Овие се петте најдобри книги на тема бизнис во 2017 година

Овие се петте најдобри книги на тема бизнис во 2017 година

Подготвил: Б.Б.


Книги
(Фото: Pixabay)


Во листата најдобри книги за бизнис се најдоа такви кои допираат различни теми, од ефектите на глобализацијата до последиците од сексизмот во Силициумската долина.

На годишниот панел во организација на „Мекинзи“ и „Фајненшал тајмс“, реномирани економисти, професори и уредници избираат највлијателни книги кои се однесуваат на проблемите и предизвиците во владите, компаниите и во општеството. Тоа е и некој вид натпреварување каде што при крајот на годината се избираат најдобрите книги за бизнис.

Издвојуваме некои од оние кои влегоа во полуфинале, а најдобрата деловна книга ќе биде прогласена во месец ноември, оваа година.

Adaptive markets, Andrew W. Lo

Во изминатите неколку децении, економистите расправаа за теоријата на ефикасни пазари, според која инвеститорите и пазарите се рационални и ефикасни, како и за заклучоците на бихевиоралните економисти кои го тврдат спротивното.

Професорот по менаџмент, Ендру Ло, во книгата Adaptive markets тврди дека теоријата за ефикасните пазари е повеќе нецелосна отколку неточна, и нуди нови начини на разбирање како се однесуваат инвеститорите, а се приспособуваат пазарите.

Janesville, Amy Goldstein

Последните претседателски избори во Америка длабоко го поделија населението и донесоа грижа кај средната класа, чии професии почнаа да исчезнуваат под влијание на глобализацијата и големата рецесија.

Новинарката на „Вашингтон пост“, Ејми Голдстајн, отишла во градот кој и тоа како ги почувствувал сите споменати влијанија, Џејнсвил во Висконсин. Спровела обемно истражување зошто толку Американци одвај спојуваат крај со крај.

Reset, Ellen Pao

Ова е една прилично интересна и интригантна приказна. Имено, авторката на книгата, Елен Пао, ја тужела компанијата во која работела, „Клајнер Перкинс Кофилд и Бајерс“ од Силициумската долина. Причината била родова дискриминација што на крајот резултирала со отказ. Случајот стасал до судење во 2015 година и станал спектакл во технолошкиот свет.

Судот пресудил во корист на компанијата, но Пао ја продолжила својата „крстоносна војна“ за правата на жените во технолошкиот свет. Таа би сакала жените во овие индустрии да не молчат, туку да се борат против сексизмот. Во книгата објаснува што сè проживеала во изминатите неколку години и кои лекции ги научила.

The one device, Brian Merchant

Оваа година се одбележува десетгодишница на Ајфон, уредот кој ја направи „Епл“ највредна компанија на светот и го промени начинот на кој луѓето ја користат технологијата.

Авторот на книгата ги анализира одлуките и клучните моменти кои довеле до развој на овој популарен, паметен телефон.

The spider network, David Enrich

Ова е книга за тоа како во 2006 година шест банкари од различни делови на светот направиле сојуз за да манипулираат со мала група на луѓе што ја одредиле вредноста на Libor (London interbank offer rate), која одредува каматни стапки за повеќе милијарди долари глобални кредити, и на тој начин заработила милиони. Се разбира, шемата била разнишана и се распаднала на спектакуларен начин.

Авторот на книгата за оваа комплексна финансиска приказна, ја претвора во лесно сварлив, напнат трилер.