За потребите на едно истражување: 3.000 среќници ќе добиваат по 1.000 долари месечно

За потребите на едно истражување: 3.000 среќници ќе добиваат по 1.000 долари месечно

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

pari

Стартап-инкубаторот „Уај комбинатор“ ги проширува своите истражувања за придобивките од универзалниот основен доход.

Во новиот блог објавен на веб-страницата на компанијата оваа недела, тие го откриваат нивниот план - да изберат 3.000 поединци од две држави во Америка, по случаен избор, и тие да добиваат месечен приход. 1.000 учесници ќе добиваат по 1.000 долари месечно во период од пет години, додека други 2.000 поединци ќе добиваат по 50 долари месечно и ќе служат како контролна група.

„Рандомизираното испитување се смета за еден од најдобрите начини за оценување на влијанието на предложената социјална политика“, пишува директорката на истражувачкиот проект, Елизабет Роудс. „Со споредување на група луѓе кои ќе добиваат основен приход со друга група луѓе кои нема да добиваат, ќе можеме да ги изолираме и квантифицираме ефектите од основниот приход“.

Истражувањето ќе ги искористи резултатите од едногодишниот проект спроведен во Оукланд. Големината на примерокот што се користел во тој експеримент била премногу мала за да ги понуди саканите увиди, меѓутоа, неговата цел била првенствено да воспостави соодветна процедура за ова големо истражување.

Компанијата се надева дека ќе открие како основниот приход може да им помогне на луѓето да се справат со економската нестабилност и несигурност или може да пронајде алтернатива за универзалниот основен приход што ќе ја постигне истата цел.

Силиконската долина го поддржува универзалниот основен приход. Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, како и извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс екс“, Илон Маск, ја даваат поддршката на оваа идеја.

Слични проекти се појавија и во земји како Шкотска, Канада и Финска, меѓутоа, разликата во истражувањето на „Комбинатор“ е во тоа што тие проекти ја имаат поддршката од владата.

Со милиони луѓе изложени на ризик од невработеност поради напредокот на технологијата, сите можни решенија за задржување на овие луѓе над линијата на сиромаштијата се вредни за разгледување.