Тамара Димитрова, научник во МАНУ: Преку компјутерска наука сака да истражува имунологија на рак

Тамара Димитрова, научник во МАНУ: Преку компјутерска наука сака да истражува имунологија на рак

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Лектор: Ивана Кузманоска

Денеска и утре, како дел од проектот EURAXESS ENCIRCLE поддржан од Европската комисија, во Скопје ќе се одржи конференција чија цел е подобрување на истражувачките можности во Македонија преку зголемен развој на меѓусекторската соработка, развивање вештини за планирање на истражувачките кариери, воспоставување мрежа за собирање и пренесување на истражувачките искуства и подобрување на мобилноста на истражувачите.



Научници од цела Европа кои ќе зборуваат за современите состојби и тенденции во различни области - од иновации, невронаука, биологија, теорија на мрежи, машинско учење, психологија, епидемиологија, како и Mакедонци што се истражувачи на различни институти и факултети низ Европа, денеска и утре ќе бидат дел од значајна конференција во организација на Македонската академија на наукитe и уметноститe и Центарот за компјутерски науки и информатички технологии.

Со поддршка од државата, одлеаните мозоци може да се вратат

Тамара Димитрова, истражувач во МАНУ, за Факултети.мк вели дека проектот EURAXESS ENCIRCLE поддржан од Европската комисија има цел подобрување на истражувачките можности во Македонија преку зголемен развој на меѓусекторската соработка, развивање вештини за планирање на истражувачките кариери, воспоставување мрежа за собирање и пренесување на истражувачките искуства и подобрување на мобилноста на истражувачите. Конференцијата е намената за студенти, научни работници и истражувачи од сите научни дисциплини и се фокусира на промовирање наука и истражување.

- Оваа конференција нуди можност студентите и истражувачите во Македонија да се запознаат со различни теми. Бидејќи е интердисциплинарна, речиси сите учесници можат да најдат интересни теми за проширување на нивниот видокруг на знаење и истражување. Реномирани професори и истражувачи ќе бидат достапни неколку дена во Скопје за да ги пренесат своите знаења и искуства во текот и по конференцијата – вели Димитрова.



Македонските истражувачи и научници се соочуваат со големи проблеми кога е во прашање науката и постојано апелираат дека е потребна помош од државата. Димитрова вели дека од нејзиното досегашно искуство и познавање, истражувачите во земјава генерално се соочуваат со два главни проблема: недостиг на опрема за спроведување на истражувања за да бидат глобално конкуренти во научноистражувачката работа, и ограничен број научноистражувачки места и соодветен буџет за реализација на базични истражувања.

- Државата секако може да помогне да се надминат овие проблеми. Има два чекора кои и други земји веќе ги спроведуваат и имаат прилично голема успешност. Прво, отворање повеќе фондови за работа во основни истражувања - почнувајќи од биологија, физика, хемија, медицина, неврологија, социологија, компјутерски науки, и сите останати што ќе им дадат приоритет на интердисциплинарните истражувања. Така ќе ги поттикнат студентите и истражувачите да соработуваат поцврсто за по завршување на таквите проекти да можат да се обидат да направат спинофи преку кои ќе ги комерцијализираат истражувањата и ќе го преточат во продукти и конкретни решенија.

Според Димитрова, потребно е и да се создадат услови дел од оние истражувачи што се заминати на докторски студии или постдокторски некаде низ Европа и светот да се вратат во Македонија преку формирање специјален фонд за таа намена.

- Ова го има спроведено Естонија, која исто така има проблем со одлив на мозоци, и таму има одлични резултати. Ова подразбира буџет и услови во определен период (3 до 5 години) за развивање човечки ресурси во Македонија и поврзување со институциите со кои повратниците веќе имаат воспоставено контакти – вели таа.

Социологија и невронаука решаваат ист проблем

На конференцијата што денеска и утре ќе се одржи во Скопје ќе има научници од цела Европа кои ќе зборуваат за современите состојби и тенденции во различни области - почнувајќи од иновации, невронаука, биологија, теорија на мрежи, машинско учење, психологија, епидемиологија и уште многу други. Ќе има и Македонци што се истражувачи на различни институти и факултети низ Европа, и тоа не само за да го пренесат своето искуство туку и да направат мостови со истражувачите што работат во Македонија.

- Сите учесници ќе имаат значајни предавањa, ако би морала да издвојам, тогаш - Габор Ватаи од Унгарија, кој ќе зборува за истражување кое беше објавено на страниците на сè уште необјавени статии и по неколку часа стана толку актуелно што во неколку медиуми се зборуваше за него, еден од нив https://www.technologyreview.com/s/608341/how-the-gangnam-style-video-became-a-global-pandemic/ . Инаку, тој ќе зборува дали виралните видеа се шират исто како и заразните болести, илустрирано преку примерот на Gangam Style. А нема кој не се сеќава на таа песна – вели Димитрова. Младата истражувачка во МАНУ е дипломиран инженер за компјутерски науки и информатички технологии. Таа е во исчекување на одбрана на магистерска теза, по што ќе биде специјализирана во насока биоинформатика. Таа вели дека има скромно искуство во индустрија и развој на софтвер, R&D оддели, по што решила да се фокусира само на научноистражувачка работа и да остане во академијата.

- Нешто повеќе од две години сум истражувач во МАНУ и работам на проекти финансирани од Европската комисија и од германски фондации за поддршка на наука. Работам во областа теорија на мрежи, што подразбира развој на теоретски концепти кои подоцна наоѓаат примена во анализа на сè што може да претставиме како мрежа - социјална мрежа, мрежи од мозок, економска трговија, генетски мрежи и многу други примери – вели таа.

Професионален предизвик гледа во интердисциплинарна наука и смета дека многу поголем напредок и скок ќе добиеме при решавање на секојдневните проблеми ако ги имаме различните мозоци и профили што се моделирале во различно образование, да мислат за еден проблем.

- Поради тоа, она што досега го имам сработено и објавено заедно со мојот ментор е секогаш теорија на мрежи поврзана со друга област - во мојот случај социологија или невронаука. Имам интерес и во имунологија на рак, и работа во ова поле преку знаење од теорија на мрежи. Па, еве и ќе искористам, секој што исто така сака да работи во овие области, особено ако е од друга област од мојата, да ми пише и да се обидеме да соработуваме. Нашиот центар е секогаш отворен за луѓе што сакаат да работат со наука – вели Димитрова.