Патниците се оставени сами на себе ако банкротира авиокомпанијата со која треба да патуваат

Патниците се оставени сами на себе ако банкротира авиокомпанијата со која треба да патуваат

Подготвил: Д.Ф.

Лектор: Ивана Кузманоска

Прогласувањето банкрот не значи дека авиокомпанијата веднаш ќе престане да лета, туку тоа е последна опомена пред таа целосно да биде ликвидирана, објаснуваат од туристичките агенции што посредуваат при продажба на билети.



Никој не ги штити граѓаните што имаат купено авиобилети во случај да банкротира авиокомпанијата со која треба да летаат. Во најголем број случаи, доколку веќе се на избраната дестинација и треба да се вратат назад, сами ќе мора да се снаоѓаат за да си го платат повратниот авионски билет. Во вакви ситуации е неизвесно дали ќе успеат да си ги вратат парите што ги платиле за авиобилетите.

Прашањето за обесштетување на патниците во случај на банкрот на авиокомпанијата се отвора по последниот случај со британската авиокомпанија „Монарх ерлајнс“, која банкротира пред неколку дена и остави 110.000 патници блокирани во странство. При објавата на информацијата за банкротот, компанијата објави и дека нема да им бидат вратени парите на тие што веќе имаат купени билети бидејќи се откажани сите летови на „Монарх ерлајнс“. Поради финансиските проблеми на компанијата, откажани се 300.000 резервации за 750.000 патници.

Од туристичките агенции што посредуваат при продажба на билети објаснуваат дека прогласувањето банкрот не значи дека авиокомпанијата веднаш ќе престане да лета. Банкротот е последна опомена пред авиокомпанијата целосно да биде ликвидирана, така што тие што имаат купено билети може и да успеат да го реализираат својот лет. Сепак, доколку луѓето со купени билети треба да летаат по неколку месеци откако ги набавиле билетите, постои голема веројатност да ги изгубат парите.

- Дали на патниците со купени билети ќе им бидат вратени парите, зависи од повеќе фактори. Најважно е какви се законите во земјата каде што е регистрирана авиокомпанијата или агенцијата што ги продала билетите, но и од договорот што агенцијата го има со авиокомпанијата. Во секој случај, за разврска на целата ситуација дефинитивно треба повеќе време, што значи дека патниците не може да очекуваат веднаш да си ги добијат парите назад – објаснуваат од туристичките агенции.

Ниту патничкото осигурување што туристите задолжително треба да го извадат пред да патуваат во странство не покрива вакви ситуации. Осигурителните агенти велат дека овој вид осигурување се однесува само на здравствено осигурување, а за одредена дополнителна сума може да се осигура и багажот од доцнење или губење. Ситуации како што се оставени туристи во странство поради банкрот на авиокомпанијата не може да се покријат со осигурување.

Во изминативе години неколку поголеми светски авиокомпании прогласија банкрот. Освен „Монарх ерлајнс“, годинава банкротира и „Ер Берлин“. Во 2012 година банкрот прогласи и унгарскиот авиопревозник „Малев“, кој леташе и до Скопје, како и „Спанер“, а две години претходно во иста ситуација се најдоа и „Мексикана“ и „Јапан ерлајнс“. Некои од овие авиокомпании сè уште оперираат додека се обидуваат да ги надминат финансиските проблеми под надзор на судовите за банкрот, дел успешно се справија со проблемите, додека некои по извесно време беа ликвидирани и повеќе не постојат.