Автентичен студентски активизам на Правниот факултет при УКЛО

Автентичен студентски активизам на Правниот факултет при УКЛО

forum

Покрај редовните активности на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски” - Битола, факултетот отворено го поттикнува и поддржува студентскиот активизам и студентското организирање. Па така, уште во 2013 година, студентите м-р Никола Петровски и м-р Никола Илиевски успешно го завршуваат тренингот за координатори и заедно со уште десетина свои колеги од додипломските и постдипломските студии на Правниот факултет во Битола ја формираат студентската група „Студенти за слобода” – Македонија, како дел од мрежата на “Европските студенти за слобода”, притоа преземајќи ја западноевропската практика каде студентските групи се составен дел од високообразовниот процес. Иако тоа важеше за нешто сосема ново во тоа време, но и нејасно како таа студентската група би станала одржлива, Правниот факултет најпрво им ги понуди своите простории за нивните активности и излезе во пресрет и на други барања, неопходни за елементарно функционирање на оваа студентска група.  

Инаку, „Европски студенти за слобода” (European students for liberty) претставува европски огранок на меѓународната мрежа „Студенти за слобода” (Students for liberty) која има свои студентски групи речиси на сите континенти. Организацијата постои со цел поддржување на студентите и студентските групи кои преку grassroots акции ги промовираат идеите на слободното општество, индивидуалната слобода, слободниот пазар и владеењето на правото и правната држава. Нивната мисија е развивање, едуцирање и поттикнување на следните генерации на лидери во глобалното движење за слобода преку обучување на локални и национални координатори.

На Правниот факултет во Битола покрај редовните состаноци, се организираа три лидерски форуми, студентски дискусии и промоции на книги преведени од студентите. А во соработка со Институтот за истражување и европски студии - Битола и порталот за право„“Правдико”, се реализираа и конкурси за најдобар есеј и панел дискусии.

tara

Заедно со Институтот Охрид и Институтот Ајн Ранд во 2015 год. се организираа и две предавања на Проф. д-р Тара Смит од Универзитетот во Тексас, САД. Забележувајќи го недостатокот на литература за да можат да ги пренесат своите идеи и на останатите колеги, студентите преведоа и отпечатија три книги од авторот Том Палмер: „Зошто слобода” (2015), „Мир, љубов и слобода” (2017), и „Моралноста на капитализмот” (2017). Ваквиот проект беше поддржан од Фондацијата Атлас Нетворк од САД. Во својство на уредник и автор на предговорите на две од овие книги, беше и Деканот на Правниот факултет Проф. д-р Горан Илиќ, кој и денес недвосмислено ја изразува својата поддршка при организирањето на Регионалната конференција на „Европските студенти за слобода” која ќе се одржи на 21 октомври 2017 год. во Битола. Вклучувајќи ја и конференцијата во Битола, оваа година ќе бидат реализирани вкупно 18 конференции низ Европа, организирани од страна на локалните студентски групи кои се дел од мрежата на „Европските студенти за слобода”.

promocija

Регионалните конференции се одлична можност за вмрежување на студентите и студентските групи и поради тоа се организираат секоја година. На конференцијата ќе учествуваат учесници и предавачи од земјава и странство, кои преку интерактивни дискусии ќе ги соочат своите ставови и погледи за слободата и нејзиното место и значење во современото општество.

Инаку, пријавувањето за оваа Регионална конференција е во тек, а секој заинтересиран за учество може да се пријави со пополнување на апликацијата ТУКАИако акцентот е ставен врз студентите, учесници можат да бидат и сите оние кои се заинтересирани за темите кои ќе се обработуваат на Конференцијата. Повеќе околу деталите за овој настан ќе можете да најдете на „Фејсбук“ страницата на Студенти за слобода” – Македонија.