Проверувајте ги децата дали имаат вошки!

Проверувајте ги децата дали имаат вошки!

Подготвил: Н.Ф.

Лектор: Ивана Кузманоска

Родителите редовно да им ги проверуваат косите на децата за вошки или гниди, особено оние што имаат многу контакти со други деца. Во некои образовни установи има поединечни случаи на вошки. За да не се рашират, овие деца не следат настава сè додека не им бидат исчистени косите.


Фото (извор)

Во овој период, велат воспитувачките и наставниците, знаат да се појават вошки, па затоа е добро да се прават редовни прегледи.

Вошките се мали инсекти кои живеат во косата на луѓето и се хранат со мали количества крв, која ја цицаат од скалпот на главата. Тие положуваат јајца, кои се нарекуваат гниди.

Сашо Јовановски, директор на Основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Скопје, вели дека имале индивидуални случаи на вошки.

- Имавме еден-два индивидуални случаи. Ги повикавме родителите, ги информиравме и им кажавме да не ги носат децата додека не им ги исчистат косите.

Вработените добија насоки да обрнат внимание, зашто, нормално, не би сакале да имаме ширење на вошки - објаснува Јовановски.

Раде Жегарац, директор на скопското Основно училиште „Блаже Конески“, вели дека нема информации за случаи со вошки во школото и дека знаат да се појават на почетокот на школската година. Во аптеките се продаваат средства кои се ставаат на косата како превенција од вошки.

- За децата што се склони да фаќаат вошки, советувам родителите да ја разгледаат можноста за употреба на вакви средства - вели Жегарац.

Во многу градинки негувателките им ги прегледуваат косите на децата секој понеделник.

- Тоа го прават ненападно, кога ќе легнат да спијат. Ова време се појавуваат вошки зашто има повеќе деца во градинка, студено е и повеќе се внатре, шетале летото, па и може да си ги пренесат - објаснува Валентина Божиновска, директорка на градинката „Весели цветови“ во скопска Кисела Вода.

Таа вели дека ги опоменуваат родителите да ги проверуваат децата.

- Знаеме и да сме побрзи од родителите, побрзо да ги забележиме вошките. Некогаш се лутат кога ќе ги информираме, но тоа е. Детето во градинка се враќа со исчистена коса - додава Божиновска.

Најчестиот симптом за присуство на вошки е чешањето, особено на задниот дел од главата и вратот, близу ушите. Вошките не скокаат, ниту, пак, летаат. Тие едноставно се шират преку директен контакт на глава со глава, а многу поретко преку користење исти предмети со некој што има вошки (чешел, облека, постелнина, крпи).

Гнидите се закачени на влакната и не се отстрануваат лесно. Вошките се движат брзо и тешко се забележуваат. Најлесно се уништуваат со специјалните медицински шампони за коса, а користењето густ чешел помага во ослободувањето на гнидите.

И д-р Лилјана Лазаревска од Центар за јавно здравје-Скопје вели дека сега може да се шират вошките затоа што децата се почесто затворени и имаат близок контакт. - Би советувала родителите да се консултираат со матичен или кожен лекар пред да се одлучат за превентивно средство - вели д-р Лазаревска.