Далеку потпросечни во мајчин јазик и во математика се 617 милиони деца во светот, тука некаде е и Македонија

Далеку потпросечни во мајчин јазик и во математика се 617 милиони деца во светот, тука некаде е и Македонија

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Најизненадувачки и најалармантно е што две третини од овие деца, всушност, одат на училиште



Околу 617 милиони деца и адолесценти во светот немаат основни вештини во читање и математика, покажуваат новите податоци од Институтот за статистика при Организацијата за образование, наука и култура (УНЕСКО) при Обединетите нации. Ниту Македонија не е изолирана од овие алармантни податоци. Високи 80 отсто од основците од пониските одделенија се под нивото на меѓународниот стандард во разбирање на прочитаното, додека во математиката имаат поголем проблем со собирање, одземање и со текстуалните задачи. Овие податоци неодамна ги презентира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ од истражувањето што лани го спровеле врз 8.000 деца во Република Македонија.

УНЕСКО: имаме криза во учењето

Фрапантните бројки сигнализираат на „криза во учењето“ и според Институтот, може да ја загрозат агендата за одржлив развој на Обединетите нации, соопшти УНЕСКО. Повеќе од 387 милиони основци (56 отсто) и 230 милиони адолесценти во пониските средношколски класови (61 отсто) нема да постигнат минимални нивоа во вештините во читање и математика. Анализата вели дека Потсахарска Африка сè уште е на врвот на листата, со 202 милиона деца и адолесценти што не ги изучуваат двата основни предмета. Така, девет од десет деца на возраст од 6 до 14 години нема да имаат минимални вештини во читање и во математика. Централна и Јужна Азија имаат втора највисока стапка - со 81 отсто или 241 милион деца што учат, а не научуваат.

Повеќето од децата одат во школо

Најизненадувачки и најалармантно е што две третини од овие деца, всушност, одат на училиште.
- Од 387 милиони деца од основно училиште што не знаат течно да читаат, 262 милиона се во училница. Околу 137 милиони адолесценти од пониските средни одделенија во училница не можат да ги постигнат основните задоволувачки способности за читање – велат од Институтот.
Податоците укажуваат дека новите фрапантни бројки се резултат на три вообичаени проблеми: слаб пристап до училиштата (за децата што не одат на училиште), неуспехот да се задржи секое дете во училиште и да го продолжи образовaнието и проблемот со квалитетно образование кое го добиваат децата во училницата.

Каква е состојбата во Македонија?

Факултети.мк неодамна ја објави состојбата во Македонија, која е слична со податоците од УНЕСКО. Фондацијата „Чекор по чекор“ лани истражувала колку учениците од второ и од трето одделение знаат да читаат и да решаваат математички задачи соодветни за нивната возраст. Координаторка на истражувањето била Викторија Димитровска. Резултатите покажале дека нашите деца вешто препознаваат букви, читаат поврзани зборови, но проблем им е кога треба течно да ги прочитаат зборовите за да може да одговорат точно на прашањето за разбирање. Што се однесува до разбирањето на тоа што го читаат, полесно ги влечат фактичките информации од текстот, но тешко ги поврзуваат со различни делови од текстот, даваат свое мислење, предвидуваат што би се случило понатаму во текстот.



- Во однос на математиката, учениците имаат проблем со одземање, собирање и решавање на текстуалните задачи, што повторно се вештини кои се учат преку вежбање – вели Димитровска.

Учиме да читаме, па читаме за да учиме

Таа потенцира дека резултатите кај сите ученици може да се подобрат, но децата треба редовно да вежбаат решавање задачи и читање. Дополнително, потребно е да им се поставуваат прашања кои ќе го поттикнат развојот на размислувањето. Таа апелира до родителите и до наставниците да обрнат внимание на овие теми бидејќи се основни вештини кои подоцна се неопходни за понатамошниот живот.
- До четврто одделение учиме да читаме, а потоа читаме за да учиме. Ако децата не ги стекнат основните јазични вештини до четврто одделение, потешко ќе се вклопат во наставата. Нашиот проблем е практичната примена на знаењето - вели Димитровска.
Оваа состојба во Македонија е сплет на многу околности: наставната програма не предвидува доволно вежбање на јазичните вежби и математичките операции, дали е ученикот од рурално или градско подрачје, образованието на родителите и слично.
- Сите тие фактори влијаат, но потребно е родителите и наставниците да соработуваат - објаснува Димитровска.

Повик за будење

Од УНЕСКО велат дека бројките се зашеметувачки и од аспект на потрошен човечки потенцијал и од аспект на изгледите за постигнување одржлив развој.



- Сепак, многу од овие деца не се сокриени, ниту изолирани во околината и во заедниците во кои живеат. Тие седат во училишните клупи, секој со сопствениот стремеж и потенцијал. Можеме да допреме до овие деца, но тоа не можеме да го сториме едноставно надевајќи се дека ќе останат во училиште и ќе го грабнат основното знаење. Овие нови податоци се повик за будење за многу поголеми инвестиции во квалитетот на образованието – вели Силвија Монтоја, директорка на Институтот.