Душмани по традиција: До кога ќе трае војната меѓу снаите и свекрвите?

Душмани по традиција: До кога ќе трае војната меѓу снаите и свекрвите?

Подготвил: Н.Ф.

Приказните за затегнатите односи меѓу снаите и свекрвите не се ништо новo. Проблематични се на многу места, но, на Балканот, очигледно, се е подраматично. Социјалните работници сведочат за големи кавги и навидум банални причини за разводи поради мешањето на родителите на сопружниците во нивниот живот. Жалби, поплаки, навреди, остри критики на сметка на снаите или свекрвите редовно се дел и од дискусиите на женските групи на социјалните мрежи на Интернет. Во нив деновиве расправијата ја разгоре и „правилник“ напишан од свекрва за тоа како треба да се однесуваат снаите и зошто, а потоа „правилници“ пишуваа и снаите.

Фото: ShutterStock

Што значи вечното ривалство меѓу снааите и свекрвите, зошто овде е толку изразено и како да се поправи климавиот однос меѓу нив прашавме социјални работници и психолози. Сите се согласни дека во проблемите „замешале прсти“ традицијата, културата, општествените услови, сиромаштијата... и дека сите треба да работиме на личниот развој.

Името на детето – повод за развод

Социјалните работници раскажуваат примери кога сопружници се одлучуваат за развод по кавга за името на детето. Свекрвата барала да се вика детето како и свекорот, а невестата веќе одлучила за име. Имало и големи кавги зашто снаата, според свекрвата, не чистела доволно или не готвела убаво.

- Се разбира ова се само поводите за развод, причините се многу подлабоки и посуштински – велат тие.

Душко Миновски, социјален работник, објаснува дека од социјален аспект многу работи потекнуваат од воспитувањето во семејството.

- Многу работи зависат од тоа дали сопружниците се од традиционално семејство или модерно, каде што кон детето се однесуваат со еднаквост. Има мајки кои се поставуваат презаштитнички кон синовите и им ги завршуваат обврските мислејќи дека машко дете не треба да се занимава со нив. Тоа дете потоа кога ќе стапи во брак често не е подготвено за прифаќање обврски. Стереотипоте се учат во семејството, а потоа тие имаат влијание во градење на очекувањата. Секако има и прекрасни семејства во кои се градат зрели, самостојни личности и потоа немаат проблем во односите во семејството. Многу е значајно уште од мали нозе, уште од градинка, на децата да им се зборува за обврските, за добра комуникција со околината – вели Миновски.

Уште долго ќе се непријатели

Релацијата снаа – свекрва, објаснува психологот Лидија Зорба, е традиционално тензична релација која, за жал не прекинува. Таа смета дека општествените услови кај нас уште долго ќе бидат почва за непријателство помеѓу жените во овие улоги. - Една од причините за ова е фактот што во Македонија децата многу доцна го напуштаат родителскиот дом со што е многу забавен, а честопати и прекинат процесот на соодветна физичка и емоционална сепарација на младите од приматните семејства и мајките. Од друга страна, економската состојба е таква што повеќето млади луѓе не можат навреме економски да се осамостојат и во многу случаи и во бракот остануваат економски зависни од родителите. Тоа остава многу простор за повеќегенерациски семејства, но и за потреба на хронолошки возрасните брачни партнери до себе да ја имаат мајката – вели Зорба.

И снаите и свекрвите со ист проблем

Од психолошки аспект, објаснува, и снаите и свекрвите имаат ист проблем - ворасен маж кој за едната е дете и не сака да престане да биде дете, а за другата e сопруг и сака да ја задржи таа улога со оопругата. Поради тоа, однесувањето на синот т.е сопругот станува маниуплативно па и двете жени (мајката и сопругата) се чувствуваат занемарени или помалку значајни во неговиот живот.Така наместо однос на две возрасни жени кои имаат различна улога во животот на синот, т.е сопугот, тие градат ривалски однос кој личи на борба за доминација.

Децата навреме да се осамостојат

- Ваквите ситуации вообичаено водат кон тензија, па некогаш и до разводи во кои двете жени се обвинуваат една со друга. За да не се случуваат, многу е важно родителите да ги воспитуваат децата да бидат самостојни, навреме да го напуштаат родителскиот дом и да формираат семејство во кое примарна улога ќе има брачниот партнер или партнерка. Притоа и да не бидат емоционално и еконономски зависни од родителите – објаснува Зорба.

Нивното значење и функција во животот е неспорно и големо, додава, но традициите во кои синот или ќерката и во бракот се зависни од примарното семејство треба да се напуштаат и најголемото значење да му се даде на семејството кое партнерите доброволно го создале со оној кој самостојно го избрале.

Балканско шаренило

На Балканот, вели Мирослав Пендароски, психолог, психотерапевт и професор по психологија на МИТ-универзитетот, се е специфично, поинакво, разновидно и понекогаш речиси несфатливо.

