредени имиња бидејќи сметам дека како млада актерка, учам и се надградувам преку секое искуство.

Дали имаш веќе најавени проекти за есенва?

- После снимањето на серијата работев на краткометражен дипломски филм и гостував во серијата „Инсајдер“ како епизоден лик. Тоа би можела засега да го најавам, па за понатаму ќе видиме.