КОЛУМНА: Зошто си ме мајко родила?

КОЛУМНА: Зошто си ме мајко родила?

Лектор: Ивана Кузманоска


 
Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Време е да се позанимаваме со суштината на нештата. Прашањето е само од каде да почнам?! Најпрвин, поднесувањето иницијативи некако стана премногу лесен залак деновиве. Откога се отвори Пандорината кутија на слободното изразување, ела сега па запри ги ако можеш. Една ОП - сите СКОК! Суштината на нештата не е да се гледаат само добрите и лошите страни на лебот, ами да се види дека лебот има и празнини поради кои е помек во суштина. Што сакам да кажам?! Иницијативата за подолго породилно отсуство се спроведува доста организирано во сите градови. Пеки, доста веќе од чорбаџии само во главниот град. Но никаде не гледам сериозна јавна дебата, факти и статистики кои укажуваат на потребата од донесување такви измени, што (ќе) значи тоа за економскиот раст и развој на државата, економијата, ако се земе предвид дека голем број од вработениот кадар е жена-потенцијална родилка, и всушност колкав процент е точно тоа „голем број“, дали има некој направено демографско истражување со реална прогресија и претпоставка согласно породилно во просек, дали има проекција за тоа дека повеќе ќе користат од руралните или урбаните средини, каква е досегашната пракса, дали избориве (ќе) имаат некое влијание по однос на прашањево, итн.

Многу прашања отворени, а само еден потпис се бара. Некако непоткрепено звучи, па затоа дури по малце и се согласувам со некои изјави дека „Мрзлив народ сме ти ние“. Ако генерализираме дека голем број млади чекаат вработување преку партија во државна служба, чекаат некој друг да ги вработи, и жално е што амбиција на мнозинството е закрилата на едната или другата политичка странка. Жално е што не се афирмира идеја на сопствен бизнис, надвор од партија и тендери. Нема да спорам за капацитетот кој ни бега, фрустриран токму од овие (у)пикувања во државна администрација, директно од улица во фотечја. Зборувам за капацитетот кој се гради со годините, со кадарот кој се обучува, женскиот дел од кадарот кој е тука и вработен и наеднаш му се фрла в уста жежок компир. Тој го гледа гладно, убаво му струјат низ глава 18 месеци без нервоза од секакви-ми-ти нечовечки и неколегијални односи на работа, од фрустрирани колешки и шефици, па си вика: „А што да не? Еден Голем одмор нема да ми штети“. Но, што потоа? Дали ова може да значи дека потенцијално ќе се отвораат и „слободни работни места“? Затоа што 450 дена се 450 дена, драги мои. Работата не чека ни 45 часа, а камоли 450 дена. И не, не е до работодавците, тие треба да се снаоѓаат за да им врви работата. Прашањето е поголемо од правата на жените, правото да раѓаш и да имаш право на породилно отсуство. Прашањето е како тоа ќе се искалкулира во отворени работни позиции и работни места за шах-мат после нечиј скоро еден мандат?!

И додека едните го рушеа тој ЖЕНСКИ капацитет со кампањи за „трето дете“, со разноразни награди и субвенции како да е детето земјоделски производ, со пензии и финансиски надомести, другиве му даваат можност да седи подолго „во инкубатор“. Па така, во суштина, лебот е добар, ама гои.

Да не се разбереме погрешно, јас сум ЗА иницијативата да се продолжи породилното, но тоа да биде издржано донесена одлука базирана на факти, статистики кои ќе покажат дека реално нема да се одрази негативно врз општествената средина и заштитата на жените - мајки по однос на нивните работни места. А дека ќе има бумеранг – ќе има. Њутнов закон мора да се знае – после секоја акција има и реакција.

Но се плашам дека најголемата реакција ќе биде после 18 години, секако, кога ќе те праша: Зошто си ме мајко родила: за 8.000 денари или за 450 дена одмор од работа?

Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.