Започна 38. издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ со легендарните кинематографери Лом и Ротуно

Започна 38. издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ со легендарните кинематографери Лом и Ротуно

1

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ започна со традиционалното доаѓање на домашните и странските гости на црвениот килим пред Центарот за култура во Битола.

Свеченото отворање на фестивалот беше во знакот и во чест на доделувањето на лауреатите на двете награди за животно дело: „Златна камера 300“, на великаните на светската кинематографија - Пјер Лом и Џузепе Ротуно, а заврши со проекциите на филмовите „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски и „Насоки“ во режија на Стефан Комадарев и кинематограферот Веселин Христов.

На фестивалот се обрати и директорот Благоја Куновски - Доре. Тој ги поздрави присутните и им се заблагодари на сите оние што придонесоа за одржувањето на „Браќа Манаки“.

2

„Фестивалот е резултат на трудот на нашиот тим, кој со здружени сили, многу верба, ентузијазам, издржливост и голема одговорност го овозможува одржувањето на овој фестивал. Пред последниве две години од позиција на директор на фестивалот, долги години работев и како уметнички директор, а мојата генерациска привилегија беше да бидам сведок и на основањето на фестивалот и еве сега сме на дофат на четиридеценискиот јубилеј“, рече Куновски.

„Ние сме горди што нашиот фестивал ’Браќа Манаки‘ е дел од стоте филмски фестивали што ја слават вистинската филмска уметност“, додаде Куновски.

Наградата за животно дело „Златна камера 300“ му припадна на славниот италијански кинематографер Џузепе Ротуно, кој не беше во можност да дојде во Битола, но преку видеопорака ѝ се обрати на публиката во Македонија и рече: „Ви благодарам многу за оваа награда, му благодарам на фестивалот ’Браќа Манаки‘ за вашата волја да ми ја дадете наградата и тоа ми е големо задоволство“.

2

Во име на Ротуно, заслужен за над 80 филма што ја дефинираа европската кинематографија, наградата ја прими неговиот некогашен студент, а сега и самиот кинематографер – Лука Коасин. Тој беше почестен од оваа можност и задоволен што фестивалот „Браќа Манаки“  го одликува делото на овој значаен кинематографер. 

Втората награда за животно дело „Златна камера 300“ му припадна на францускиот и светски кинематографер Пјер Лом, а му беше врачена од страна на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

-Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам на сите мои колеги филмаџии, а посебно кинематографери, бидејќи тие се оној „прв човек зад камерата“ што ни покажува од каде почнал филмот, токму оние што биле зад камерата и ги снимале подвижните слики се првите филмаџии. Што се однесува до мене, сметам дека имав многу среќа во животот затоа што работев со луѓе на кои филмот им беше најважната работа во животот и се надевам дека овој фестивал ќе успее и вам да ви ја долови таа страст“ рече Пјер Лом.

3

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, пак, која ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија, оваа година првпат ѝ припадна на институција, а не на личност. Претседателот на ДФРМ, Роберт Насков, ѝ ја посвети наградата на најстарата продуцентска куќа во Македонија, „Вардар филм“, која оваа година одбележува 70 години од формирањето.

Пред почетокот на проекциите на краткометражниот филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски и „Насоки“, филмот во македонско-бугарско-германска копродукција, се обрати и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

4

„До денес многу кинематографери од Македонија, Европа и од светот ги споделија со нас своите врвни уметнички остварувања на нашиот меѓународен фестивал на филмската камера. Наспроти разликите, сите филмови имаат едно нешто заедничко, а тоа е контрастот меѓу темнината и светлината, и физичката, но и етичката. Затоа, кога ни се чини дека темнината натежнува и ситуацијата изгледа безнадежна, треба да се сетиме на зборовите на еден наш поет, дека ноќта е најтемна пред разденување. Светлината најјасно свети во најмрачните моменти“, рече претседателот Иванов и го прогласи фестивалот за отворен.