- Тоа има свои корени во многу различни фактори, па може да се рече дека е мултиаспектно. Прво, колективното, несвесно на Балканот носи една шареноликост која произлегува од националното, фолклорното, културното, религиозното и секое друго богатство. Амалгамирањето на културите, кои се така различни, се случува и во менталитетот на луѓето и традиционалните вредности на овие простори. Сите различности како да исчезнуваат кога станува збор за сфаќањата на традиционалните односи, вредности, ставови и погледи на стварноста – вели Пендароски. Меѓу сите тие појави кои, измешани со живиот, екстровертниот и душегризнички менталитет создаваат бунило од стереотипи, секако централно место заземаат прашањата за односите во фамилијата.

- Ми се чини дека на ниту едно друго место во светот не постои таков суштински, речиси митолошки култ кон се што има врска со зборот потекло, фамилија, односи и вредности. Тој култ се пренесувал низ преданија, приказни, митови, легенди, пишани и непишани факти, но секако и низ генетскиот код. Тој, невидливо во нашата ДНК го носи наталоженото поимање на стварноста на врските во семејните стебла. Во последно време постојат и духовни па и длабинско психолошки објаснувања на овие појави, како на пример системско-динамичките теории за т.н. „поредок на љубовта“ во фамилијарниот систем. Со генерации, дури и до седум и повеќе генерации наназад досегаат врските кои се необјасниви меѓу нашите предци и нас, нивните наследници – објаснува Пендароски.

Постојат невидливи врски, вели тој, кои заедно со традициите кои се овоплотиле во културолоските догми се пренесуваат низ енергијата која тече од нашите претци кон нас, нивните следбеници.

Душмани по традиција?

Кога станува збор пак за односот снаа-свекрва, објаснува, компликациите настануваат поради фактот дека два фамилијарни поредоци се мешаат во еден нов соживот. Освен тоа, овој однос е врвен во смисла дека е најмногу озборуван, опишуван, исмеван и оцрнуван, до степен што речиси е невозмозно некој поинаку да го менаџира. Тоа значи дека во коските на балканскиот човек постои едно вкоренето верување дека снаата и свекрвата се душмани еден на друг, односно дека просто тој однос е осуден на неуспех.

Кога свекрвата диктира, снаата е пасивно-агресивна

- Таквиот традициоиналистицки и социјално-психолоски притисок се зголемува со фактот дека се работи за женско-женски однос. Зошто е тоа така?! Затоа што на Балканот жената отсекогаш се сфакала како помалку важниот член на општеството, таа е онаа која треба да молчи, да седи дома и да работи. Таа генерална перцепција за жената му годи на овдешниот маж (со чесни исклучоци) затоа што ја поддржува неговата доминантна улога како „глава на фамилијата“ дури и денес кога многу жени придонесуваат повеќе од мажите во секој поглед. Интересен е фактот што во оваа дијада снаа-свекрва, свекрвата е онаа на која се гледа двојствено. Некои имаат тенденција да ги проектираат лошите особености врз овој лик, па велат дека свекрвата е онаа која доминира, ги кажува правилата, наредува и е строга, додека снаата е послушна, потчинета, мирна и пасивно-агресивна токму заради фактот дека не се поддржува нејзина поголема манифестација- објаснува психологот.

Помала група почесто е другиот случај во кој снаата е мрзелива, валкана, озборува и не е домаќинка. Интересен е фактот, вели професорот, дека најчесто свекрвата која поминува поголем дел од денот со неа е изворот на таа перцепција.

- Да биде уште попарадоксално, свекрвата е несвесна дека тоа е жената на нејзиниот син и сето тоа помешано со едиповиот комплекс создава една несвесна заштитничка улога на мајката кон синот! Одеднаш свекрвата е добрата жена а снаата лошата иако, во глобала, кон сите жени на Балканот се гледа како на завидливи, слаби и недоверливи битија. Инверзијата настанува поради фактот дека оваа жена е на машката страна во овој случај! Забораваме дека свекрвата некогаш била нечија снаа. Значи, врз овој однос има влијание улогата на неговото височество - синот! Уште ако тој е „мамин син“ со неразрешена несвесна љубов кон мајка си, тогаш ситуацијата е горка за снаата – вели Пендароски.

Личен развој и за поголема разбирачка

Оттаму снаата е на позиција во која мора да стане многу трпелива, мудра но и манипулативна за да дојде до подобар статус.

Се разбира не е секаде вака и сето ова не треба да се генерализира. Постојат примери кога луѓето кои не се робови на овие традиционални стеги поинаку го градат и разбираат овој однос.

- Рецептот за подобри односи лежи во нивото на личен развој и свесност за појавите и демократскиот однос на почит кон секое битие во семејниот однос. Во спротивно, се уште, за жал ќе важи девизата дека на Балканот не се умира од болест ами од Балканштина – потенцира професорот.